Антиглобализам

(Пренасочено од Антиглобализација)

Антиглобализам или Антиглобалистичко движење — термин кој најчесто се користи за да се опишат и генерализираат социјалните групи кои протестираат против глобалните трговски договори, за негативните ефекти на слободна трговија во сиромашниот свет, оштетувањето на животната средина и меѓународната воена интервенција, или кои се плашат од негативните последици од глобализацијата. Антиглобализациските групи се борат за намалување на моќта и влијанието на меѓународните корпорации и организации како Светската банка, економски и политички сојуз на народи и трговски договори кои влијаат на нацијата, народ и на животната средина.

Различни аспекти од глобализацијата се сметаат за штетни од страна на активистите за јавниот интерес како и за националистите од моќните држави. Ова движење нема унифицирано име. „Антиглобализација“ е терминот кој се претпочита во медиумите. Самите активисти сметаат дека ова име е бесмислено и безначајно, со оглед на тоа што целта на ова движење е да се глобализира правдата. Впрочем „глобално движење за правда“ е исто така распространето име. Многу активисти се обединети под слоганот: „Друг свет е можен“.

Има широк спектар на различни видови на антиглобализација. Воглавно, критичарите тврдат дека резултатите на глобализацијата не се она што се предвидувало да бидат кога започнале обидите за слободна трговија, и дека многу институции вклучени во системот на глобализација не ги земаат предвид интересите на посиромашните нации и на работничката класа.

Економските аргументи од страна на теоретичарите на слободната трговија тврдат дека неограничената слободна трговија ги бенефицира оние со поголема финансиска моќ, односно богатите на сметка на сиромашните.

Многу „антиглобализациски“ активисти гледаат на глобализацијата како промоција на корпоративната агенда, чија намера е ограничување на слободата на поединците во име на профитот. Тие исто така тврдат дека растечката автономија и силата на корпорациските ентитети ги обликуваат политиките на националните држави сè повеќе.

Некои „антиглобализациски“ групи тврдат дека глобализацијата е империјалистички проект и дека таа е една од главните причини за Ирачката војна и дека поради глобализацијата, мнозинството на финансии се влеваат во државната каса на САД наместо во државните каси на сиромашните држави во развој.

Протестите од страна на глобалните движења за правда принудија средбите на високо ниво да се одржуваат надвор од големите градови каде што вообичаено се одржуваа односно да се преместат во далечни локации каде што протестирањето е непрактично.

Некои „антиглобализациски“ активисти сметаат дека моменталната „глобализација“ ги глобализира парите и корпорациите, и во исто време одбива да ги глобализира луѓето и синдикатите. Ова може да се види од недостигот на работнички права во многу држави, како и од стриктните имиграциски контроли во целиот свет во развој.