Ана Каренина (филм од 1997)
„Ана Каренина“ (англиски: Anna Karenina) — филм на режисерот Бернард Роуз (Bernard Rose) од 1997 година. Роуз е автор и на сценариото, засновано врз истоимениот роман на Лав Толстој од 1876 година. Главните улоги ги играат: Софи Марсо (Sophie Marceau), Шон Бин (Sean Bean), Алфред Молина (Alfred Molina), Миа Киршнер (Mia Kirshner), Фиона Шо (Fiona Shaw), Џејмс Фокс (James Fox) и Дени Хјустон (Danny Huston).[1]
Содржина
уредиАна Каренина (ја игра Марсо) доаѓа во Москва за да се обиде да го спаси бракот на својот брат Стива (го игра Хјустон) чија сопруга дознала дека тој има љубовница. Во таа прилика, случајно го запознава грофот Вронски (го игра Бин), кој веднаш се вљубува во неа на разочарување на младата кнегиња Кити (ја игра Киршнер) која, пак, е вљубена во него. Набргу, Ана и Вронски стануваат љубовници, но и мета на оговарање во високото општество. Сопругот на Ана дознава за врската и ја уценува со нејзиниот син, но таа го напушта домот и започнува заеднички живот со Вронски. На почетокот, таа е среќна, но постепено на неа паѓа товарот на жена која е презрена и отфрлена од сопругот и од општеството, а тоа ја прави несигурна, несреќна и дури започнува да се сомнева во љубовта на Вронски...