Азов (бригада)

полк на украинската национална гарда

Бригада „Азов“, официјално 12-та бригада за специјални намени „Азов“ (на украински: 12-та бригада спеціального призначення «Азов») — формација на Националната гарда на Украина. Основана е на 5 мај 2014 година во Бердјанск, за време на Украинската криза, како доброволен баталјон на патролната служба на милицијата за посебни намени, дел од Министерството за внатрешни работи.[1] На 17 септември баталјонот е реорганизиран и проширен во полк на милицијата за посебни намени. Во октомври 2014 година формацијата брои околу 800 припадници.[2] Во ноември истата година полкот станува посебна единица за специјални намени на Националната гарда на Украина. Од февруари 2023 година е бригада за специјални намени.

Ознака на единицата од 11 август 2015 г.

Седиштето на единицата е во Мариупол, Донецка Област, но бидејќи градот е под контрола на ДНР (иако де јуре Украина го смета за своја територија), привремено е сместена во селото Урзуф, близу Мариупол, како и во Бердјанск и во престолнината Киев. Прв командир на формацијата е Андреј Билецки, а тековен е Денис Прокопенко. Сегашната ознака на единицата се користи од август 2015 година и на неа е прикажан симболот „Идеја на нацијата“ (Ідея Нації), поврзан со германскиот симбол Волфсангел, претходно користен и во нацизмот.

Бригадата „Азов“ станува озлогласена по обвинувања за тортури и воени злосторства, како и поради симпатии на нејзини припадници кон нацистичката идеологија.[3] Поради ова, во 2018 година Конгресот на САД ја прекинува воената помош од донација на опрема, тренинг или каква било друга поддршка за единицата.[4] Единицата служи како подлога за основање на Национален корпус, крајно-десничарска политичка партија во Украина, во октомври 2016 година.[5]

Наводи

уреди
  1. „Командир полку «Азов» Андрій Білецький: Ті, хто проливає кров за Україну, повинні мати свій голос у владі“. УНІАН (украински). 11 октомври 2014. Посетено на 12 декември 2018.
  2. „Полк "Азов" перепідпорядкують Нацгвардії“. Українські Новини (украински). 9 октомври 2014. Посетено на 12 декември 2018.
  3. „Ukrainian unit accused of Neo-Nazi links wants Canada's help“. Ottawa Citizen (англиски). 26 јуни 2015. Посетено на 12 декември 2018.
  4. „Congress bans arms to Ukraine militia linked to neo-Nazis“. The Hill (англиски). 27 март 2018. Посетено на 12 декември 2018.
  5. „Volunteer battalion Azov members and former members create National Corps political party“. Interfax Ukraine (англиски). 14 октомври 2018. Посетено на 12 декември 2018.