Абиџит Банерџи

индиски економист, добитник на Нобеловата награда за економија

Абиџит Банерџи (бенгалски: অভিজিৎ বিনায়ক বন্দ্যোপাধ্যায়, англиски: Abhijit Vinayak Banerjee; 21 февруари 1961) — индиско-американски економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 2019 година, за придонесот во „разбирањето на процесот на развојот и на ублажувањето на сиромаштијата“, т,е, во методологијата на емпириската анализа на сиромаштијата и во дизајнирањето политики за ублажување на сиромаштијата и за поттикнување на економскиот растеж и развој.[1]

Абиџит Банерџи (2011)

Животопис

уреди

Абиџит Банерџи е роден на 21 февруари 1961 година. Тој работи како професор на Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ).[1]

Творештво

уреди

Анализирајќи ја сиромаштијата во помалку развиените земји, Банерџи забележува дека ниската продуктивност во овие земји е резултат на големите внатрешни разлики во продуктивноста, т.е. на големиот број фирми и пеодинци кои употребуваат нископродуктивни начини на производство. Во соработка со Естер Дифло, Банерџи ги истражувал ефектите од ангажирањето наставни асистенти кои работеле со слабите ученици во училиштата во Индија. Нивните експерименти покажале дека ангажирањето вакви асистенти (тутори) имало значаен позитивен ефект врз зголемувањето на резултатите на децата од сиромашните заедници. Дифло и Банерџи ги анализирале и ефектите од воведувањето мобилни клиники за вакцинација при што покажале дека тоа предизвикало пораст на стапката на вакцинирање од 6% на 18%, а доделувањето бесплатни кесички со леќа на родителите довеле до зголемување на стапката на вакцинација на 39%.[2]

Дифло и Банерџи го истражувале и пошироките развојни ефекти на програмите за микрокредитирање. Нивните експерименти во индискиот град Хајдерабад покажале дека микрокредитите предизвикуваат мали ефекти во однос на потрошувачката по глава на жител и во поглед на издатоците за здравствена заштита и образование на децата на сиромашните луѓе. Исто така, експериментите покажале дека микрокредитите најчесто се користеле за финансирање на постојните бизниси, а помалку за отворање нови бизниси. Така, тие заклучиле дека микрокредитите не се основниот мотор за поттикнување на економскиот развој во сиромашните заедници.[3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 28.
  2. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 29.
  3. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 31.