Џонас Салк
Џонас Едвард Салк (28 октомври 1914 - 23 јуни 1995) бил американски медицински истражувач и виролог, познат по откривањето и развитокот на правата вакцина против детска парализа. Тој е роден во Њујорк и потекнувал од родители кои биле имигранти со руско и ашкенази-еврејско потекло. Иако тие немале многу формално образование, били одлучни да го обезбедат успехот на нивните деца. Додека го посетувал Медицинското училиште при Њујоршкиот универзитет, Салк се истакнал над неговите колеги не само заради неговата академска вештина, туку и заради тоа што избрал да се занимава со медицинско истражување, наместо да стане лекар.
Џонас Салк | |
---|---|
Џонас Салк на аеродромот Копенхаген (мај 1959) | |
Роден(а) | Џонас Едвард Салк Jonas Edward Salk 28 октомври 1914 Њујорк |
Починал(а) | јуни 23, 1995 Ла Џола, Калифорнија, САД | (возр. 80)
Живеалиште | Њујорк Питсбург, Пенсилванија Ла Џола, Калифорнија |
Националност | Американско |
Полиња | Медицинско истражување, вирологија и епидемиологија |
Установи | Питсбуршки универзитет Салков институт |
Образование | Градски колеџ на Њујорк Њујоршки универзитет |
Докторски ментор | Томас Франсис Јуниор |
Познат по | Прва вакцина против детска парализа |
Поважни награди | Ласкерова награда (1956) |
Потпис |
До 1955 година, кога Салковата вакцина била воведена, детската парализа (полиомиелитис) се сметала за најзастрашувачкиот јавен проблем во поствоената историја на Соединетите Американски Држави. Епидемијата од 1952 била најлошата појава на детска парализа во историјата на државата. Од скоро 58.000 пријавени случаи таа година, 3.145 луѓе починале, а 21.269 останале со блага до сериозна парализа,[1] со тоа што најголемиот број на жртви биле деца. Според историчарот Вилијам О’Нил, „...јавната реакција била како кон чума. Граѓаните на урбаните области биле преплашени секое лето кога овај застрашувачки посетител ќе се врател.“ Според еден документарец на PBS од 2009 година, „Освен од атомската бомба, најголемиот страв на Америка беше од полио“.[2] Како резултат на тоа, научниците биле во трка за да пронајдат начин за спречување или лекување на болеста. Претседателот на САД, Френклин Рузвелт, бил светски најпознатата жртва на болеста и ја основал организацијата која ќе го финансира развивањето на вакцина.
Во 1947 година, Салк почнал да работи во Медицинското училиште при Питсбуршкиот универзитет. Во 1948 година, тој започнал проект кој бил финансиран од Националната фондација за детска парализа за да го одреди бројот на различните типови на вирусот на детска парализа. Салк здогледал можнаст да го прошири овој проект кон развивањето на вакцина против детска парализа и заедно со истражувачката екипа која ја составил, се посветил кон оваа цел во наредните седум година. Теренската работа за испробување на Салковата вакцина, според О’Нил, била „најразвиената програма од овој тип во историјата, со 20.000 лекари, 64.000 вработени во училишта и 220.000 волонтери.“ Над 1.800.000 ученици учествувале во пробата.[3] Кога веста за успехот на вакцината стапила во јавноста на 12 април 1955 година, Салк бил наречен „чудотворец“, а денот „скоро станал национален празник“. Неговиот фокус бил да развие безбедна и делотворна вакцина колку што е можно побргу, без интерес за личен профит. Кога бил прашан во едно телевизиско интервју за тоа кој го држи патентот за вакцината, Салк одговорил: „Нема патент. Може ли да се патентира Сонцето?“[4]
Во 1960 година го основал Салковиот институт за биолошки истражувања во Ла Џола, Калифорнија, кој денес е центар за медицинско и научно истражување. Тој продолжил да врши истражувања и да издава книги, во кои се вклучуваат „Man Unfolding“ (1972), „The Survival of the Wisest“ (1973), „World Population and Human Values: A New Reality“ (1981) и „Anatomy of Reality: Merging of Intuition and Reason“ (1983). Салк своите последни години ги поминал барајќи вакцина против ХИВ.
Наводи
уреди- ↑ Zamula E (1991). „A New Challenge for Former Polio Patients.“ FDA Consumer 25 (5): 21–5. FDA.gov
- ↑ „American Experience: The Polio Crusade“ Los Angeles Times, 2 февруари 2009
- ↑ Rose DR (2004). „Fact Sheet—Polio Vaccine Field Trial of 1954.“ Архиви на March of Dimes. 11 февруари 2004.
- ↑ Johnson, George (25 ноември 1990). „Once Again, A Man With A Mission“. The New York Times. Посетено на 5 август 2011.
Надворешни врски
уреди„Џонас Салк“ на Ризницата ? |
- The American Experience: The Polio Crusade видео, 1 час, од PBS (англиски)
- "Legacy of Salk Institute", видео, 30 минути, историја на Салковата вакцина (англиски)
- "Polio Vaccine" intro., Britannica, видео, 1 минута (англиски)
- 100 најважни луѓе на векот на магазинот „Тајм“ Архивирано на 5 декември 2007 г. (англиски)
- Jonas Salk Legacy Foundation (англиски)
- Jonas Salk Trust (англиски)
- Salk Institute for Biological Studies Архивирано на 5 март 2005 г. (англиски)
- Документи поврзани со Џонас Салк и Салковата вакцина Архивирано на 9 мај 2008 г., Претседателска библиотека на Двајт Д. Ајзенхауер (англиски)
- Мрежно место за Џонас Салк на Универзитетот од Питсбург Архивирано на 15 февруари 2005 г. (англиски)
- Салково училиште за наука (Њујорк, САД) (англиски)