Џералд Рудолф Форд Помладиот (анг: Gerald Rudolph Ford, Jr.;[1] роден како Лесли Линч Кинг Помладиот; 14 јули 1913  – 26 декември 2006) ― 38-миот претседател на Соединетите Американски Држави од 1974 до 1977 година. Тој бил единствен претседател на САД кој не бил избран на избори, и единствениот претседател до сега од сојузната држава Мичиген. Претходно бил лидер на Републиканската партија во Претставничкиот дом, а во 1973 година бил назначен за 40-ти потпретседател. По оставката на Ричард Никсон во 1974 година, Форд станал претседател, но бил поразен за изборите за цел мандат во 1976 година.

Ран живот уреди

 
Џералд Форд во 1916

Џералд Форд е роден како Лесли Линч Кинг Џуниор на 14 јули 1913 година, во Омаха, Небраска. Неговите родители се развеле во декември 1913 година, а мајка му го добила старателство над синот. Дедото на Форд од таткова страна, Чарлс Хенри Кинг плаќал алиментација непосредно до пред неговата смрт во 1930 година.[2] Форд израснал во Гранд Рапидс, Мичиген, и се запишал на Универзитетот во Мичиген, каде бил член на универзитетскиот фудбалски тим, со кој освоил две национални првенства. По завршувањето на последната година, ги одбил понудите од Детроит Лајонс и Грин Беј Пакерс, и се запишал на Правниот факултет Јеил.[2]

Втора светска војна уреди

 
Офицерите на бродот Монтереј, 1943 година. Форд е втор од десно, во првиот ред.

По нападот на Перл Харбор (7 декември 1941), Џералд Форд се пријавил во морнарицата на САД,[3] каде служел од 1942 до 1946 година; заминал како потпоручник.

Политичка кариера уреди

 
Билборд за конгресната кампања на Форд од 1948 година.

Откако Форд се вратил во Гранд Рапидс во 1946 година, станал активен во месната републиканска политика. Форд својата политичка кариера ја започнал во 1949 година како кандидат за пратеник во Претставничкиот дом на САД од 5-тиот конгресен округ на Мичиген. Тој се задржал на оваа функција скоро 25 години, а последните девет години бил лидер на опозицијата во Домот. Во декември 1973 година, два месеци по оставката на Спиро Агњу, тогашниот претседател Никсон го именувал Форд да го замени Агњу на функцијата потпретседател на САД; Џералд Форд станал потпретседател според членовите од 25-тиот амандман (кој се применил за прв пат во историјата на САД) и затоа тој е првиот назначен потпретседател на САД. По оставката на претседателот Никсон во август 1974 година, Форд веднаш ја презел претседателската функција (по сила на 25-тиот амандман) со зборовите „нашиот долг национален кошмар заврши“. На 20 август, Форд го именувал поранешниот гувернер на Њујорк , Нелсон Рокфелер, да го пополни ослободеното потпретседателско место, повикувајќи се уште еднаш на 25-тиот амандман.

Претседател на САД уреди

 
Џералд Форд полага заклетва како претседател на САД во Источната соба од Белата куќа, додека Бети Форд гледа.

Како претседател, Форд ја потпишал Хелсиншката декларација, кој била чекор за релаксирање на односите во Студената војна. По падот на Јужен Виетнам девет месеци откако станал претседател, САД се повлекла од учеството во Виетнамската војна. На домашен план, Форд ја предводел најлошата економија во четирите децении по Големата депресија, со растечка инфлација и рецесија.[4] Во едно од неговите најконтроверзни дела, му дал целосна и безусловна амнестија на Ричард Никсон за неговата улога во скандалот Вотергејт. За време на претседателскиот мандат на Форд, надворешната политика се одликувала со зголемена улога на Конгресот во неа и со соодветното ограничување на овластувањата на претседателот.[5] Во републиканската прелиминарната претседателска кампања во републиканскиот табор во 1976 година, Форд го победил поранешниот гувернер на Калифорнија Роналд Реган, станал републикански кандидат за претседател на САД но тесно ги загубил претседателските избори од противкандидатот на демократите, поранешниот гувернер на Џорџија Џими Картер. Историчарите и политиколозите го рангираат Форд како потпросечен претседател.[6][7][8]

По претседателствувањето (1977–2006) уреди

Откако бил сменет од функцијата претседател на САД, Форд останал активен во Републиканската партија. Поради своите умерени ставови за различни општествени прашања сè почесто бил во судир со конзервативните членови на партијата во 1990-тите и раните 2000-ти. Откако се повлекол од политиката, Форд го тргнал настрана непријателството што го чувствувал кон Картер по изборите во 1976 година, а двајцата поранешни претседатели станале блиски пријатели. По низа здравствени проблеми, тој починал дома на 26 декември 2006 година, на 93-годишна возраст.

Наводи уреди

  1. „President Ford Inaugural Ceremony“. C-SPAN.org (англиски). C-SPAN. August 9, 1974. Посетено на January 25, 2021.
  2. 2,0 2,1 Young, Jeff C. (1997). The Fathers of American Presidents. Jefferson, NC: McFarland & Co. ISBN 978-0-7864-0182-6.
  3. Naughton, James M.; Clymer, Adam (December 27, 2006). „Gerald Ford, 38th President, Dies at 93“. The New York Times. Посетено на October 19, 2009.
  4. Frum, David (2000). How We Got Here: The '70s. New York City: Basic Books. стр. xxiii, 301. ISBN 978-0-465-04195-4.
  5. Lenczowski, George (1990). American Presidents, and the Middle East. Duke University Press. стр. 142–143. ISBN 978-0-8223-0972-7.
  6. „Lincoln Wins: Honest Abe tops new presidential survey“. CNN. February 16, 2009. Посетено на December 2, 2020.
  7. „Presidential Historians Survey 2017“. C-SPAN. Посетено на December 2, 2020.
  8. „Presidents 2018 Rank by Category“ (PDF). Посетено на December 2, 2020.

Надворешни врски уреди

Официјални сајтови уреди

Медиумско покривање уреди

Друго уреди