Јулијанска година (астрономија)

единица за време во астрономијата

Јулијанска година (симбол: a или aj) — мерна единица за време во астрономијата дефиниран точно како 365,25 дена, секој со 86.400 секунди според SI-системот.[1][2][3][4] Траењето на јулијанската година е просечното траење на годината во јулијанскиот календар. Сепак, бидејќи астрономските јулијанските години изразуваат времетраење а не означуваат датуми, оваа јулијанска година не соодветствува на годините во јулијанскиот календар или било кој друг. Ниту пак одговара на ниеден од многуте начини на кои се дефинира годината.

Употреба

уреди

Јулијанската година не е мерка во Меѓународниот систем на мерни единици (SI), но признаена е од Меѓународниот астрономски сојуз (МАС) како единица вон SI за употреба во астрономијата.[3] Пред 1984 г. астрономите користеле и јулијанска и средна тропска година. Во 1898 г. канадско-американскиот астроном Сајмон Њуком ја употребил во неговите „Таблици за Сонцето“ во облик на јулијански век (36.525 дена) и „сончеви век“ (36.524,22 дена), заокружен облик на 100 средни тропски години од по 365,24219879 дена според Њуком.[5] Меѓутоа, средната тропска година не е употреблива како мерна единица бидејќи има мали разлики од година во година (6,14⋅10-8 дена според Њуком).[5] За разлика од ова, јулијанската година се дефинира според SI-единицата секунда, па затоа е исто толку точна колку таа единица и не е менлива. Има приближна вредност на ѕвездената година и тропската година со отстапување од ±0,008 дена. На јулијанската година се темели дефиницијата за светлосна година како единица за растојание.[2]

Епохи

уреди

Во астрономијата, епоха означува точен миг во времето. Положбата на небесните тела и настаните измерена од Земјата се менува со текот на времето, па затоа мора да се укаже епохата во која е направено мерењето кога ги мериме или предвидуваме нивните положби. Секои 50 години се одбира нова стандардна епоха.

Тековната стандардна епоха е јулијанската епоха J2000,0. Таа е точно 12:00 ч. земско време или TT (близу но не сосем исто со средното пладне по Гринич) на 1 јануари 2000 г. според грегоријанскиот (а не јулијанскиот) календар. Зборот јулијанска во името означува дека другите јулијански епохи можат да бидат разни јулијански години од 365,25 дена, секоја од нив пред или по J2000,0. На пример, идната епоха J2100,0 ќе биде точно 36.525 дена (еден јулијански век) по J2000,0 во 12:00 ч. TT на 1 јануари 2100 г. (датумите сепак ќе се сложуват бидејќи грегоријанскиот век од 2000 до 2100 г. ќе има ист број на денови како јулијанскиот).

Бидејќи јулијанските години не се точно исти по траење како годините по грегоријанскиот календар, астрономските епохи забележително ќе се разидат од грегоријанскиот календар за неколку стотини години. На пример, во следните 1000 години од грегоријанскиот календар ќе отпаднат седум дена, но не од 1000 јулијански години, па така J3000,0 ќе биде 8 јануари 3000 г. во 12:00 ч. TT.

Разлика од јулијанскиот календар

уреди

Јулијанската година, која е еднообразна мерка за времетраење, не треба да се помеша со годините од историскиот јулијански календар, чие траење се разликува од една година во друга. Астрономската јулијанска година никогаш не носи поединечни бројки. Кога не користат јулијански броеви на деновите (во след. §), астрономите ги следат истите вообичаени календари прифатени во светот: Го користат грегоријанскиот календар за настани од неговото воведување почнувајќи од 15 октомври 1582 г. во некои западни земји (или подоца, зависно од земјата; на пр. 28 јануари 1919 г. во Македонија) и настаните по јулијанскиот календар пред тој датум.

Разлика од јулијанскиот ден

уреди

Поимот јулијанска година не треба да се меша со поимот јулијански ден (поточно број на јулијански ден), кој исто така се користи во астрономијата. Овој ден укажува точе миг во времето без да навлегува во месечниот датум, седмицата, месецот или годината во даден календар. И покрај сличноста на имињата, речиси не постојат допирни точки помеѓу јулијанскиот ден и јулијанската година.

Бројот на јулијанскиот ден е упростен времемерен систем првично осмислен за олеснување на пресметките на историските датуми во разновидни месни идиосинкратични календари. Усвоен е во астроноимјата на средината на XIX век и го претставува секој датум како цел број денови изминати од појдовниот датум („епоха“), избран да биде пред сите (или речиси сите) историски записи. Времето во дадениот ден се претставува како децимална дропка во UTC.

Наводи

уреди
  1. P. Kenneth Seidelmann, изд., The explanatory supplement to the Astronomical Almanac, (Mill Valley, Cal.: University Science Books, 1992), стр. 8, 696, 698–9, 704, 716, 730.
  2. 2,0 2,1 „Measuring the Universe“. International Astronomical Union. Посетено на 22 март 2012.
  3. 3,0 3,1 International Astronomical Union. „Recommendations Concerning Units“. Архивирано од изворникот на 16 февруари 2007. Посетено на 18 февруари 2007. Препечат. од "IAU Style Manual" by G.A. Wilkinson, Comm. 5, in IAU Transactions XXB (1987).
  4. Harold Rabinowitz and Suzanne Vogel, The manual of scientific style (Burlington, MA: Academic Press, 2009) 369.
  5. 5,0 5,1 Simon Newcomb, Tables of the Four Inner Planets, vol. 6 of Astronomical Papers Prepared for the Use of the American Ephemeris and Nautical Almanac (Washington, DC: 1898), стр. 10–11.

Надворешни врски

уреди