Јонче Чинговски


Јонче Чинговски (6 февруари 1926, Велгошти, Охрид - 8 февруари 1983, Скопје) — македонски ентомолог, доктор на биолошки науки.

Јонче Чинговски
Роден 6 февруари 1926
Велгошти
Починал 8 февруари 1983
Скопје, Македонија
Занимање Ентомолог

ЖивотописУреди

Јонче Чинговски е роден во Велгошти, Охрид на 6 февруари 1926 година. Во 1946 г. се запишал на Филозофскиот факлутет во Скопје по завршување на основно и средно образование во Охрид, тој дипломирал по биологија во 1953 г. Први негови работни места биле како професор и наставник по биологија во Средното земјоделско училиште во Битола и во гимназијата во Прилеп. Во 1955 г. Чинговски бил поставен како кустос во Природнонаучниот музеј на Македонија во Скопје, каде што за кратко време станал раководител на Ентомолошкото одделение, а во 1958 г. бил назначен за виш кустос. Во овој период тој работел и на својата докторска дисертација „Биолошки и еколошки проучувања на бадемовата лисна оса Paleocimbex quadrimaculata Müll. во Македонија“, кое го одбранува на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1963 г., со кое што станал доктор на биолошките науки. Во 1974 г. тој е избран за виш научен соработник, а година подоцна и во највисоката позиција на музејот, кустос советник.[1]

Научно истражувањеУреди

Неговата научна дејност започнува во 1955 г. кога започнал да работи во Природнонаучниот музеј на Македонија во Скопје, каде што ги проучувал растителните оси (Sympthyta) на Македонија, кои дотогаш не биле познати не само во Македонија, туку и во Југославија. Неговото капитално дело „Фауна на растителните оси на Македонија“ претставува синтеза на неговото целокупно долгогодишно истражување.

Тој во текот на својот живот имал објавено 25 научни труда, во кои биле обработени над 50 видови на растителни оси кои биле нови во ентомофауната на Македонија и Југославија.

По него е наречена пеперутката која ја има во околина на Плетвар, Pseudochazara cingovskii.

НаводиУреди

  1. Д-р Јонче Д. Чинговски, Fragmenta Balcanica, Природнонаучен музеј на Македонија - Скопје, 1983, Скопје, Yu ISSN 0015-9298, стр. 189-191