Сината е најтоплата боја (филм)

(Пренасочено од Blue Is the Warmest Colour)

Сината е најтоплата боја е француски филм во режија на Абделатиф Кешиш.

Факти за филмот

уреди

Филмот „Сината е најтоплата боја“ (Blue Is the Warmest Colour; La Vie d'Adèle — Chapitres 1 & 2) е дело на тунискиот режисер Абделатиф Кешиш, а главните улоги ги играат Аделе Егзаркопулос (Adèle Exarchopoulos) и Леа Сејду (Lèa Seydoux). Во 2013 година, филмот победил на филмскиот фестивал во Кан, добивајќи ја „Големата златна палма“. Притоа, за првпат во историјата на фестивалот, на „Златната палма“ не стоело само името на режисерот, туку биле напишани и имињата на двете главни глумици.

Фимот предизвикал противречни коментари кај критиката и публиката - од едногласно воодушевување, па до критики дека е непотребно провокативен и шокантен. Во филмот доминираат претерано долги и експлицитни сексуални сцени, прикажани во крупен план, додека глумата е одлична. Во таа смисла, филмот може да се смета како навраѓање кон француската филмска поетика од времето на новиот бран.[1]

Содржина

уреди

Филмот е тричасовна драма во која се разработува најкритичниот период од животот на човекот - преминот од детството во светот на возрасните. Во него се раскажува за односот меѓу Аделе (ја игра Егзаркопулос) и Ема (ја игра Сејду). Аделе е тинејџерка која влегува во светот на возрасните. Таа потекнува од скромно семејство и сонува да биде учителка. Нејзините први сексуални почетоци се очаен обид за нормален почеток на таканаречената Фројдова „генитална“ фаза. Аделе ја открива својата лезбејска природа и навлегува во еден Нов Свет во кој таа запаѓа во љубовна идила. Нејзината партнерка Ема, е прилично постара и потекнува од сосема поинакво опкружување - таа е дел од уметничкиот свет во кој хомосексуалноста е прифатена како нормална појава. Во Аделе, Ема наоѓа уметничка инспирација, но исто така, меѓу двете се развива голема страст и блискост. Сепак, како што одминува времето, нивната врска се претвора во секојдневие, започнува да се раѓа љубомора и потреба од нови искуства и експерименти, така што на крајот, врската се распаѓа.[2]

Наводи

уреди
  1. „Сината е најтоплата боја“, Економија и бизнис, година 16, број 186, декември 2013, стр. 84-85.
  2. "Сината е најтоплата боја", Економија и бизнис, година 16, број 186, декември 2013, стр. 84-85.