„Bad Сарма“драма на македонскиот писател Стефан Марковски.

Сиже

уреди

Дејствието се случува во сиромашна кафеана во близина на Министерството за транспорт и врски, некаде на Балканот. Тина, сопственичката на кафеаната, е самохрана мајка која живее со синот Прпо кој работи со неа во кафеаната. Во кафеаната доаѓа министерот за транспорт и врски, кој ја обожава сармата на Тина. Кога треба да ја плати сметката, му недостасуваат триесет денари. Тина е упорна во барањето тој да го плати целиот износ, а министерот се обидува да ја убеди да попушти зашто брза на важен состанок. Тогаш, во кафеаната доаѓа инспекторот кого министерот случајно го удира и тоа води до кавга меѓу нив сѐ до мигот кога инспекторот го препознава министерот и започнува да му се умилкува. Наеднаш, во кафеаната влегува Прпо со маска на лицето и жеден за крв. Најпрвин го убива гостинот во кафеаната, потоа го ранува министерот во задникот и најпосле дознава дека инспекторот му е татко. Тина му кажува на Прпо дека токму заради него се развела од татко му, а тогаш Прпо го убива инспекторот, а потоа пука во мајка си и во себе.[1]

Осврт кон делото

уреди

Уште со насловот на драмата, авторот навестува драмски код во кој значењата се изместени од својата оска. Ликовите се поставени во необична ситуација која го движи дејствието кон парадоксална драматизација на настаните во која комичната сатира се претвора во апсурдна трагедија. Дејствието најпрвин го разоткрива Прпо како пропаднат млад човек кој подлегнал на пороците, а потоа го прикажува светот на сиромаштијата во кој живее Тина која поради тоа нема време да биде активен учесник во општествените процеси. Министерот и инспекторот се претставници на корумпираната власт, а гостинот во кафеаната е претставник на „обичниот човек“ кој сака промени, но не сака да се промени себеси. Драмата јасно ги артикулира општествените состојби преку спротивставувањето на работничката класа и политичката елита. Ликовите во драмата се прикажани со развиена гестикулација според нивниот темперамент и зачинето со комичност, сосема во контраст со трагичниот крај на драмата. Дијалозите се динамични и духовити, полни со досетки и со ненадејни пресврти, а дејствието на драмата се случува линеарно во реално време.[2]

Наводи

уреди
  1. Васил Михаил, „Режисерска експликација на драмата „Bad Сарма“ од Стефан Марковски“, Современост, број 3, 2023, стр. 79-80.
  2. Васил Михаил, „Режисерска експликација на драмата „Bad Сарма“ од Стефан Марковски“, Современост, број 3, 2023, стр. 80-81.