Академска нечесност

(Пренасочено од Academic dishonesty)

Академска нечесност или академски прекршок е секаков вид на мамење што се врши во однос на формална академска вежба. Може да вклучи

  • Плагијати: Присвојување или репродукција на оригинални творби од друг автор (лице, колектив, организација, заедница или друг вид на автор, вклучувајќи анонимни автори), без соодветно признание.
  • Фабрикација: Фалсификување на податоци, информации или цитати во каква било формална академска вежба.
  • Измама: Давање на лажни информации на инструкторот кои се однесуваат на формална академска вежба, на пример, давање на лажен изговор за исчезнат краен рок или лажно тврдење за извршена работа.
  • Мамење: Секој обид да се даде или да се добие помош во формална академска вежба (како на пример испит), без соодветно одобрување.
  • Поткуп: или платени услуги. Давање одговори од одреден тест за пари.
  • Саботажа: Делување да се спречат другите во завршувањето на нивната работа. Ова вклучува сечење на страници од книги во библиотеки или намерно попречување на експериментите на другите.
  • Професорски прекршок: Професорски акти кои академски се лажни, еднакви на академска измама и / или одделенска измама.
  • Персонација: претпоставување на идентитетот на ученикот со намера да му се даде предност.

Академската нечесност е документирана во повеќето видови на образование, од основни училишта до средни училишта. Низ историјата овој вид на нечесност имал различни степени на одобрување. Денес, оние кои се дел од образовното општество сè повеќе заземаат многу негативен став за академската нечесност.

Историја

уреди

Во античко време, поимот за интелектуална сопственост не постоел. Идеите биле заедничка сопственост на писмената елита. Книгите се издавале со рачно препишување. Научниците во нивните дела слободно користеле или коментирале туѓи материјали, овие дела содржеле оригинален материјал во мерка која што ја посакувал авторот. Не постоел стандарден систем за цитирање, бидејќи печатењето и фиксното нумерирање на страници се појавиле во иднина. Научниците биле мала елитна група кои се знаеле и генерално си верувале помеѓу себе. Овој систем продолжил и низ средниот век во Европа. Образованието било на латински и повремено на грчки. Некои научници биле монаси, живееле во манастири. Бидејќи своето време го минувале во манастири, во најголемиот дел од времето копирале ракописи. Други научници биле во урбаните универзитети поврзани со Римокатоличката црква.

Академската нечесност датира од првите тестови. Научниците напоменале дека мамењето било распространето на испитите за кинеската државна служба пред илјадници години, дури и кога мамењето се казнувало со смртна казна за испитаникот и за испитувачот. Пред основањето на MLA (модерната јазична асоцијација) и АPА (американската психолошка асоцијација) на крајот од 19 век , немало поставено стандарди за тоа како правилно да се користат цитати од туѓи дела, што можеби предизвикало многу случаи на плагијат од незнаење.

Во доцниот 19-ти и почетокот на 20 век, мамењето било широко распространето во колеџ кампусите во САД, и не се сметало за бесрамно помеѓу студентите. Се проценува дека околу две третини од студентите мамеле во одреден момент од нивната колеџ кариера на крајот од 20 век. Братствата често користеле т.н. мелници за есеи, каде доделените трудови се чувале и можело да се предаваат одново и одново од различни студенти, често со единствена промена во името на хартија. Како што високото образование во САД тежнеело кон меритократија, сепак, поголем акцент бил ставен на мерките против мамење, и новите разновидни студентски тела тежнееле да заземат поголем негативен став кон академската нечесност.

Академската нечесност денес

уреди

Академската нечесност е ендемска во сите нивоа на образованието. Во САД, студиите покажуваат дека 20% од учениците започнале со мамење во прво одделение. Слично на тоа, други студии откриваат дека моментално во САД имаат мамено 56% од учениците во основно училиште и 70% од средношколците.

Студентите не се единствените кои мамат во академската средина. Една студија помеѓу училишните наставници од Северна Каролина покажала дека околу 35 проценти од испитаниците изјавиле дека биле сведоци на мамење од страна на нивните колеги во една или друга форма. Подемот на високоризичното тестирање и последиците од резултатите врз наставниците се наведуваат како главна причина зошто некој наставник можеби би сакал да ги даде резултатите на неговите ученици.

Првите научни студии во 1960-тите за академска нечесност во високото образование утврдиле дека на национално ниво во САД, некаде помеѓу 50% -70% од студентите мамеле барем еднаш. Додека на национално ниво, овие стапки на мамење во САД остануваат стабилни денес, постојат големи разлики помеѓу различни училишта, во зависност од големината, селективноста, и мерките против мамење преземени од училиштето. Општо земено, колку е помал и повеќе селективен колеџот, толку помалку мамење се случува таму. На пример, бројот на студенти кои се впуштиле во академска нечесност во малите елитни колеџи за либерални уметности вообичаено е мал со стапка од 15% -20%, додека препишувањето во големите јавни универзитети може да биде со висока стапка до 75%. Исто така, истражувачите откриле дека студентите кои посетуваат училишта со код на чесност, има помала веројатност да мамат споредено со учениците во училиштата во кои има други начини на спроведување на академски интегритет. Што се однесува на високото образование, една неодамнешна студија покажала дека 56% од студентите на МБА (Master of Business Administration) признале мамење, заедно со 54% од дипломираните студенти во областа на инженерството, 48% во образованието, и 45% во правото.

Покрај тоа, постојат онлајн сервиси кои нудат подготвување на каков било вид на домашни задачи од ниво на средно училиште и на колеџ, и нудат да ги полагаат онлајн тестовите за студентите. Додека администраторите често се свесни за ваквите мрежни места, тие се неуспешни во спречување на мамењето со домашните и со ненадгледуваните онлајн тестови, па затоа ја поддржуваат препораката на математичката асоцијација на Охајо да се изведе најмалку 80% од оценката на онлајн класовите со надгледувани тестови. Додека истражувањата за академска нечесност во другите земји се минимални, анегдотски докази укажуваат дека мамењето може да биде дури и позастапено во земји како Јапонија.

Типологија за академско недолично однесување е осмислена од страна на Пери (2010). Типологијата на Пери претставува дво-димензионален модел на академско недолично однесување со една димензија мерење на степенот до кој правилата се разбрани и друга димензија мерење колку внимателно овие правила се почитуваат. Според типологија, само оние студенти кои ги разбрале правилата, но не успеале да се придржат до нив се класифицирани како "измамници".

Видови

уреди

Плагијати

уреди

Плагијат, според дефиницијата во речникот Random House Compact Unabridged Dictionary од 1995 година, е "употреба или блиско емитирање на јазикот и мислите на друг автор и нивна репрезентација како сопствено оригинално дело." Во академијата, тоа пошироко се гледа како усвојување или репродукција на оригинални интелектуални творби (како концепти, идеи, методи, информации или изрази, итн) од друг автор (лице, колектив, организација, заедница или друг вид на автор, вклучувајќи анонимни автори), без соодветно признание од каде оригиналот е цитиран и не е соодветно платен. Ова може да варира од позајмување на фраза без наведување на нејзиното потекло, до парафразирање на нечија туѓа оригинална идеја без цитирање, како и до продажба на лажни договори.

Современиот концепт за плагијатот како неморал и оригиналноста како идеал се појавиле само во Европа во 18 век, додека во претходните векови авторите и уметниците биле охрабрени да ги "копираат мајсторите колку што е можно подобро" и да се избегнат "непотребните пронајдоци". Новите морали од 18 век се институционализирале и видно се спровеле во секторите на академијата (вклучувајќи ги академските науки, образованието, инженерството, итн.) и новинарството, каде плагијатот сега се смета за академска нечесност и прекршување на новинарската етика, и е предмет на санкции како протерување и други штетни последици за кариерата. Не толку во уметноста, која се противела заради нивната одамна воспоставена традиција на копирање како фундаментална практика на креативниот процес, плагијатот сè уште енормно се толерира од уметниците и во 21 век. Законодавството е професионална област која не е структурирана околу концептот на оригиналност и плагијатите се помалку релевантни.

Плагијатот не е кривично дело, но не се одобрува, и повеќе спаѓа во морален прекршок. Тој може да биде случај за граѓанско право ако е толку значаен и претставува кршење на авторските права.

Од 2000 година се зголемиле дискусиите на тема за студентски плагијати, со големо внимание на овие дискусии центрирано околу прашањето за тоа како најдобро да им се помогне на студентите да ги разберат и да ги избегнат плагијатите.

Фабрикација

уреди

Фабрикација е фалсификување на податоци, информации или цитати во каква било формална академска вежба. Ова вклучува измислување на цитати за да се поддржат аргументите. Фабрикацијата доминира во природните науки, каде што студентите понекогаш фалсификуваат податоци за да ги направат експериментите да "работат". Тука спаѓа и фалсификувањето на податоци, во кои се внесуваат лажни тврдења за некое направено истражување, вклучувајќи селективно поднесување на резултатите за да се исклучат неповолните податоци и да се генерираат вештачки податоци.

Библиографски наводи често се фабрикувани, особено кога одреден минимален број на наводи се бара или се смета за доволен за одредениот вид на труд. Овој тип на фабрикација може да варира од наведување на дела чии наслови изгледаат релевантно, но кои студентот не ги прочитал, до измислување на лажни наслови и автори.

Исто така постои и суво-лабораториска практика која може да се изведе на хемија или на други лабораториски курсеви, во кои наставникот јасно очекува експериментот да даде одредени резултати (што ги потврдува воспоставените закони), така што студентот започнува од резултатите и работи наназад, пресметувајќи што експерименталните податоци би требало да бидат, често додавајќи варијација на податоците. Во некои случаи, лабораторискиот извештај е напишан пред да се спроведе експериментот, а во некои случаи, експериментот воопшто не се спроведува. Во секој случај, резултатите се она што инструкторот очекува.

Измама

уреди

Измама е давање на лажни информации на наставникот / инструкторот за формална академска вежба. Примери за ова вклучуваат земање на повеќе време за домашните тестови отколку што е дозволено, давајќи нечесен изговор кога прашуваат за продолжување на крајниот рок, или лажно тврдат дека ја поднеле работата. Овој тип на академско недолично однесување често се смета поблаго од поочигледните форми на мамење, и инаку-чесните студенти понекогаш се вклучуваат во ваков вид на нечесност без притоа да се сметаат за измамници. Исто така, тоа понекогаш се прави од страна на студенти кои не успеале да завршат задача, да ја избегнат одговорноста за тоа.

Саботажа

уреди

Саботажа е кога еден ученик ги спречува другите во завршувањето на нивната работа. Ова вклучува сечење на страници од книги од библиотека или намерно попречување на експериментите на другите. Саботажа обично се прави само во високо конкурентни средини, како во исклучително елитни училишта каде ранкингот во класот високо се цени. Несоодветното однесување и нарушувањето на учењето на другите ученици на ниско ниво, сепак, е многу често во сите образовни институции. Некои библиотекари во медицинските училишта напоменале дека важни статии, потребни за читање за клучните курсеви, често се водат за исчезнати од списанијата - исечени со жилети, скалпели, или други остри сечила. Други списанија биле обоени со креон.

Мамење

уреди
 
Употребата на белешки за препишување за време на испит е типичен начин за препишување

Мамењето може да биде во облик на белешки за препишување, гледање преку нечие рамо за време на испит, или каква било забранета размена на информации помеѓу студентите во врска со испитот или вежбата. Многу разработени методи на мамење се развиени со тек на годините. На пример, откриени се ученици кои криеле белешки во тоалетно казанче, во рабовите на нивните безбол капи, или во нивните ракави. Исто така се појавило и чување на информации во графички калкулатори, пејџери, мобилни телефони и други електронски уреди со почетокот на информатичката револуција. Додека некои ученици долго време тајно гледаат во тестовите на оние кои седат во нивна близина, некои ученици активно се обидуваат да им помогнат на оние кои се обидуваат да мамат. Методите за тајна сигнализација на вистинскиот одговор помеѓу пријателите се сосема различни, почнувајќи од кодирано кивање или тропање со молив до испуштање на пискави звуци надвор од дометот на слушање на повеќето наставници. Познато е дека некои ученици користат разработени средства, преку користење на систем со повторливи сигнали на телото, како договорени движења на рацете или на нозете за да се пренесат одговорите (т.е. каде еден допир со стапалото може да одговара на одговорот "А", два допири на одговорот "Б ", и така натаму).

Мамењето се разликува од повеќето други форми на академска нечесност, при што луѓето можат да се вклучат во него без никаква академска корист за себе. На пример, студент кој нелегално телеграфира одговори на пријател за време на тест спаѓа во мамење, иако студентот кој ги праќа одговорите во никој случај не влијае на сопствената работа. Друг пример за академска нечесност е дијалог помеѓу два студенти од ист клас, при што за двајцата е закажан тест за тој ден, но во два различни временски периоди. Ако студентот од првиот период на полагање го информира другиот студент кој полага во подоцнежниот период за тестот, тоа се смета за академска нечесност, иако првиот студент нема никаква лична корист. Оваа форма на мамење - иако запоставена - може разбирливо да се нарече алтруистичка.

Професорски прекршок

уреди

Професорски прекршок вклучува неправилно оценување на трудовите на учениците и усните испити, одделенска измама, намерна небрежност кон мамењето или помош при мамење. Ова може да се направи од причини за лична пристрасност кон учениците (фаворизирање) или одредена гледна точка (интелектуална нечесност), за поткуп, или да се подобри сопствената ефикасност на наставникот со зголемување на стапката на положување. Ова сè уште повремено се прави од причини на его или за вршење на сексуални услуги (сексуално вознемирување).

Имперсонација

уреди

Имперсонација е форма на мамење каде што наместо студентот, друга личност ја извршува доделената задача или испит. За разлика од мамењето, академската работа целосно се предава на друго лице или организација, вообичаено за пари.

Причини

уреди

Постојат различни причини за академско недолично однесување. Истражувачите ја имаат проучено корелацијата на мамењето со личните одлики, демографијата, контекстуалните фактори, методите за одвраќање од недолично однесување, па дури и со фазите на морален развој.

Мотиви за мамење

уреди

Некои научници тврдат дека постојат студенти кои имаат патолошка потреба да мамат. Писателот Томас Малон истакнал дека многу научници откриле плагијат во литературата (Семјуел Тејлор Колриџ и Чарлс Ред се два значајни примери) при што често се извршува на начин сличен на клептоманија. Тоа е психолошка болест поврзана со неконтролираното крадење, дури и кога тоа е против интересите на крадецот. Од друга страна, Малон заклучил дека е веројатно повеќето "измамници" да прават рационален избор за извршување на академски прекршок.

Ричард Фас ја истакнува можноста дека бизнис скандалите од реалниот свет предизвикуваат студентите да веруваат дека нечесноста е прифатлив метод за постигнување на успех во современото општество. Академската нечесност, во овој случај, би била пракса за реалниот свет. За некои студенти, ќе постои дихотомија помеѓу успехот и чесноста, и нивната одлука е дека: "Тоа не е дека сакаме чесност помалку, но дека сакаме успех повеќе." Спротивно на тоа, други научници сметаат дека со неодамнешното зголемување на корпоративната етика поврзана со отпуштањата во светот на бизнисот, овој пристап за да мамење ја губи својата привлечност, ако воопшто некогаш навистина ја имал.

Неодамнешните студии покажуваат дека не постои јасна врска помеѓу академската нечесност и академскиот успех. Една студија покажува дека на студенти на кои им била дадена неочекувана можност за мамење не ги подобриле своите оценки значително во однос на контролната група. Друга студија покажува дека студентите на кои им било дозволено да донесат листови за препишување на тест не ги подобриле нивните оценки. Додека ова може да е во конфликт со заедничката перцепција за мамењето (една анкета покажала дека само 13% од мажите и 46% од жените сметаат дека мамењето не помага за подобрување на оценките), често е очигледно за професорите и членовите на академските комисии за однесување кога некој труд е плагијат заради неговиот инфериорен квалитет.

Во САД, во просек една третина од одличните учениците имаат мамено. Заради тврдењата дека академската нечесност претставува скратен пат, дури и одличните ученици може да бидат доведени во искушение да мамат. Се тврди дека дури и ако некој плагијат труд добие релативно ниска оценка, таа оценка е всушност висока, со оглед на тоа колку време и напор се вложени во тој труд. Во претходно споменатата студија (во која на учениците им било дозволено да донесат листови за препишување на тест, но не ги подобриле своите резултати), истражувачот заклучил дека студентите ги користеле белешките за препишување како алтернатива за учење, а не како надополнување на учењето, така што потрошиле помалку време за подготвување на испитот.

Наставници

уреди

Федералната влада на САД спроведува високоризично тестирање како дел од програмата Ниту Едно Дете Да Не Се Изостави, запишана во законот во 2002 година. Училиштата и наставниците се одговорни за резултатите. Според Стивен Левит и Стефан Дубнер, соавторите на “Freakonomics”, познато е дека наставниците "предаваат за тестот": додека на предавање не ги кажуваат вистинските одговори, тие предаваат прашања слични на нив, и ја изоставуваат било која тема што нема да биде тестирана. Левит, исто така, наведува дека наставниците може да ги “надуваат” резултатите од тестовите дадени во нивната училница. Наставниците и библиотекарите може да имаат значително проактивно влијание во вршењето на чесна работа.

Демографски и лични причини

уреди

Истражувањата идентификуваат голем број на демографски одлики кои се наведуваат како важни влијанија врз мамењето, вклучувајќи возраст, пол и средна оцена. Постарите студенти, жените и студентите со повисоки академски достигнувања има помала веројатност да мамат, додека учениците кои се вклучени во многу воннаставни активности има поголема веројатност да го сторат тоа. Студентите кои се вклучени во воннаставните активности може да бидат помалку посветени на своите студии, или можеби тие активности бараат поголем дел од нивното време така што се мешаат со нивните студии, создавајќи им поголем поттик да мамат. Утврдено е дека постои поголема веројатност да мамат помладите ученици: наодите од една студија укажуваат дека најголемите инциденти на мамење се случуваат за време на првата година на колеџ. Иако, може да се очекува мамењето да се намали со поголем морален развој, еден експеримент покажал дека не постои директна врска помеѓу тоа како некој студент ќе го изведе тестот за морал и веројатноста тој студент да изврши мамење (што значи дека студентите во пред-конвенционалната фаза на моралот има веројатност да мамат исто како оние во пост-конвенционалната фаза).

Расата, националноста, и класата сите покажуваат мала корелација со академското недолично однесување. Исто така не постои корелација помеѓу тоа колку некое лице е религиозно и веројатноста дека тоа лице ќе мами. Една споредба помеѓу учениците од различни религии дала слични резултати, иако студијата покажала дека Евреите имаат тенденција да мамат помалку од припадниците на другите религии. Една од најсилните демографски корелации со академското недолично однесување во САД е со јазикот. Студенти кои зборуваат англиски како втор јазик се покажало дека повеќе извршуваат академска нечесност и постои поголема веројатност да бидат фатени од оние на кои англискиот им е мајчин јазик, бидејќи тие често нема да сакаат да ги препишат изворите со нивни сопствени зборови, плашејќи се дека значењето на реченицата ќе биде изгубено заради сиромашните парафразирачки вештини. Во системот на Универзитетот на Калифорнија, меѓународните студенти сочинуваат 10% од телото на студентите, но сочинуваат и 47% од случаите за академска нечесност.

Контекстуални причини

уреди

Академското недолично однесување е полесно да се проследи според академската и социјалната средина на студентот отколку според неговото или нејзиното потекло. Овие контекстуални фактори може да бидат широки како социјалниот состав на училиштето и тесни како инструкциите што ги дава наставникот пред испит.

Контекстуалните фактори на кои одредени наставници може да влијаат често прават мала разлика во поведението за мамење. Една студија покажала дека зголемувањето на растојанието помеѓу студентите при полагање на испит има мал ефект врз академското недолично однесување, и дека заканувањето на студентите пред испит со протерување ако тие мамат, всушност промовира поведение за мамење. Всушност, зголемувањето на надгледувачите на испитот и другите методи за откривање на мамење во училницата се мошне неефикасни. Според една анкета на студенти на Американски колеџ, 50% мамеле најмалку еднаш во изминатите шест месеци, 7% мамеле повеќе од пет пати во тој период, а само 2,5% од измамниците биле фатени. Како што наставниците измислуваат сè повеќе разработени методи за одвраќање од мамењето, така студентите измислуваат сè повеќе разработени методи за мамење (понекогаш тоа дури го третираат и како игра), водејќи кон она што некои наставници го нарекуваат скапа и непобедлива трка во вооружување. Зголемената казна за академско недолично однесување исто така има мала корелација со поведението за мамење. Сознанието дека студентите со значително различни перцепции за тежината на казната за мамење има подеднаква веројатност да мамат, веројатно укажува на тоа дека тие мислат дека зголемените казни ќе бидат нематеријални бидејќи нивното мамење никогаш нема да биде откриено. Меѓутоа, ако професорот стави до знаење дека тој не одобрува мамење, или во наставната програма, или на првиот час, или на почетокот на тестот, академската нечесност може да се намали за 12%. Некои професори може да имаат мал поттик за да го намалат мамењето во нивните класови под точка која инаку би била очигледна за надворешните набљудувачи, бидејќи ги проценуваат според бројот на научни трудови што ги објавуваат и средствата за истражување што ги добиваат за колеџот, а не според тоа колку добро предаваат.

Наставниците можат, како и да е, случајно да промовираат поведение за мамење. Една студија покажала дека постои корелација помеѓу тоа, како колку строг и неправеден професорот се перцепира и академското недолично однесување, бидејќи студентите гледаат на мамењето како на начин да му се одмаздат на наставникот. Исто така, студентите кои се гледаат себеси во конкуренција, како на пример кога наставникот користи скала за оценување, има поголема веројатност да мамат.

Истражувањето исто така покажало корелација помеѓу поставената цел и појавата на академско мамење. Студентите кои гледаат во нивната училница да има врвни цели се со помала веројатност да се вклучат во мамење од оние кои гледаат во нивната училница да се нагласат целите на ефикасност. Со други зборови, студентите кои се поттикнуваат да учат за доброто на учењето и кои укажуваат на внатрешната вредност на образованието има помала веројатност да мамат од оние кои се охрабруваат првенствено од страна на оценките и другите надворешни награди.

Најважните контекстуални причини за академскo недолично однесување често се надвор од контрола на поединечните наставници. Еден многу важен фактор е управувањето со времето. Една анкета покажала дека две третини од наставниците веруваат дека лошото управување со времето е главна причина за мамење. Често се виновни социјалните ангажмани. Се покажало дека дека постои силна корелација помеѓу воннаставните активности и мамењето, особено кај спортистите, дури и кај оние во училишните тимови. Исто така се покажало дека стапките на мамење на студентите значително се зголемуваат онолку колку што учениците повеќе време поминуваат играјќи карти, гледајќи телевизија, или имаат неколку пијалаци со пријателите. Во тој поглед, членството во братство или сестринство исто така е во силна корелација со академското недолично однесување.

Една од најважните причини за академско недолично однесување е контекстуалниот фактор на околината за колегијално неодобрување на мамењето, тоа е притисокот од колегите. Психолозите напоменуваат дека сите луѓе имаат тенденција да ги следат нормите на колегите од нивните групи, во кои сапѓаат и нормите за академска нечесност. Според тоа, студентите кои веруваат дека нивните врсници не одобруваат мамење има помала веројатност да мамат. Всушност, повеќе студии покажале дека пресуден фактор во одлуката на студентот да мами, е неговата перцепција на ставот на неговите колеги во однос на академската нечесност. На пример, во просек 69% од учениците мамат на факултетите во кои има ниско неодобрување на заедницата за академско недолично однесување, а само околу 23% од учениците мамат на факултетите во кои има високо неодобрување на заедницата за академско недолично однесување. Притисокот од колегите делува во двата правци, во една студија се покажало дека постои 41% зголемување на веројатноста еден студент да мами ако тој или таа видел некој друг како мами. Сепак, дури и ако повеќето студенти силно не го одобруваат мамењето, потребно е да постои заедница со цел тие норми да бидат спроведени преку колегијален притисок. На пример, поголемите училишта, кои вообичаено имаат многу повисоки стапки на мамење од малите училишта, имаат послаба заедница, која е поделена на повеќе различни колегијални групи кои си вршат мал социјален притисок помеѓу себе. Друго мерило за заедницата на колеџот е бројот на студенти кои живеат на кампусот, што понатаму покажува значајна врска со стапката на мамење во училиштето. Во тој поглед, многу професори тврдат дека во помалите класови се намалува поведението на мамење.

Етички причини

уреди

Без оглед на тоа какви се демографските или контекстуалните влијанија врз ученикот кој одлучува да се вклучи во мамење, пред да може да мами, ученикот мора прво да ја надмине сопствената совест. Тоа зависи од тоа колку силно некој не одобрува академска нечесност и какви видови на оправдување студентот користи за да избегне чувство на вина. На пример, студентите кои лично немаат морален проблем со академското недолично однесување може да мамат без чувство на вина. Меѓутоа, додека многу студенти се научени и се интернализирани дека академска нечесност е погрешна, се покажало дека во просек една третина од студентите кои силно не одобруваат мамење, всушност мамеле. Луѓето кои извршиле мамење и покрај личното неодобрување за мамењето, се ангажирале во нешто што се нарекува "неутрализација", во која ученикот го рационализира мамењето како прифатливо поради одредени олеснителни околности. Според психолозите за девијантно однесување, луѓето кои се впуштаат во неутрализација ги поддржуваат општествените норми кои се во прашање, но "апелираат до" причините зошто им е дозволено да ги прекршат тие норми во одреден случај. Неутрализацијата не е едноставен случај на пост рационализација на фактори, туку тоа е прилично посложена афера која се случува пред, за време, и по чинот на мамење. Истражувачите откриле четири главни видови на неутрализација за академска нечесност, кои ги категоризирале според типот на оправдување. Негирање на одговорност, тоа е, обвинението дека другите се виновни или дека нешто го принудило студентот да мами, е најчестата форма на неутрализација помеѓу студентите кои мамеле, при што 61% од измамниците го користеле овој вид на оправдување. Осуда на осудувачите, тоа е, дека професорите се лицемери и дека самите тие го предизвикале мамењето, е втората најчеста форма на неутрализација на студентите со застапеност од 28%. Третата најпопуларна форма на неутрализација помеѓу колеџ студентите е апелот за повисока лојалност, каде што студентот смета дека неговата одговорност за другите лица, вообичаено за неговите врсници, е поважна отколку да го прави она што знае дека е морално исправно. Приближно 6,8% од измамниците во високото образование ја користеле оваа форма на неутрализација. Негирање на повреда - дека на никој не му е полошо со мамење - е четвртата најпопуларна форма на неутрализација со застапеност од 4,2% кај измамниците.

Последици

уреди

Академското мамење има многу последици врз учениците, наставниците, одделните училишта, како и врз образовниот систем.

На пример, студентите кои се впуштаат во неутрализација за да го оправдаат мамењето, дури и еднаш, има поголема веројатност да се вклучат во мамење во иднина, потенцијално поставувајќи се на нечесниот пат на животот. Всушност, една студија покажала дека студентите кои биле нечесни во училиште, има поголема веројатност да се вклучат во измама и кражба во работата кога ќе влезат на работно место. Студентите исто така имаат негативни последици од академската нечесност по дипломирањето. Универзитетска диплома е важен документ на пазарот на трудот. Потенцијалните работодавци ја користат дипломата како степен за претставување на знаењето и способностите на кандидатите. Сепак, поради академската нечесност, сите дипломирани студенти со исти оценки всушност не ја завршиле истата работа и немаат исти вештини. Така, кога ќе се соочат со фактот дека не знаат кои дипломирани студенти се квалификувани а кои мамеле, работодавците мора да ги платат сите дипломирани студенти врз основа на квалитетот на просечната оценка. Затоа, колку повеќе има ученици кои мамат во некое училиште, и се провлекуваат без постигнување на потребните вештини и без учење, толку се намалува просечниот квалитет на дипломираните студенти од тоа училиште, и помалку работодавците се подготвени да најмат нов вработен од тоа училиште. Поради оваа причина, сите студенти, дури и оние кои не мамеле, имаат негативни последици од академското недолично однесување.

Академската нечесност исто така создава проблеми и за наставниците. Во економска смисла, мамењето предизвикува недоволно знаење, при што работа на професорот е да произведе знаење. Уште повеќе, случај на мамење често предизвикува емоционална вознемиреност кај членови на факултет, и многумина го сметаат за личен напад против нив или за злоупотреба на нивната доверба. Справувањето со академското недолично однесување често е еден од најлошите делови од кариерата во образованието, според една анкета 77% од академиците се согласиле со изјавата "справувањето со ученик кој мами е еден од најтешките аспекти на работата".

Академското недолично однесување исто така може да има влијание врз угледот на колеџот, една од најважните одлики на секое училиште. Институцијата која се соочува со скандали со мамење може да стане помалку привлечна за студентите, потенцијалните дарители и особено за потенцијалните работодавци. Алтернативно, училиштата со ниско ниво на академска нечесност може да ја искористат нивната репутација за да привлечат студенти и работодавци.

Конечно, академската нечесност го поткопува академскиот свет. Се меша со основната мисија на образованието, трансферот на знаење, при што им овозможува на студентите да се провлечат без да го совладаат знаењето. Понатаму, академската нечесност создава атмосфера која што не е погодна за процесот на учење, атмосфера која што еднакво влијае и на чесните студенти. Кога чесен студент ќе види како некој измамник се провлекува без откривање, може да се обесхрабри моралот на студентот, гледајќи како наградата за неговиот труд се омаловажува. Мамењето исто така ја поткопува академијата кога учениците крадат идеи. Идеите се "капитал и идентитет" на професионалниот автор, и ако се украдат идеите на едно лице тоа ја намалува потрагата по знаење.

Одвраќање од мамење

уреди

Казните за академска нечесност се разликуваат во зависност од возраста на вмешаната страна и од природата на прекршокот. Во средно училиште, стандардна казна за мамење е пишување на најмала оцена, во колеџ, мамењето може да резултира со протерување или разрешување (На пример, на Универзитетот во Вирџинија, не постојат помали казни од разрешување при прекршување на кодот на чесност). Во ретки случаи, некои професори од колеџ биле отпуштени кога било откриено дека тие мамеле кога биле на колеџ или во средно училиште. Сите страни вклучени во нечесноста, не само поединецот чии оцени се зголемуваат со тоа, може да бидат казнети.

Историски гледано, работата за спречување на мамењето е доделена на наставниците. Порано во колеџите професорите се однесувале како родители и биле способни да го регулираат однесувањето на учениците како родители. Затоа, професорите кои откривале мамење можеле во суштина да ја доделат било која казна за која верувале дека е соодветноста. Овој систем често немал регрес преку кој студентите би можеле да поднесат жалба за казната. Генерално, биле ангажирани набљудувачи за да патролираат на испитите. Ако некој случај бил особено сериозен, деканот или други високи администратори можело да бидат вмешани во случајот. Против овој неконзистентен и родителски систем, студентите во некои училишта се побуниле и побарале да бидат третирани како возрасни.

Кодови на чесност

уреди

Прво на Колеџот на Вилијам и Мери во 1779, а потоа следено и од училиштата како Универзитетот во Вирџинија во 1850-тите и Веслиан Универзитетот во 1893 година, студентите, во согласност со факултетите кои се изјасниле како посветени на идеалите на демократијата и човековиот карактер, создале кодови на чесност. Б. Мелендез од Универзитетот Харвард го дефинирал кодот за чесност како код за академско однесување кој вклучува писмено залагање за искреност што го потпишуваат студентите, студентски контролирано судство кое што ги слуша наводните прекршоци, ненадгледувани испити, како и обврска за сите студенти да помогнат во спроведување на кодексот. Овој систем се потпира на самостојно ангажирање на студентите, и се смета дека повеќе придонел во создавањето на млади чесни луѓе отколку контролирањето со надгледници и професори кое постоело претходно. Од интерес, воените академии на САД го однеле кодот на чесност еден чекор понапред од цивилните колеџи, не дозволувајќи "толеранција", што значи дека ако кадет или питомец од воено-поморската академија се открие дека не пријавил или целосно заштитил некој кој бил ангажиран во академска нечесност (како и во други нечесности или крадење), тој поединец ќе биде протеран заедно со сторителот.

Мешани судски одбори

уреди

Сепак, многу луѓе се сомневале во препораката дека потпирањето на апстрактен поим на чесност ќе спречи академска нечесност. Ова сомнение можеби довело до реалноста помалку од една четвртина од американските универзитети да имаат усвоено кодови за чесност. Уште повеќе, многу професори не можеле да земат предвид студентски водени судски процеси кои праведно ги третирале обвинителите на факултетот. Во одговор на овие грижи, во средината на дваесеттиот век, многу училишта смислиле мешани судски одбори составени од студенти и од претставници на факултетот. Овој тип на систем за академски интегритет бил сличен со традиционалниот факултетски систем за контрола во тоа што се потпирал на професорите за откривање на мамењето, само што во овој систем измамниците се изведувале пред централизирани одбори од студенти и претставници на факултетот за казнување. До 1960-тите години повеќе од една четвртина од американските универзитети го усвоиле овој систем на мешани судски одбори. Сепак, повеќе од половина од американските универзитети продолжиле да ги користат факултетски-центрираните системи за контрола.

Права на студентите во правните процеси

уреди

Почнувајќи од 1960-тите години, Врховниот суд на САД почнал да ја растура родителската доктрина, давајќи им на студентите повеќе граѓански слободи, како што е правото на правично судење во дисциплински постапки (Диксон против Одборот за образование на Алабама, 1961). Во Купер против Блер (1973), посебно академско недолично однесување се водело во процесот, кое било дисциплинска, а не образовна работа. Правата на студентите во правните процеси за академско недолично однесување не сè до ист степен како правата на суд. На пример, студентот нема право да биде застапуван и тежината на доказот не е неопходно занчајна. Во "Општиот Ред на Судски Стандарди за Работа и Предмети на Разгледување на Студентската Дисциплина во Даночно Поддржаните Институции на Високото Образование", (1968) правата на студентите во правните процеси биле поставени на следниов начин:

  1. На студентот треба да му се даде соодветно известување во писмена форма за специфичната основа или основи и природата на доказите на кои дисциплинските постапки се засноваат.
  2. На студентот треба да му се даде можност за сослушување во која дисциплинскиот орган обезбедува фер шанса за сослушување на позицијата на ученикот, објаснувањата или доказите.
  3. Не може да се преземе никаква дисциплинска постапка во случаи кои не се поддржани со значителни докази.

Овие нови правила ставиле крај на стариот факултетски заснован систем за гонење на академска нечесност, сега учениците имаат право на непристрасно сослушување. Додека училиштата кои го користат стариот метод за код на чесност или мешаниот судски систем не се засегнати од овие одлуки, училиштата кои користат факултетски заснован систем генерално воспоставиле системи кои се потпираат на комитетот на факултетот и администраторите или деканот за водење на сослушувања за академско недолично однесување.

Изменети кодови на чесност

уреди

Неодамна, Доналд Л. МекКејб и Линда Клеб Тревино, двајца експерти од областа на академска нечесност, предложиле нов начин за одвраќање од мамење кој се спроведува во некои училишта, како во Универзитетот во Мериленд. Изменетите кодови на чесност ги поставуваат студентите на чело на судските процеси на сослушување, јасно ставајќи до знаење дека е одговорност на студентите да го запрат меѓусебното мамење, додека во исто време студентите сè уште имаат надгледувани испити и не им е дозволено да дадат ветувања за добро однесување во место кое е под надзор на професор. Истражувачите кои се залагаат за овој тип на код изгледа мислат дека нормалниот код за чесност е некаков посебен случај кој не може да се примени во многу училишта. Според поддржувачите на овој систем, училиштата со големо студентско тело, слаба колеџ заедница, или без историја на студентска самоуправа нема да бидат во можност да поддржат целосен код за чесност. Меѓутоа, додека изменетите кодови на чесност се чини дека се поефикасни од факултетски или администрациски водените кодекси на однесување, истражувањата покажуваат дека училиштата со изменети кодови сè уште имаат повисоки стапки на мамење од училиштата со целосни кодови на чесност.

Споредба на различните системи кои се спроведени

уреди

Истражувањата покажале дека постои силна корелација помеѓу формите на академски интегритет и нивото на мамење во училиштата. Неколку истражувања покажале дека учениците кои посетуваат училишта со кодови за чесност има помалку шанси да мамат од учениците во училиштата со традиционални кодови за интегритет. Друга студија покажала дека само 28% од училиштата со кодови за чесност имаат висока стапка на мамење, и дека 81% од училишта со мешан судски одбор имаат висока стапка на мамење. Додека факултетските или администрациските кодекси на однесување се потпираат на надгледување и казна за да ги одвратат студентите од мамење, кодовите на чесност се потпираат на чувството за чесност кај студентите, како и на групниот колегијален притисок, за да го спречат академското недолично однесување. Како што споменавме погоре во делот за причините за мамењето, зголемената контрола или казнувањето е ретко ефикасно за обесхрабрување на мамењето, додека постои висока корелација помеѓу колегијалниот притисок и академската искреност. Изменетиот код за чесност се обидува да негува колегијално неодобрување на мамењето додека сè уште се применува традиционалниот систем за надгледување, иако критичарите тврдат дека системот за надгледување го поткопува создавањето на атмосфера на студентско само-надгледување, намалувајќи ја ефикасноста на кодот на чесност, што можеби и објаснува зошто изменетите кодови за чесност не се толку ефикасни како оригиналната верзија.

Факултетски прашања за одвраќање од академска нечесност

уреди

Постојат ограничувања за целосна доверба во факултетотското надгледување на академска нечесност. Една студија покажала дека до 21% од професорите игнорирале најмалку еден чист случај на мамење. Друга студија открива дека 40% од професорите "никогаш" не пријавиле мамење, 54% "ретко" пријавуваат мамење, и дека само 6% реагираат на сите случаи на академско недолично однесување со кои се соочуваат. Една анкета на професори покажала дека 79% од нив забележале мамење, а само 9% го казниле студентот. Според прирачникот за професори за мамење,

причините за овој недостиг на акција вклучуваат неволност да се посвети време и енергија на прашањето, одбивање да се подложи на емоционална конфронтација, како и страв од одмазда од страна на студентот, од губење на студентите, да биде обвинет за вознемирување и дискриминација, па дури и да биде тужен за овие прекршоци и/или клевети на карактерот.

Исто така постојат и други причини. Некои професори не се подготвени да ги пријават прекршоците на соодветните органи, бидејќи веруваат дека казната е премногу строга.

Некои професори може да имаат мал поттик за да го намалат мамењето во нивните класови под точка која инаку би била очигледна за надворешните набљудувачи, бидејќи ги проценуваат според бројот на научни трудови што ги објавуваат и средствата за истражување што ги добиваат за колеџот, а не според тоа колку добро предаваат.

Други не пријавуваат академско недолично однесување заради постмодернистичките ставови за мамење. Постмодернизмот доведува во прашање многу концепти на "авторство" и "оригиналност". Од гледна точка на културни студии и историзам, самите автори едноставно се конструкции на нивната социјална средина, а со самото тоа тие едноставно преработуваат веќе напишани културни приказни. Покрај тоа, во областа на студиите за композиција, студентите сè повеќе и повеќе се охрабруваат да вршат групна работа и да учествуваат во тековните колективни ревизии. Постмодернистички став е дека "концептот на интелектуална злоупотреба има ограничена епистемолошка вредност. Под ироничниот поглед на постмодернизмот, разликите помеѓу вина и невиност, интегритет и измама, дозволувајќи скандал дебати, стануваат нерелевантни." Сепак, постои аргумент дека постмодернизмот е само морален релативизам, затоа мамењето се толерира како валиден академски метод, дури и ако тоа е морално и правно погрешно. Еден професор во една статија во Англискиот весник напишал дека кога ѕирнал во ненабљудуван клас за време на тест и видел како неколку студенти се консултираат помеѓу себе, тој одлучил дека тие не мамеле, туку користеле не-традиционални техники и колаборативно учење за надминување на пречките кои наставниците ги поставиле на нивниот пат. Прашањата за културен релативизам, исто така влијаат врз гледиштето на професорите за мамењето; стандарден приговор е тоа што "студентите од одредени земји од Блискиот Исток, Азија и Африка се збунети од идејата дека некој може да "поседува" идеи, бидејќи нивните култури ги сметаат зборовите и идеите како сопственост на сите, а не како приватната сопственост. "

Друго спорно прашање што наставниците може да го имаат во врска со одвраќањето од мамење е тоа што тие може да одлучат дека тоа не е нивна работа. Аргументот дека "тие се професори, а не полицајци" често се слуша во академиите. Во економска смисла, некои професори веруваат дека тие се платени да обезбедат учење, и ако студентот го загуби тоа учење преку мамење, тој едноставно се мами самиот себе со парите што ги платил за образование.

Изложување на фалсификувани податоци

уреди

Со напредокот на интернетот, денес на располагање стојат неколку алатки кои можат да помогнат во откривање на плагијати и повеќекратни објавувања во биомедицинската литература. Една алатка развиена во 2006 година од страна на истражувачите во лабораторијата на д-р Харолд Гарнер на Југозападниот медицинскиот центар во Далас при Универзитетот на Тексас е базата на податоци „Дежа ви“ со отворен пристап која содржи неколку илјади примероци со дупликати на публикации.