’Рбетно-маломозочен пат

(Пренасочено од ’рбетно-маломозочен пат)

’Рбетно-маломозочен пат или спиноцеребеларен пат (лат. tractus spinocerebellaris) — сетилен пат во централниот нервен систем кој спроведува информации за несвесен (рефлексен) сензибилитет до кората на малиот мозок. Овој пат служи за рефлексно одржување на рамнотежата на телото во движење и во мирување.

’Рбетно-маломозочниот пат е прикажан десно, со сина боја.

Потекло на проприоцептивната информација

уреди

Информациите за проприоцепција се добиваат од Голџиевите тетивни органи и мускулните вретена.

  • Голџиевиот тетивен орган се состои од фиброзна капсула која ги затвора тетивните снопови и голите нервни завршетоци кои реагираат на напнатоста на тетивата така што создаваат дејствени потенцијали во тип Ib аферентните влакна. Овие влакна се релативно големи, миелинизирани и брзо спроводливи.
  • Мускулното вретено реагира на промената на должината на мускулите и испраќа информации преку побрзите Ia аферентни влакна.

Сите овие неврони се сетилни (од прв ред или примарни) и нивните клеточни тела се наоѓаат во спиналните ганглии. Тие поминуваат низ Рекседовите слоеви I-VI во задните рогови на ‘рбетниот мозок, а потоа формираат синапси со неврони од втор ред (секундарни неврони) во слојот VII, кој се наоѓа веднаш под задниот рог.

Поделба на ’рбетно-маломозочниот пат

уреди

’Рбетно-маломозочниот пат е поделен на: 1) дорзален (заден) ’рбетно-маломозочен пат; 2) вентрален (преден) ’рбетно-маломозочен пат; 3) кунеоцеребеларен пат и 4) рострален ’рбетно-маломозочен пат.

 
Со сина боја се прикажани вентралниот ’рбетно-маломозочен пат и задните надворешни лачни влакна (fibrae arcuatae externae dorsales).

Дорзален ’рбетно-маломозочен пат

уреди

Дорзалниот ’рбетно-маломозочен пат (tractus spinocerebellaris dorsalis – Flechsig) пренесува информации за проприоцепција од проприорецепторите во скелетните мускули и зглобовите (мускулни вретена и Голџиеви тетивни органи) до кората на малиот мозок. Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Во Кларковото јадро, односно Кларковата колона која се протега од ниво C8 до ниво L2/L3 (nucleus dorsalis s. nucleus thoracicus posterior), невроните од прв ред градат синапси со неврони од втор ред, чии аксони потоа продолжуваат ипсилатерално во дорзалниот дел на бочната врвца или сноп на ‘рбетниот мозок (funiculus lateralis). Тие стигнуваат до продолжениот мозок, каде поминуваат низ долниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris inferior) до кората на малиот мозок, каде се обработува несвесната проприоцептивна информација.[1]

Вентрален ’рбетно-маломозочен пат

уреди

Вентралниот ’рбетно-маломозочен пат (tractus spinocerebellaris ventralis – Growers) спроведува информации за проприоцепција исклучиво од Голџиевите тетивни органи во региони на телото под нивото L2/L3. Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Овде невроните од прв ред градат синапси со неврони од втор ред, чии аксони потоа преминуваат на контралатералната страна на ‘рбетниот мозок, преку commissura alba anterior medullae spinalis, во вентралниот дел на бочната врвца или сноп на ‘рбетниот мозок (funiculus lateralis). Потоа тие патуваат сé до средниот мозок, каде поминуваат низ горниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris superior) и повторно се вкрстуваат преминувајќи во спротивната полутопка на малиот мозок.[2]

Кунеоцеребеларен пат

уреди

Кунеоцеребеларниот пат (tractus cuneocerebellaris) спроведува информации за проприоцепција кои доаѓаат од региони на телото над нивото C8 (горните екстремитети, вратот и главата). Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Од овде тие продолжуваат ипсилатерално до продолжениот мозок, каде градат синапси со невроните од втор ред во nucleus cuneatus accessorius. Аксоните на невроните од втор ред се задните надворешни лачни влакна (fibrae arcuatae externae dorsales), кои поминуваат низ долниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris inferior) и градат синапси со неврони во кората на малиот мозок.[3]

Рострален ’рбетно-маломозочен пат

уреди

Ростралниот ’рбетно-маломозочен пат спроведува информации за проприоцепција исклучиво од Голџиевите тетивни органи во региони на телото од ниво C4 до ниво C8 (глава и горни екстремитети). Клеточните тела на невроните од прв ред се наоѓаат во спиналните ганглии, од каде дејствените потенцијали патуваат до задните рогови на сивата маса на ‘рбетниот мозок. Во слојот VII на задните рогови се наоѓаат клеточните тела на невроните од втор ред. Нивните аксони патуваат ипсилатерално до продолжениот мозок, каде поминуваат низ долниот крак на малиот мозок (pedunculus cerebellaris inferior) до кората на малиот мозок.[4]

Наводи

уреди
  1. Afifi, Adel; Bergman, Ronald (2005-02-18). Functional Neuroanatomy: Text and Atlas, 2nd Edition: Text and Atlas.
  2. Kandel, Eric R.; Schwartz, James H.; Jessell, Thomas M.; Siegelbaum, Steven A.; Hudspeth, A. J., уред. (2012-10-26). Principles of Neural Science.
  3. Cooke, J. D.; Larson, B.; Oscarsson, O.; Sjölund, B. (1971-10-25). „Origin and termination of cuneocerebellar tract“. Experimental Brain Research. 13 (4): 339–358. doi:10.1007/BF00234336. ISSN 0014-4819. PMID 5123642.
  4. Lunatic, The (2020-02-01). „Know your spinal cord – The spinocerebellar tract“. Lunatic Laboratories (англиски). Посетено на 2021-07-06.

Надворешни врски

уреди