Кежовица

(Пренасочено од Штипска Бања)

Кежовица или Штипска Бања — бањски центар кој се наоѓа на десниот брег на реката Брегалница, на околу 2км југозападно од центарот на Штип, на излезот од Ново Село, кое е споено со овој град, на меѓусебна оддалеченост од околу 300 м се наоѓаат појавите на термоминералните води Кежовица и Л’џи, кои лежат на ист расед. Наоѓалиштето на овие термоминерални појави, е расположено помеѓу ридовите „Исарот“ и „Кумлако“ од левата, и „Мерите“ од десната страна на р. Брегалница.[1] Пред 25 години, на Кежовица постоела стара каптажа, чија термоминерална вода се користела исклучиво за лековити цели. Денес на ова место постои нова бања, со уредени санитарни бањи и базени, како и центар за рехабилитација. Инаку, Кежовица како бања е позната уште од турско време, кога таа се користела за здравствени цели и лична хигиена на жителите. Пишувани податоци за постанокот на бањата постојат, но се претпоставува дека истата била изградена од страна на Турците на крајот на XVII век и тоа во примитивна зграда со базен. Термоминералните води во околината на Штип се јавуваат во горнојурски гранити, и тоа бањата Кежовица во непосредна близина на главниот расед, во контактот на гранити и горноеоценски флишни седименти, додека изворите Л’џи се наоѓаат во самите гранити. Треба да се напомене, дека водата во изворите Л’џи не е константна, туку е во зависност од речната вода на Брегалница. Главниот извор Л’џи има издашност која варира од 1-1,5 литри во сек., а температурата на водата варира од 50-62оС. Карактеристично е, дека со зголемувањето на нивото на р. Брегалница, покрај капацитетот на термоминералната вода на изворот Л’џи, се зголемува и температурата на оваа вода. Температурата на главниот извор на бањата Кежовица, е 57оС, а излезноста 7 литри/сек. Бањата Кежовица, според својата радиоактивност, спаѓа во ред на најрадиоактивните термоминерални води, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Инаку, подземјето на околината на Штип обилува со големи термоминерални води, а водата покрај за лековити цели како и за рекреативни, може да се користи и за топлификација и за енергетски цели, како и перспективно за електрификација.[2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Kiril Popovski (2007-04-08). „Thermal Spas in Macedonia“ (PDF). geothermie.de. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-09-28. Посетено на 2007-08-27.
  2. Васил Недков, Термално-минерални извори и бањата Кежовица, „Географски разгледи“, кн. 5, Скопје, 1967

Надворешни врски

уреди