Црква „Св. Никола“ - Владиловци
Свети Никола — главна селска црква во селото Владиловци.[1][2]
Свети Никола
| |
Поглед на влезот на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Повардарска |
Архијерејско намесништво | Велешко |
Парохија | Изворска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°31′9″N 21°44′31″E / 41.51917° СГШ; 21.74194° ИГД |
Место | Владиловци |
Општина | Чашка |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Никола |
Изградба | XVII век |
Живопис | XVII век XIX век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабна |
Црквата се наоѓа во непосредна близина на селото, а околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта. Денес, црквата е во лоша состојба, целосно обрасната и непристапна.
Историја
уредиЦрквата е подигната во поствизантискиот период, а обновена во XIX век.[3]
Архитектура
уредиИма еднокорабна градба, со полуобличаст свод и полукружна апсида на источната страна. Кон северозападната страна е дограден затворен трем. Денес, е препокриена со салонитни табли. Главниот влез во црквата е од западната страна, но има и уште еден тесен премин од југ. Прозорски окна има по едно на северниот и јужниот ѕид. Подот е изработен од камени плочи.[3]
Фрескоживопис
уредиЅидните површини во внатрешноста на црквата во поново време се целосно варосани. На местата каде што е отпаднат варовиот намаз се открива боен слој од XIX век, а под него се наѕираат фрагменти од постар слој, најверојатно од времето на подигањето на црквата од XVII век.[3]
Во олтарниот простор, во апсидата, се препознаваат фрагменти од Богородица со Христос во кружен медалјон на градите, а во проскомидијалната ниша фрагменти од ореолот од фигура на светител. На јужниот ѕид е отворена една поголема површина од ѕидното сликарство на која може да се распознае композицијата на Страшниот суд. На северниот ѕид се отворени портрети на маченичките „Св. Теофана“ (?) и „Св. Петка“, до нив се насликани „Св. Ѓорѓи“, „Св. Димитриј“, „Св. Трифун“ и Деисисот до иконостасот. Во горната зона во правоаголни полиња се сместени доподпојасни светите лекари „Св. Кузман и Дамјан и други неидентификувани светители.[3]
Може да се забележи дека зографот од XIX век сликал директно врз постариот боен слој, кој се наѕира под преслика.[3]
Иконостас
уредиНа иконите од двокатниот иконостас има сигнирано две икони. Едната е од зографот Димитрија Дуков сликана во 1848 година (сигнатурата со неговото име е запишана на царските двери, а на проскомидијалната врата со претставата на архангелот Михаил ја вади душата на богатиот е запишана само годината 1848) Другата икона е од Ангелко Андонов, датирана во 1898 година. Можно е Димитрија Дуков да се појавува и како автор на поквалитетна сликарија/преслика од XIX век, додека Ангелко Андонов е со поскромни зографски знаења.[3]
Галерија
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Изворска парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 11 август 2018.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Посетено на 11 август 2018.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Никола“ - Владиловци на Ризницата ?