Црква „Св. Архангел Михаил“ - Асамати
Свети Архангел Михаил (од мештаните нарекувана Свети Арангел) — главна селска црква во селото Асамати, Општина Ресен, Македонија.[1]
Свети Архангел Михаил
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Ресенско |
Парохија | Подмочанско-љубојнска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 40°59′05″N 21°02′58″E / 40.98472° СГШ; 21.04944° ИГД |
Место | Асамати |
Општина | Ресен |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Архангел Михаил |
Изградба | 1636 |
Живопис | кон крајот на XVII век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабна |
Се наоѓа јужно од селото, покрај брегот на Големото Преспанско Езеро. Во дворот на црквата се наоѓаат селските гробишта.[2]
Историја
уредиБила изградена во 1636 година. Црквата од асамаштани уште е нарекувана и „Св. Њум“ (Свети Наум), но не се знае од која причина.[2]
Градба
уредиЦрквата е еднокорабна со полукружна апсида. Била изградена од кршен и приделкан камен, покриена со двоводен кров од ќерамиди.[2]
Покрај малата еднокорабна градба, во поново време од јужната, западната и северната страна се прилепени помошни простории во вид на затворени тремови и се направени премалтерисувања на ѕидовите во наосот и дел од олтарскиот простор.[3]
Живопис
уредиВнатрешноста на црквата е живописана.[2]
Од зачуваниот натпис, што се наоѓа на источниот ѕид од олтарскиот простор, дознаваме дека црквата е живописана во четвртата деценија на XVII век. Сочуваното сликарство од олтарскиот простор е истовремено и најзначајната содржина што ја поседува овој мал храм, како едно веродостојно сведоштво за уметноста од првата половина на XVII век во Преспа. Тука се сочувани неколку композиции и поединечните ликови на „Св. Атанасиј“, „Св. Василиј“, „Св. Јован Златоуст“ и „Св. Григориј“, како учесници во архијерејската литургија, насликани во долната зона од нишата на апсидата. Над нив е „Св. Богородица“ со малиот Христос пред себе а во најгорната зона е композицијата со „Вознесението Христово“. Лево и десно од апсидната конха се деловите од „Благовештението“ со ликовите на „Архангел Гаврил“ и „Св. Богородица“. Во малата полукружна ниша од жртвеникот, насликан е „Св. Првомаченик Стефан“. Од зачуваните партии, може да се констатира дека непознатиот автор на овие фрески поседувал значителни уметнички квалитети за времето во кое творел.[3]
Иконостас
уредиНа високата олтарна преграда, која за жал ја затскрива највредната содржина од овој храм, поставени се неколку икони од 1931 година.[3]
Поврзано
уредиГалерија
уреди-
Поглед на црквата
-
Апсидата на црквата
-
Целосен поглед на црквата заедно со малата камбанарија
Наводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 46. ISBN 9789989920554. Посетено на 28 јануари 2016.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Палигора, Ристо (декември 2011). „Студија за манастирски туризам на Баба Планина“ (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-28. Посетено на 11 декември 2016.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Архангел Михаил“ - Асамати на Ризницата ?