Христо Тасламиче
Христо Тасламиче — македонски мајстор-ѕидар од XIX век, роден во Прилеп.
Градби
уредиЗаедно со Петре Лауцо и Коста Лауцо, Христо Тасламиче е најпознатиот прилепски градител во XIX век. Со Коста Лауцо ги граделе црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп (1838) и училиштето, а со Петре Лауцо: Саат кула во Прилеп. Тасламиче учествувал и во подигнувањето на конаците на манастирот Трескавец во 1867 година.[1] Градители мајстори кои учествувале во овој потфат, покрај добро познатите Коста Лауцо, Перо Лауцо и Ристе Тасламиче, биле и повеќемина мајстори од Прилеп. Како самостоен градител Христо Тасламиче се јавува на црквата „Вознесение Христово“ во селото Мало Рувци.
Градењето на црквата „Св. Благовештение“
уредиНајзначајниот објект на којшто работел Тасламиче била прилепската црква „Св. Благовештение“. Турските власти не дозволиле „нејзино надворешно нагласување, па затоа нејзината монументалност може многу повеќе да се согледа одвнатре“.[2] Самата црква била со димензии: 32 метри долга, 26 метри широка, а 9 метри висока. Црквата била вкопана шест скалила од улицата која поминувала покрај неа. Била ѕидана од делкан бигорлив варовник, со многу колони од северната, западната и јужната страна, додека на исток се наоѓа олтарната апсида. Црквата има 3 влеза од западната страна и 1 влез од јужната страна. Околу црквата биле подигнати тремови (на југ, север и запад). Над тремовите се наоѓале галерии, додека пак, над западниот трем било подигнато место каде што требало да пее хорот за време на светите литургии. Од секоја страна каде што имало трем бил направен влез, па така преку нив можело да се влегува во самата црква. На западната страна од црквата била изградена камбанарија во барокен стил (1869 година).[3][4]
Наводи
уреди- ↑ Бабиќ, Бошко (1961). „Неколку податоци за ѕидарите и сликарите во прилепскиот крај од XIX век“. Стремеж. 1961: 59–61.
- ↑ Ангелески, Златко (2008). 170 години од осветувањето на црквата „Св. Благовештение“. Прилеп. стр. 25.
- ↑ Ковилоски, Славчо (2017). Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси). Скопје: Современост. стр. 218–220.
- ↑ Хаџи Васиљевић, Јован (1902). Прилеп и његова околина. Београд. стр. 94–95.