Харизма (од грчки: χάρισμα - дарба, божествен подарок, божествена омиленост) е збор со кој истовремено се опишуваат повеќе особини на една личност: омиленост кај мноштво луѓе, привлечност на поголема група луѓе кон една личност, способност едно лице да привлече голем број луѓе, да има малку или воопшто противници, и сето ова со доза на мистичност. Обично поимот се користи за предводници, лица кои се пример на мноштво луѓе кои се спремни да ги следат и имитираат во секојдневието. Оваа особина подразбира необична, магнетна моќ на привлекување на мноштво следбеници и необичен, чудесен шарм, но не во смисла на т.н. полова привлечност, туку во општествена смисла.