Жариште (оптика)

(Пренасочено од Фокус (оптика))

Жариште или фокус — точка во геометриската оптика каде што се среќаваат (конвергираат) светлосните зраци кои доаѓаат од еден предмет.[1] Иако жариштето идејно се замислува како точка, физички тој има величина, наречена „матен круг“. Ова неидеално сосредоточување (фокусирање) може да се должи на отстапувања во оптичката апаратура. Во отсуство на значајни отстапувања, најмалиот можен матен круг се нарекува Ериев диск, кој се должи на распрснување (дифракција) од страна на дијафрагмата на оптичкиот систем. Отстапувањата се влошуваат со зголемување на отворот на дијафрагмата, додека пак Ериевиот диск е најмал при најотворена дијафрагма.

Функционирање на една испакната позитивна леќа
Зависност на жаришното растојание од показателот на прекршување.

Една слика, или пак точка или регион на неа, се вели дека е „во жариште“ кога светлото од точките на предметот се среќаваат и концентрираат на едно место колку што е можно, додека пак велиме дека истите се „вон жариште“ кога зраците не се сретнуваат во едно место. Границата помеѓу нив се дефинира според критериумот на кругот на конфузија.

Главно жариште или жаришна точка е посебно жариште:

  • кај леќа, или сферично или параболично огледало, ова е точката во која е сосредоточено колимирано светло паралелно на оската. Бидејќи светлото може да помине низ леќа во обете насоки, леќата има две жаришни точки—по една од секоја страна. Растојанието во воздух помеѓу главната рамнина на леќата или огледалото до жариштето се нарекува жаришно растојание.
  • елиптичните огледала имаат две жаришни точки: светлото кое минува низ едната од нив пред да урди во огледалото се одбива така што минува и низ другата.
  • жариштето на хиперболичното огледало е едно од две точки кои имаат својство каде светлото низ едната се одбива како да дошло од другата.

Распрснувачка (дивергентна) (негативна) леќа, или пак испакнато (конвексно) огледало не го сосредоточува колимираниот сноп во една точка. Тука жариштето е точката од која светлото изгледа дека произлегува, откако ќе пропатува низ леќата или ќе се одбие од огледалото. Испакнатото параболично огледало одбива сноп колимирано светло така што тоа изгледа како да зрачи од жаришната точка, или пак обратно, одбива зрази насочени кон жариштето како колимиран сноп. Испакнатото елиптично огледало ја одбива светлината насочена кон едно жариште како да зрачи од другото жариште, при што обете се наоѓаат зад огледалото. Испакнатото хиперболично огледало одбива зраци кои извираат од жаришната точка пред огледалото како да извираат од жаришната точка зад огледалото. Во обратен случај, тоа сосредоточува зраци насочени во жаришната точка која се наоѓа зад огледалото кон жаришната точка пред огледалото како кај Касегреновиот телескоп.

Поврзано

уреди
 
Слика која е делумно во жариште, но главно вон, на места повеќе или помалку.

Наводи

уреди
  1. „Стандардна терминологија во микроскопијата“. Универзитет на Минесота - Страница на Службата за карактеризација. Посетено на 21 април 2006. (англиски)