Филота
Филота — древномакедонски војсководец и генерал на Александар Македонски. Неговиот татко бил Парменион - најважниот генерал на Македонската тешка коњаница, која го следела Александар во сите битки.
Според Плутарх, Филота бил храбар и истраен воин. Бил великодушен и верен пријател, но и горделив, арогантен расипник. Неговата горделивост го чинела и живот. Тој бил осуден за заговор против царот, а потоа и убиен. Александар потоа наредил и неговиот татко Парменион да биде убиен.
Филота како воин
уредиПарменион, се чини, му помогнал на Александар Трети Македонски да се зацврсти на македонскиот престол по атентатот на Филип Втори, па поради тоа, останал втор човек по важност во македонската војска. А пак, Филота добил чин командант на коњицата.[1][2]
Во Битката кај Граник, 334 г. пр.н.е., Филота го предводел агријанскиот стрелечки одред, со којшто успешно ги изолирал и истиснал Персијците кај Микала. Учествувал во Битката кај Ис, но ништо конкретно не е запишано околу неговата улога во неа.
За време на египетскиот поход, 332 г. пр.н.е., почнал да говори против Александар. Имено, имал љубовница по име Антигона, па нејзе ѝ ги кажувал тие свои размисли. Сите големи успеси си ги препишувал себеси и на својот татко, а за Александар говорел дека е дете кое треба ним да им се заблагодари за сѐ тоа. Антигона не ја чувала тајната, па тоа стигнало и до Александар Велики.[3]
Филота учествувал и во Битката кај Гавгамела (331 г. пр.н.е.) и во Битката кај Парса (Персепол - персиската престолнина). И, по паѓањето на последното персиско упориште - Вавилон под македонска власт, есента 330 година пр.н.е., се случил и првиот заговор за атентат на Александар Македонски.
Заговорот и судењето
уредиИзвесен Димно бил иницијатор на заговорот за убиство на Александар. Тој бил близок пријател на македонскиот цар. Филота бил случајно замешан во тој обид. Димно ги кажал своите намери на свој пријател, а тој пак, на неговиот брат Ќебалин. Браќата се обиделе преку Филота да дојдат до Александар, па кога му кажале за заговорот, Филота опструирал.
Заговорот сепак бил откриен, па Димно и Филота биле уапсени со цел - да бидат изведени пред Македонската војска, која им судела на Македонци во случај на предавство. Пред судењето, Димно се самоубил. Филота одрекувал вмешаност.
На судењето...
- „Кралот (Александар Македонски, б.н.) се обратил нему (кон Филота, б.н.), и му рекол: ’Сега тебе ќе ти судат Македонци. Те прашувам, дали ќе им се обраќаш на мајчиниот јазик?‘
- Филота рекол: ’Освен Македонци, овде има многу други присутни, за кои сметам дека полесно ќе ме разберат, ако се служам со истиот јазик со којшто се служиш и ти (веројатно Коине-хеленски), верувам, не поради нешто друго туку за да го разберат повеќемина твојот говор‘.
- Тогаш кралот рекол: ’Еве, гледате ли, дотаму ли дошол Филота, та се гнаси од родниот говор? Всушност, тој е единствениот кој дури и го презира. Но нека зборува како што сака, а вие спомнете си дека тој подеднакво се отуѓил и од нашите обичаи и од нашиот јазик‘. Тогаш Александар го напуштил собирот.“ [4]
Погубувањето
уредиОд попознатите Македонци, Кратер бил меѓу најжестоките обвинувачи на Филота. Кон тие обвинувања се придружиле и Хефестион, Птоломеј Сотир и Аристобул. По нивен предлог, Филота бил подложен на мачење, па ја признал вината. Коин бил роднина и близок соборец на Филота, но сепак и тој тешко го обвинувал.
Воениот суд го осудил Филота на смрт, а погубувањето е извршено веднаш и на македонски начин - со фрлање копја во осуденикот.
Неговиот пријател Аминта, син на Андромен, како и неговите браќа, кои поради блиските односи со Филота, биле обвинети пред истиот суд, ја докажале својата невиност и биле ослободени од обвинението.
Александар, стравувајќи од одмазда, наредил веднаш да се убие и Парменион, и тоа пред тој да дознае за смртната пресуда на син му Филота.
Наводи
уреди- ↑ Аријан, 1.5
- ↑ Диодор, 17.17.4
- ↑ Плутарх, „Александар“, 48
- ↑ К. Руфус: „Историја на Александар Македонски“