Овој прилог е за програма на Европската Унија. За другите значења на Фаре, види Фаре (облакодер).

Фаре програмата е еден од трите претпристапни инструменти финансирани од Европската Унија за поддршка на земјите од централна и источна Европа во нивните подготовки за приклучување на Европската Унија.

Создадена е во 1989 година како помош за реконструкција на полската и унгарската економија [1]. Од Полска и Унгарија, Фаре го прошири покривањето и на десет други земји. Оваа програма дава поддршка на осум од десетте земји кои пристапија кон ЕУ во 2004 година ( Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија), како и земјите што пристапија во 2007 година (Бугарија и Романија) во период на огромно економско преструктуирање и политички промени. На француски, Фаре значи светилник.

Почнувајќи од 2000 година западно-балканските земји (Албанија, Македонија и Босна и Херцеговина) станаа корисници на Фаре. Сепак, од 2001 година КАРДС[2] програмата за поддршка на заедницата за реконструкција и стабилност на Балканот им овозможува финансиска поддршка на овие земји.

По поставувањето на копенхашките критериуми и поканата на земјите од централна и источна Европа да аплицираат за членство, Фаре поддршката беше преориентирана кон оваа цел, вклучувајќи забележително зголемување на инфраструктурните инвестиции. Од 1997 година, Фаре целосно се фокусира врз стратегијата за претпристапување, како одговор на Луксембуршкиот Совет кој го започна тековниот процес на проширување. Фаре фондовите се целосно фокусирани врз претпристапните приоритети нагласени во насоките и партнерствата за пристап, кои ги поставуваат главните приоритети кон кои земјата мора да се насочи за да се подготви за пристапувањето,како и ресурсите кои треба да им стојат на располагање. Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (acquis) претставува распоред на земјата кандидат на подготовките за пристап. Националната програма врши проценка на времетраењето и трошоците на чекорите кои се потребни за подготовка на земјата за членство и последиците за кадарот и финансиските ресурси.

Цели

уреди
  • Зајакнување на јавната администрација и институциите за делотворно функционирање во рамките на Европската Унија.
  • Унапредување на конвергентноста со законодавството на ЕУ (acquis communautaire) и намалување на потребата од периоди на транзиција.
  • Унапредување на економската и социјална кохезија.

Овие ориентации беа дополнително одредени во 1999 година со создавањето на САПАРД[3] и ИСПА [4] кои го преземаа руралниот и земјоделскиот развој (САПАРД) и проектите за заштитата на животната средина и на развојот на сообраќајната инфраструктура (ИСПА), кои овозможија фокусирање на Фаре врз клучните приоритети кои не беа опфатени во претходните сектори.

Ако се земе предвид дека сите десет земји кои претходно биле корисници на Фаре програмата, веќе се членки на Европската Унија, можат да се забележат значителни промени во рамките на самата програма. 2003 година беше последната година од програмата за новите земји членки, но договарањето на нови проекти продолжи до 2005 година, а исплатата на средства врз основа на овие проекти продолжи до 2006 година. Сепак, ако се има предвид замената на делегациите во новите земји членки со помали претставништва, од мај 2004 година новите земји членки мораа да ја преземат целосната одговорност за управувањето со Фаре програмите преку процес на проширена децентрализација.

:Оваа статија вклучува текст од страницата за Фаре Архивирано на 5 мај 2010 г. на мрежното место на Европската Унија. Според политиката за авторско право, умножувањето е овластено, по услов да се наведе изворот.

Наводи

уреди
  1. Poland and Hungary Assistance for Restructuring their Economies (PHARE)
  2. Community Assistance for Reconstruction, Development and Stability in the Balkans
  3. SAPARD
  4. ISPA