Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје

(Пренасочено од ФЗНХ)

Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) е факултет посветен на земјоделството и храната во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Сместен во источниот дел од градот Скопје, во кампус со другите факултети од биотехничките науки: Кампусот е оддалечен 2 км од Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј". Зградата на Факултетот има нето корисна површина од 7.465 м2, во која се сместени 6 амфитеатри, 26 предавални, 27 вежбални, 28 лаборатории, 143 канцеларии, библиотека и читална со површина од 270 м2 и студентско бифе со површина од 180 м2. Факултетот располага со ботаничка градина со површина од 3 хектари и стакленик со површина од 100 м2 пред самата зграда.

До 2004 г., установата се нарекувала „Земјоделски факултет“.[1]

Студиски програми

уреди
  1. Агроекономика
  2. Анимална биотехнологија
  3. Преработка на анимални производи
  4. Преработка на растителни производи
  5. Квалитет и безбедност на храна
  6. Екоземјоделство
  7. Заштита на растенија-фитомедицина
  8. Лозарство и винарство
  9. Градинарство и цвекартсво
  10. Овоштарство со лозарство
  11. Поледелство
  12. Производство и преработка на тутун

Структура

уреди
  1. Институт за агроекономија и организација
  2. Институт за анимална биотехнологија
  3. Катедра за ботаника и микробиологија
  4. Катедра за генетика и селекција
  5. Катедра за педологија, Агрохемија и мелиорации
  6. Катедра за заштита на растенија
  7. Катедра за земјоделска техника
  8. Катедра за општо поледелство
  9. Катедра за овоштарство и преработка
  10. Катедра за градинарство и цвекарство
  11. Катедра за лозарство и винарство
  12. Катедра за специјално поледелство и тутун

Историјат

уреди

Факултетот за земјоделски науки и храна е основан во 1947 година, под името Земјоделски факултет, како посебен отсек на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, само една година подоцна од основањето на Филозофскиот факултет. Со основањето на факултетот, Медицинскиот факултет и се обезбедиле услови за формирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, по основањето и започнувањето со работа, перманентно се организира, доизградува и усовршува како комплетна наставно-научна установа. Во досегашниот период на работа и развој, минува низ повеќе организациски и развојни фази. Промените и трансформациите, развитокот и работата се должат на потребите за усогласување на наставно-образовниот процес, научно-истражувачката работа, примената на сопствените и странските научни сознанија во земјоделството, што е поврзано со политичките и општествено-економските односи во општественото уредување.

Во 1975 година, Земјоделско-шумарскиот факултет се дели на два самостојни факултета: Земјоделски и Шумарски, како одделни работни организации. Ова осамостојување доаѓа како резултат на достигнатиот висок степен на развој во сите дејности на двата дотогашни оддела, земјоделскиот и шумарскиот.

Од 1977 до 1989 година, Земјоделскиот факултет функционира како Работна организација во која беа интегрирани Земјоделскиот факултет, Земјоделскиот институт, Институтот за сточарство и ветеринарство, Заводот за овоштарство, Заводот за лозарство и Факултетското земјоделско стопанство Трубарево. Во рамките на оваа Работна организација, функционираа осум правни лица:

  • Институт за поледелство и градинарство;
  • Институт за овоштарство;
  • Институт за лозарство и винарство;
  • Институт за сточарство;
  • Институт за проучување на почвите;
  • Институт за заштита на растенијата;
  • Институт за економика и организација во земјоделството и Факултетско земјоделско стопанство

Како резултат на сложената организациска поставеност, од почетокот на 1990 година, Земјоделскиот факултет работи како самостојна работна организација со три основни дејности: образовна, научно-истражувачка и апликативна.

Првата диплома на додипломските студии е издадена на 30. XII 1949 година, првата магистерска тема е одбранета на 24. XI 1971 година, а првата докторска дисертација е одбранета на 28. V 1959 година. Од 1990 година, покрај постојните три насоки: поледелска (со градинарско-цвеќарска група), лозаро-овоштарска и сточарска, отворена е и општа насока.

Во периодот од 1992 до 1994 година, во рамките на Земјоделскиот факултет, како посебна насока, функционираше и ветеринарната насока, која натаму се оформи во самостоен Ветеринарен факултет. Во 1997 година на Факултетот се оформи нова насока – Земјоделска техника. Со цел да се следат потребите на пазарот од стручна работна сила и интересите на студентите, од 2001 година Факултетот ја организира наставата на 10 насоки:

Поледелска насока;

  • Градинарско-цвеќарска насока;
  • Лозаро-овоштарска насока;
  • Сточарска насока;
  • Насока за земјоделска техника;
  • Агроекономска насока;
  • Насока за заштита на растенијата;
  • Насока за искористување, уредување и заштита на почвите и водите;
  • Насока за еко-земјоделство и
  • Насока за преработка на земјоделски производи.

Со овие измени се обезбеди потребен број нови стручни профили неопходни за ангажирање во малите и големите производни капацитети во Република Македонија.

Во истата 2001 година, Факултетот се вброи меѓу првите 4 факултети при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, кои го воведоа кредит трансфер системот во наставниот процес.

Во февруари 2004 година, Земјоделскиот факултет го промени името во Факултет за земјоделски науки и храна.

Од 2005 година факултетот за земјоделски науки и храна организира дисперзирана настава на градинарско-цвеќарската насока во Струмица.

Денес на Факултетот за земјоделски науки и храна се организираат редовни додипломски, последипломски и докторски студии.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди


  1. Историјат — ФЗНХ