Управување со парични средства
Управувањето со парични средства (англиски: cash management) претставува финансиска услуга со која банките и другите финансиски институции извршуваат одредени финансиски и сметководствени трансакции и операции поврзани со паричните приливи и одливи на нивните клиенти (луѓето и претпријатијата). Управувањето со паричните средства претставува посредничка работа, бидејќи давателите на оваа услуга немаат никакви побарувања или обврски кон своите клиенти, туку работат само како посредници по налог и за сметка на клиентите.
Особености
уредиУправувањето со паричните средства е една од најраспространетите услуги што банките им ги нудат на своите клиенти (претпријатијата и луѓето). Во тој поглед, банките имаат природна конкурентска предност во однос на другите финансиски институции имајќи предвид дека кај нив се наоѓаат сметките на луѓето и на претпријатијата, а истовремено, тие имаат централно место во извршувањето на платниот промет.
Оваа услуга е многу привлечна за клиентите на банките, особено за големите претпријатија, кои извршуваат голем број трансакции во текот на денот. Оттука, големите претпријатија се чести корисници на оваа услуга, која им овозможува ефикасно користење на паричните средства, брза наплата на побарувањата, навремено плаќање на обврските и управување со ликвидноста.
Од друга страна, банките заработуваат големи провизии од управувањето со паричните средства, кои, сепак, се помали од заштедите на корисниците на овие услуги. Во продолжение, на овој начин банките ги зацврстуваат односите со клиентите, кои понатаму користат и други услуги од нив.[1]
Услуги за претпријатијата
уредиВо рамките на управувањето со паричните средства, банката извршува бројни активности во полза на своите клиенти, како што се:[1]
- наплата на побарувањата од купувачите и плаќање фактурите кон добавувачите;
- евиденција и наплата или исплата на чековите што ги примило, т.е. ги издало претпријатието;
- плаќање на давачките кон државата;
- исплата на платите на вработените;
- евиденција на сите уплати и исплати во текот на секој работен ден;
- евиденција на состојбата на сметките што претпријатието ги има во различни банки;
- префрлање на вишокот пари на каматоносна сметка или нивно вложување во кусорочни хартии од вредност;
- собирање на дневниот промет остварен на различни продажни места и негова уплата на една заедничка сметка;
- проекција на паричните приливи и одливи во текот на денот и покривање на потребите за ликвидност итн.
Услуги за населението
уредиПокрај за претпријатијата, услугите од областа на управувањето со паричните средства е достапна и за населението. Така, банките им ја нудат на своите клиенти можноста да дадат траен налог за плаќање на сметките за струја, вода, парно греење, фиксен и мобилен телефон. Притоа, на точно одреден ден, банката префрла пари од сметката на налогодавачот на сметката на претпријатието. Исто така, потрошувачите можат да дадат траен налог и за отплата на кредитите одобрени од банката или од друга банка. На тој начин, плаќањето преку траен налог им овозможува на потрошувачите заштеда на време, намалување на трошоците, навремено плаќање на обврските и избегнување на казнените камати.[1]