Турбето на К’злар-беј
Турбето на К’злар-беј или Отвореното турбе (Kızlar Bey Türbe) — турбе од 16-17 век, кое се наоѓало во Битола.[1]
Турбе на К’злар-беј | |
---|---|
Турбето на стара фотографија | |
Општи податоци | |
Вид | турбе |
Стил | раноосманлиски |
Град | Битола |
Земја | Македонија |
Завршена | XVI-XVII век |
Местоположба
уредиТурбето се наоѓало на муслиманските гробишта на североисточната периферија на градот, во населбата позната во отоманско време како К’злар-беј. Турбето било изградено на рид.[1]
Историја
уредиСпоред локална легенда, во турбето изградено во почетокот на 16 век или подоцна бил погребан оџа. Меѓутоа, некој човек сонувал дека таму е погребана ќерка на христијански владетел, а при проверката се покажало дека тоа е точно. Слична легенда постои и за Турбето на кралската ќерка во Скопје.[1]
Турбето било разрушено од земјотресот во 1995 година. Во 1996 година, Исламската заедница и Заводот за заштита на спомениците на културата започнале проект за реставрација на турбето.[2]
Архитектура
уредиТурбето е од отворен тип - типично за турбиња градени од жени или за жени. Има речиси квадратна основа со димензии 5,16 x 5,31 m. Висината му е 7,76 m. Покриено е со осумаголна купола со пречник од 3,10 m на пандантиви, носени од четири големи аголни столба со димензии 1,03 x 1,03 m. Ѕидаријата е изработена од делкан камен, наизменично реден со три реда тули. На фасадата имало меандрирана декорација од тули - конкавна и конвексна. Декоративните фризови завршувале со назабен корниз. Горниот дел од куполата бил покриен со теракотни плочки и мермерен алем. Во 1848 година турбето го посетил Едвард Лир, кој го насликал со мермерен саркофаг во него, кој подоцна исчезнал.[2]
Архитектонски слично е со Турбето на кралската ќерка, Турбето Хатунџиклар, Турбето Алта Ајак (1690) и Турбето на Али-паша (1774) во Скопје. Слични примери има и на гробиштата Алифаковиќ во Сараево, како и во Фоча.[2]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Mihajlovski, Robert (2012). „The Seventeenth Century Ottoman Religious Architecture of Bitola/Manastir“ (PDF). Патримониум. V (10): 297. Посетено на 19 ноември 2017.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Mihajlovski, Robert (2012). „The Seventeenth Century Ottoman Religious Architecture of Bitola/Manastir“ (PDF). Патримониум. V (10): 298. Посетено на 19 ноември 2017.