Тројцата праведни чешлари
Тројцата праведни чешлари (германски: Die drei gerechten Kammacher) - расказ (новела) од збирката „Луѓето од Селдвила“ на швајцарскиот писател Готфрид Келер од 1856 година.
Содржина
уредиВо Селдвила постои дуќан за изработка на чешли чии сопственици се менуваат одвреме-навреме. Еднаш, во дуќанот доаѓа момчето Јопст, кој останува да работи како калфа. Тој не е многу надарен и има сиромашен дух, но е многу вреден, мирен, сталожен и трпелив. Целата заработка тој ја штеди за да го оствари својот сон: еден ден, да го купи дуќанот, да стане мајстор и да се насели во Селдвила. По некое време, во дуќанот доаѓаат и калфите Фридолин и Дитрих кои ги имаат сите одлики како Јопст. Оттука, меѓу нив започнува прикриена борба во која тие работат уште повеќе со намера да истиснат еден од останатите. За да обезбеди својата иднина, Дитрих ѝ се додворува на девојката Цуза Бинцли за која дознава дека има определено наследство. Истовремено, по неколку неуспешно врски, и таа ја планира својата иднина и сака да се омажи за вредно и пристојно момче. Набргу, и Јопст и Фридолин почнуваат да ѝ се додворуваат на Цуза. Еден ден, нивниот мајстор им соопштува дека нема повеќе работа за тројцата и дека ќе задржи само еден калфа, оставајќи ги тие да се договорат меѓу себе кој ќе остане. Тие ја змолуваат Цуза да избере еден од нив, а таа вешто се извлекува од обврската и им предложува да организираат трка во која победникот ќе ја земе Цуза за жена, а другите двајца ќе ја напуштат Селдвила. Таа лично ги придружува до врвот на еден рид, каде намерно кокетира со Дитрих, со намера тој да заостане во трката. Меѓутоа, упорниот Дитрих ѝ ја изјавува својата љубов и додека другите двајца калфи трчаат кон градот, тој ја освојува Цуза. За тоа време, сите жители на градот се собираат по улиците и им се потсмеваат на Јопст и Фридолин кои истовремено пристигнуваат на целта и почнуваат да се борат меѓу себе. Во меѓувреме, во градот пристигнуваат Цуза и Дитрих, кои веќе ја договориле свадбата, а Цуза веднаш го купува чешларскиот дуќан. Јопст и Фридолин, разочарани и засрамени, ја напуштаат Селдвила при што Јопст се обесува, а Фридолин станува скитник. Така, Дитрих останува да живее во Селдвила, но и тој нема среќа, зашто паѓа под власта на Цуза.[1]
Наводи
уреди- ↑ Gotfrid Keler, Ljudi iz Sledvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 67-108.