Теквондо

боречка вештина
(Пренасочено од Теквондист)

Теквондо (корејски: 태권도/跆拳道) — корејска боречка вештина и национален спорт во Јужна Кореја.[1][2] На корејски те значи удар или блокада со ногa, квон е удар или блокада со рака и до е пат, начин или метод, значи теквондо во груб превод значи патот на раката и ногата. Името теквондо може да се најде во најразлични варијанти како на пр. теквон-до, те-квон-до или те квон до, поради историската, филозофска или политичка основа и различноста на организациите. Тоа е комбинација од борбена техника, самоодбрана, спорт, вежба а во некои случаи и медитација и филозофија. Во 1989 година теквондотот стана една од најпопуларните боречки вештини по бројот на луѓе кои го практикуваат. Gyeorugi е вид на спаринг кој е дел од Олимписките игри уште од 2000 година.[3]

Летечки страничен удар на двојно стапало

Постојат две гранки на вештината теквондо коишто не се целосно меѓусебно поврзани:

  • Традиционално теквондо се однесува на неговото поставување во 50-тите и 60-тите години во јужнокорејската армија како и во различни организации вклучувајќу ги училиштата и универзитетите. Името и симболизмот на традиционалниот модел се однесува на елементи од корејската историја, култура и религиозна филозофија. Денеска Кукивон или исто така познат како Светскиот теквондо штаб е традиционалниот центар на тљеквондото во Кореја.
  • Теквондо како спорт е развиено во 50-тите години со сосема различна цел од традиционалното каде е нагласена брзината и компетитивноста. Тоа се дели на два стила: првиот произлегува од Кукивон каде се почетоците на спарингот наречен sihap gyeorugi кој како настан е дел и од Летните олимписки игри и предводен од Светската теквондо федерација, другиот стил припаѓа на Интернационалната теквондо федерација.

Постојат повеќе научни разлики и разлики во техниката помеѓу двата стила и помеѓу двете организации но воглавно оваа вештина става акцент на ударите со нозе изведени од мобилен став користејќи го нивниот дофат и сила. Тренинзите вклучуваат цел систем на блокади, кикови, удари со отворена шака но и фрлања, соборувања и залажувања со замав. Некои од теквондо инструкторите го вклучуваат и користењето на потисни точки познато како jiapsul како и техники за самоодбрана позајмени од други вештини како хапкидо и џудо.

Историја

уреди

Најстарата корејска вештина е спој од повеќе борбени стилови за невооружена борба развиени од трите сопернички корејски царства Когурео, Сила у Баекје каде биле подучувани млади луѓе на невооружена борба со цел да развијат сила, брзина и способност за преживување. Најпопуларната техника била субак односно теккиеон како дел од субак-техниката. Оние борци кои покажувале голема, природна способност за борба биле избрани како обучувачи во посебните воени корови наречени Хваранг. Се верувало дека младите луѓе кои поседувале талент за вештини ја имале благодатта да станат едни од најголемите воини. Овие воини биле учени на научни како и на боречки вештини, учеле филозофија, историја, кодексот на етика и јавање. Нивниот воен тренинг се состоел од обемни програми за користење на оружје како што е мечување и стрелаштво на коњ или на нозе и подучување на воени тактики и невооружена борба користејќи ја субак техниката. Иако субак е претежно ножна техника, кралството Когурео ја додале и рачната техника во субак вежбите.

Овој период неколку одбрани воини од кралството Сила биле обучувани од некои од првите мастери од Когуруо на техниката на теккиеон. Овие воини тогаш биле познати како Хваранг воини. Хваранзите ја создале воената академија за синовите на кралството во Сила која била наречена Хваранг-до и значи патот на мажествениот расцут. Хваранзите учеле теккиеон, историја, конфуцијанство, етика, моралот на будизмот, социјални вештини и воени тактики. Водечките принципи на Хваранг војниците биле врз основа на петте кодекси на човековото однесување на Вон Гванг, а тоа се: лојалност, братска должност, доверба, храброст и правда. Теккиеон се раширил низ цела Кореја со патувањата на Хваранзите низ полуостровот учејќи за новите предели и луѓето. За време на владеењето на династијата на Јосеон боречките вештини биле фрлени во мрак и покрај богатата корејска историја на древни и традиционални боречки вештини. Корејското општество во тоа време е централизирано ‘благодарение‘ на корејскиот конфуцијанство и боречките вештините тогаш се сметале за неважни во тоа општество на идеалите на учени кралеви. Практикувањето на традиционалните боречки вештини како субак и теккиеон биле резервирани за воени употреби. Употребата на теккиеон техниката продолжила да живее во 19 век благодарение на обичните луѓе кои ја практикувале. Во периодот на окупација на Кореја од Јапонија 1910-1945 сите особености на етничкиот идентитет на Кореја биле забранети и потиснувани. Традиционалните корејски вештини како субак и теккиеон биле исто така забранувани и потиснувани. За време на окупацијата корејците на кои им било дозволено да студираат и да бидат некако рангирани биле запознаени со јапонските боречки вештини а обичните луѓе со боречките вештини во Кина и Манџурија. По ослободување на корејските територии во 1945 година почнале да се отвораат школи за боречки вештини (кванови) со различни влијанија. Постојат различни гледишта за потеклото на вештините изучувани во овие училишта. Некои веруваат дека теквондото создадено во овие училишта е врз основа на традиционалните корејски борешки вештини субак и теккиеон додека некои дека теквондото ја има зачувано основата на традиционалните вештини но дека претрпело промени поради влијанијата од соседните земји, додека други веруваат дека овие училишта изучувале вештини врз основа на карате. Во 1952 година во екот на војната во Кореја се одржала презентација на боречката вештини на квандовите покажувајќи ја умешноста на движењата. Во еден дел од презентирањето Нам Те Хи скршил 13 даски со еден удар. По ова јужнокорејскиот претседател Сингман Рее го назначил Чои Хонг Хи да ја претстави оваа боречка вештина пред корејската армија.Во средината на 50-тите години се појавиле девет кванови. Сингман Рее наредил да се соединат сите школи за боречки вештини во еден единствен систем. Не се знае точно кој прв го употребил името Теквондо но со него се поврзуваат две имиња , Чои Хонг Хи (од школата Ох До Кван) или Сонг Дук Сон (од Чанг До Кван). Тоа било прифатено на 11 април 1955 година. Денеска стои дека 9те кванови кои ја обучувале војската се основачи на теквондото иако некои од нив не го користеле називот теквондо. Корејската теквондо асоцијација е основана во 1959/1961 година за да се олесни обединувањето.

Во почетокот на 60-тите години теквондото започнува да се практикува во светски рамки од страна на првите теквондо мастери. Напорите за стандардизација на оваа вештина замреле бидејќи мастерите познати како кванови практикувале различни стилови. Корејската влада барала унифицирање на теквондото во склоп на Здружението Те Су До која подоцна го сменила името во Корејска теквондо асоцијација во 1965 година менувајќи го раководството. Интернационалната Теквон-До Федерација е основана во 1966 основа а Светската теквондо федерација во 1973 година.

Уште од 2000 година Теквондото стана една од двете боречки вештини од Азија вклучена во Олимписките игри (другата е џудо). Тоа се изведби од демонстративен карактер каде се покажуваат умешностите на вештината и првпат се изведени во Сеул на Олимписките игри во 1988 година а како официјален настан во 2000 година во Сиднеј. Од неофицијален извор во 2009 година теквондото се практикувало во 123 држави со преку 30 милиони вежбачи и 3 милиони црни појаси. Во истата година Јужнокорејската влада направи проценка на 70 милиони практикувачи во 190 земји.

Особености

уреди

Теквондото е препознатливо по ударите со нога а таа техника го одделува од другите боречки вештини како што е каратето и кунг-футо. Главниот принцип е дека ногата е најјакото и најдолго човечко оружје кое постои во боречките вештини а ударите со нога го имаат најголемиот потенцијал да извршат силен удар или пак да го спречат. Од историска гледна точка корејците го имале мислењето дека рацете се премногу драгоцени за човекот за да ги користи за борба. Како боречка вештина теквондото е популарно меѓу луѓето од секоја возраст и пол. Тоа развива сила, брзина, рамнотежа, флексибилност и издржливост. Како пример за спојот на менталното и физичкото е кршењето на даски , цигли или керамички плочи за кои е потребна физичка подготвеност и концентрација за насочување на силата кон едно нешто. Еден теквондо ученик на тренингот носи униформа наречена добок во бела или црна боја (а денес може да се сретнат во секакви бои) со појас околу половината. Има три главни модели кога станува збор за добок униформата поврзани со носењето на горниот дел: првиот модел е во типичен азиски стил на облекување со преклоп, горен дел со V израз кој е особено препознатлив за оние кои ги практикуваат стандардите на СТФ и моделот на јакна со вертикално затворање препознатлив за оние од ИТФ. Бојата на појасот главно го претставува рангот на ученикот а тоа значи колку е потемна бојата толку е повисок рангот. Школата каде се вежбаат техниките е наречена до-јанг. Главниот мастер на школата е наречен гван-јанг-ним. Вториот главен мастер е са-беом-ним, инструкторите се гуо-сан-ним. Асистентот на инструктороте наречен јо-гуо-ним. Традиционално се вежба бос но постојат и специјални патики кои можат да се носат при вежбањето. Иако секоја вежбачка школа е различна, ученикот е дел од следните дисциплини:

  • учење на техниката и правилата на однесување во теквондото
  • анаеробни и аеробни вежби и истегнување
  • одбранбени техники (hosinsoo)
  • Форми (poomsae, teul, hyeong)
  • спаринг (gyeorugi, matseog in ITF) кој вклучува 7-, 3-,2- или 1- бод, спаринг во слободен стил, договорен спаринг, спаринг на броење и други видови.
  • вежби со релаксација, медитација и контрола на дишење.
  • техники со фрлања и паѓања ( deonjigi i ddeoreojigi)
  • концентрирање на ментална и етичка дисциплина, правда, почит и самодоверба
  • полагање за нов ранг, појас
  • кршење на даски (gyeokpa ili weerok) поделено во 3 типа
  1. кршење со употреба на сила- користење на техники за да се скршат што е можно повеќе даски
  2. кршење со употреба на брзина-даските се држат за еден агол ставајќи акцент на брзината со која е скршена даската
  3. специјални техники- кршење неколку даски со удари во скок или за да се собере повеќе сила за висина, дистанца или да се поминат пречки

Организации

уреди

Двата најпознати системи на техники во теквондо се наречени по нивните соодветни организации WTF World Taekwondo Federation и ITF International Taekwon-Do Federation.

Светската теквондо организација е основана во 1973 година и влече корени од Корејската теквондо асоцијација.КТА е основана во 1972 година со центар во Дојанг, Јужна Кореја а по само неколку месеци името се менува во Кукивон. Следната година се формира Светската теквондо федерација. Меѓународниот олимписки комитет ја признава СТФ и теквондо спарингот во 1980 година. Иако термините СТФ и Кукивон често се заменуваат еден со друг по грешка, Кукивон е всушност потполно друга организација која тренира и сертифицира инструктори и официјално го доделува степенот дан и пум со сертификат во светски рамки. Кукивон (Светски теквондо штаб) има свое официјално седиште со административни канцеларии во Сеул, Јужна Кореја . СТФ е светски натпреварувачки комитет и технички не спаѓа во нов стил или систем на оваа вештина. ИТФ е основана во 1966 година од страна на Чои Хонг Хи како фракција на КТА. По смртта на Чои во 2002 година по непрекината расправа ИТФ се дели на три групи и сите тврдат дека се оригиналот. Овие три тела се приватни организации, две од нив се сместено во Австрија и едно во Канада. Неофицијалниот тренинг штаб на ИТФ се наоѓа во Теквондо палатата во Пјонгјанг, Северна Кореја и е оформен во 1990 година. Постојат и други организации како што е Унијата на светско традиционално теквондо, Американската теквондо асоцијација кои го практикуваат сонгам стилот и Ри теквон-до практикувајќи го воениот стил на борба. Настаните и натпреварите од овие организации се затворени за другите теквондо практикувачи. Меѓутоа СТФ е отворена за сите оние кои сакаат да учествуваат во настаните и натпреварите кои таа ги организира но под услов учесникот да биде член на СТФ преку националната асоцијација на нејзината или неговата нација. Најголемата разлика на овие организации е во техниката, формите кои се изучуваат и претставуваат збир на движења кои го демонстрираат познавањето на ставот, држењето и техниката како и правилата за спаринг за натпревар и теквондо филозофијата.

Во прилог на овие организации оригиналните школи наречени кван кои првично ја формирале организацијата а со тек на време прераснале во Кукивон продолжиле да постојат со независно братско членство на организациите поддржувајќи ја СТФ и Кукивон. Официјалниот начин на работа на старите кван школи е истиот како и на Кукивон. Кван школите функционираат како канал за издавање на сертифицикатите на дан и пум (ранг за црн појас) од страна на Кукивон.

Ранг, појаси и промоција

уреди

Теквондо ранговите се поделени на јуниори и сениори односно на ученици и инструктори. Отсекот на ученици се дели на десет нивоа или рангови а ученикот се именува геуп. Ранговите на учениците се препознаваат по појасите во различни бои и во зависност од школата овие рангови се наречени обоени појаси. Рангот на геуп ученикот може да биде означен со знаци на појасот . Учениците почетници го имаат 10от ранг или бел појас па се усовршуваат до првиот ранг односно црн појас.

Сениорскиот дел е поделен на девет нивоа наречени дан односно на 9 степена по земањето на црниот појас. Рангирањето на црниот појас заочнува од прв дан продолжува со втор, трет итн. Степенот на црниот појас се означува на појасот со бројка, линија или други начини. Напредувањето на геуп ученикот се должи на неговата посветеност и во зависност од тоа се менува појасот на секои 2 3 4 5 месеци. Геуп учениците ги учат основните техники а потоа напредуваат сè додека не стигнат до првиот дан. Постарите односно потрадиционалните школи го имаат принципот на подолго вежбање пред земање на рангот за разлика од новите школи каде за побрзо време се крева и рангот на геуп ученикот. За разлика од тоа напредувањето од еден дан во друг може потрае и години, односно главното правило гласи дека полагањето на еден дан во друг треба да биде согласно со времето за кое се спремал мастерот за претходниот ранг.На пример за полагање на трети дан може да не биде дозволено после само 4 години од полагањето за претходниот дан. Некои од организациите ја ограничуваат и возраста за полагање на повисоки рангови па на помладите нема да им биде доделен ранг сè додека не достигнат определена возраст. Црните појаси носат и соодветни називи како на пр. инструктор по теквондо, мастер по теквондо итн. но организациите имаат различни правила и стандарди во врска со ранговите и називите. Едно правило во една организација може да не биде правило и за друга, тие си имаат различни системи и начини на работа.Доделувањето на дан може да биде различно кај организациите на пр. достигнување на дан во една организација е премногу кратко односно долга за друга организација. Во ИТФ инструкторите се оние кои имаат ранг од 1 до 3 дан наречени бусабум (асистент инструктор) а оние со ранг од 4 до 6 ранг се наречени сабум (инструктори) од 7 и 8 дан се сахум односно мастери а тие со највисок 9 ранг се гранд мастери или сасеонг. Овој систем на работа не мора да значи дека важи за другите теквондо организации.

Филозофија

уреди

Бидејќи теквондото е развивано во 7 различни кванови постојат и 7 различини толкувања на теквондо филозофијата. На пример главниот принцип по кој се водат учениците во ИТФ и претставува заклетва за нив се речениците  :,,Јас ќе бидам шампионот на правдата и слободата‘‘ и ,,Јас ќе изградам подобар и мирен свет‘‘

Натпревари

уреди

Теквондо натпреварите обично вклучуваат спаринг, кршење даски, форми и самоодбрана (hosinsul). Во рамки на олимписките натпревари еднинствена категорија во која се натпреварува е спарингот (според правилата на СТФ). Постојат дви типа на спаринг во однос на натпреварите првиот тип е со лесен контакт каде што по земањето на бод се стопира мерачот на време и вториот е олимписки каде ударите се во фул контакт и мерењето на времето продолжува по бодувањето.

Светска теквондо федерација

уреди

Светската теквондо федерација ги постави олимписките правила за натпреварувањата. Фул контакт спарингот се одвива помеѓу двајца натпреварувачи во простор од 8 метри квадратни. Победник е оној со најмногу бодови односно удари а доколку едниот натпреварувач не може да ја продолжи борбата другиот е победник. Во еден меч има три рунди со по една минута одмор помеѓу рундите. Во однос на возраста има две категории првата е од 14 до 17 години а втората над 18 години.

Правилата се такви што доколку се изведат прецизни и моќни удари при борбата се поклонуваат бодови. Дозволени се удари со нозе (ударот треба да биде изведен со стапалото) и удари со раце (ударот треба да биде изведен со затворена шака). Во повеќето натпревари бодовите се бројат од страна на тројца судии користејќи електронски направи каде се запишуваат бодовите. Во некои првокласни натпревари се користат и електронски оклопи со вметната електронска опрема преку која се бројат зададените удари односно бодови. Со тоа се ограничуваат судиите на броење бодови за удари зададени во главата. Некои луѓе веруваат дека овој електронски систем на сметање на бодовите ќе помогне да се намалат котроверзностите поврзани со судиите но сепак оваа нова технологија не е сè уште универзално прифатена. Ваквото бодување започна во 2009 година , поточно со задавање на удар на оклопот (во пределот каде при удар се даваат бодови) наречен хогу се дава еден бод, ако удар во хогу на кој натпреварувачот задава удар со свртен грб или ударот вклучува целосно вртење на телото се дава плус еден дополнителен бод, удар во главата се бодува 3 бода, а од октомври 2010 година ако се направи блокада со ногата за да се спречи овој удар се бодува со плус еден бод. Удари со рака во главата не се дозволени. Од март 2010 година се додаде ново правило кое гласи: ако се нокаутира противникот не се даваат бодови. Судиите имаат дозвола за давање на казни секогаш кога ќе се прекрши некое правило како на пр. задавање удари на недозволени места на телото најчесто нозете и вратот. При давање на казна се одземаат пола или цел бод. Ако бројот на бодовите не претставува цел број тогаш се запишува најблискиот цел број и се смета како вкупен број на бодови. На крајот од трите рунди натпреварувачот со најмногу бодови е победник. Во случај на нерешен резултат се продолжува со последна, четврта, решавачка рунда наречена Golden Point и се одвива по едноминутен одмор од третата рунда а така се одлучува кој ќе биде победникот. Во оваа рунда првиот кој ќе изведе чист бод го добива мечот. Доколку не се изведе ниту еден бод во оваа рунда официјалните судии решаваат кој ќе биде победникот.

Сè до 2008 година правилата гласеа : ако еден од натпреварувачите е во предност со 7 бода пред другиот или достигне 12 бода тогаш тој е веднаш прогласен за победник. Овие правила се укинати од страна на СТФ на почетокот на 2009 година. Во октомври 2010 година СТФ претстави нови правила на бодување. Новото правило е ако едниот натпреварувач е со 12 бода предност пред другиот на крајот на втората рунда или достигне 12 бода предност во третата рунда тогаш мечот се прекинува и се прогласува победникот.

Во зависност од видот на турнирот на натпреварувачите им е дозволено користење на штитници на дланките, стапалата, суспензор, штитници за глава и заби.

Интернационална теквондо федерација

уреди

Правилата на Интенационалната теквондо федерација се слични на правилата на Светската теквондо федерација но се разликуваат во одредени аспекти Удари во главата со раце и нозе се дозволени Бодовниот систем е следен:

  • 1 бод за : удари со раце во глава или тело
  • 2 бода за: удари со нозе во тело
  • 3 бода за :удари со нозе во глава

Арената за борба варира во интернационалните првенства од 9x9 или 8x8 метри. Натпреварувачите не носат хогу (иако имаат потреба да носат заштитна опрема за стапалата и рацете како и штитници за глава). Овој бодовен систем варира од организација до организација како на пример во ТАВБ ударите со раце во глава се бодуваат со 1 бод, ударите со нозе 2 бода и ударите со нозе во глава три.


Последователниот бодовен систен на ИТФ се употребува на натпревари каде учесниците продолжуваат со борбата по постигнување на бод. Фул-форс удари се дозволени а нокаут резултира со победа иако овие правила се разликуваат во организациите. На крајот од двеминутна борба (или друго ограничено време) натпреварувачот со најмногу бодови се прогласува за победник. На ИТФ турнирите постојат и изведби на форми, кршење на даски и специјални техники каде натпреварувачите кршат даски со удари во скок ).

Други организации

уреди

Американската Аматерска Атлетска Унија ААУ организира слични натпревари но со различни видови на опрема и фокусари.

Покрај СТФ и ИТФ големи теквондо турнири се организираат на:

  • Олимписките игри
  • Universidade
  • Asian Games
  • South East Asian Games
  • South Asian Games

Безбедност

уреди

Иако борците на натпреварите се соочуваат со ризик од повреди сепак повеќето од повредите се мали. Една анализа од 2009 година пријави дека во просек 8 % од учесниците по турнир заработуваат повреда. Пол, возраст или степенот на подготвеност не играат улога во процентот на повредите. Најчесто повредите се во пределот на нозете а модринки се најчестиот на типот на повреди.

Повредите се случуваат доколку ученикот е научен на блокирање на формалниот начин па дури и во спаринг. Ако се земе предвид брзината на ударот, времето на реакција и времето за делотворен блок тогаш е многу тешко да се изведат блокади при удар. Многу теквондо школи ги учат учениците на блокади и избегнување на удари со скокови во страна .

Корејски команди

уреди

Во теквондото за задавање на команди најчесто се користи корејскиот јазик. Броење на корејски се употребува при задавање на команда или почеток на удар. Учениците при вежбањето бројат на корејски и при тестирањето за појас се испрашуваат за значењето на одредени зборови кои се користат на тренингот.

Овие зборови се користат за време на вежбањето во школите ширум светот а изговорот може да биде различен.
Име Корејско писмо Значење
Charyeot 차렷 Внимание, почит
Gyeongnye 경례 Поклон
Baro 바로 Враќање
Shwieo 쉬어 Ослободи, релаксирај
Hyushik 휴식 Одмор
Gihap 기합 Врисок
Junbi 준비 Подготвен
Shijak 시작 Старт
Gallyeo 갈려 Одмор (одвојување)
Gyesok 계속 Продолжи
Geuman 그만 Крај, Стоп
Dwiro dora 뒤로 돌아 Сврти се! (180 степени)
Haego hada 해고하다 Слободно

Наводи

уреди
  1. „теквондо“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „Спортови — теквондо“. mok.org.mk. Посетено на 2021-07-27.
  3. „태권도“. terms.naver.com (корејски). Посетено на 2021-04-17.

Надворешни врски

уреди