Таксономија

(Пренасочено од Таксоном)

Таксономија (од грч. τάξις = „редослед“ и νομία = „начин“)[1]наука која се занимава со распознавање на видовите и нивно распоредување во систем на класификација.[2][3] Ова го прави со помош на таксономски единици наречени „таксони“, кои ги доведува во извесен хиерархиски распоред. Пример за современа класификација е онаа на Групата за истражување на филогенијата на скриеносемените растенија изработена во 2009 која се однесува на сите постоечки фамилии на цветни растенија (наречена „систем APG III“).[4]

Таксономска хиерархија

Историја

уреди

Практиката на класификување на организмите потекнува од антиката, поточно од делата на Аристотел (384-322 п.н.е.) и неговиот ученик Теофраст (370-285 п.н.е.) По нивните стапки продолжил и римскиот научник Плиниј Постариот (23-79 н.е.) Со напредокот на оптиката за време на ренесансата, отпочнало ново поглавје во систематската анализа на живиот свет, почнувајчќи со италијанскиот научник Андреа Чезаплино (1519–1603), проследено од работата на англискиот природонаучник Џон Реј (1627-1705) и францускиот ботаничар Жозеф Питон де Турнефор (1656-1708).

Основач на современата таксономија е шведскиот ботаничар Карл фон Лине (1707-1778). Со првото и десеттото издание на делото „Систем на природата“ (Systema Naturae, 1735 и 1758) и делото „Видови растенија“ (Species Plantarum, 1753), Линеј изнел темелно преработен таксономски систем во стандардизиран биномен (двоимен) облик и еднаш засекогаш ги решил проблемите на неорганизираниот пристап во дотогашната литература. Системот е практично ист и денес, а таксономите го почитуваат Линеј како основоположник на исправното распознавање на видовите.[5]

Примена

уреди

Таксономијата е гранка на биологијата и со неа се занимаваат научници „таксономи“, но честопати и посветени природонаучници кои вршат истражувања на овие полиња. Таксономските трудови играат суштинска улога во осознавањето на биолошката разновидност и заштитата на природата.[6] Без разработена таксономија на организмите во дадено подрачје, биологијата добива претстава за биолошката разновидност и не е во можност да добие претстава за нештата што треба да се преземат за да се заштитат организмите. Во денешно време еколошките проблеми добиваат сè поголемо политичко значење, па затоа таксономските трудови не ги засегаат само научните работници, туку и општеството во целина.[7]

Таксономски опис

уреди
 
Насловна страница на „Систем на природата“ од Карл фон Лине (1735)

Описот на групите и единките во таксономијата зависи од утврдување на таксонот и негово дефинирање во согласност со низа строги правила. Во зоологијата, номенклатурата на најзастапените рангови (од натсемејство до подвид) е пропишана во Меѓународниот кодекс на зоолошка номенклатура (ICZN). Во ботаниката, фикологијата и микологијата, таксоните се именуваат согласно прописите во Меѓународниот кодекс за алги, габи и растенија (ICN).

Првичниот опис на еден таксон мора да задоволи пет главни услови:[8]

  1. Таксонот мора да добие име од репертоарот на 26-те букви на латиницата (биномно за нови видови, униномно за други рангови).
  2. Името мора да биде единствено (да не е хомоним).
  3. Описот мора да се темели на барем еден именителски типски примерок.
  4. Името треба описно да содржи некоја од особеностите што го прават таксонот посебен.
  5. Наведените четири услови мора да бидат објавени во дело што е достапно во повеќе исти примероци, како постојан научен запис.

Честопати се вклучуваат многу повеќе информации, како ареал на таксонот, еколошки прибелешки, хемиски податоци, поведение итн. Начинот на утврдување на таксонот се разликува од случај до случај, зависно од расположливите податоци и ресурси. Методите се разликуваат во голема мера: од квалитативни и квантитативни споредби или забележливи одлики, па сè до сложени сметачки анализи на големо количество податоци од ДНК-низи.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Harper, Douglas. „Taxonomy“. Online Etymology Dictionary. Посетено на 18 април 2011.
  2. Judd, W.S., Campbell, C.S., Kellog, E.A., Stevens, P.F., Donoghue, M.J. (2007) Taxonomy. In Plant Systematics - A Phylogenetic Approach, Third Edition. Sinauer Associates, Sunderland.
  3. Simpson, Michael G. (2010). Plant Systematics. Chapter 1 Plant Systematics: an Overview (II. изд.). Academic Press. ISBN 9780123743800.
  4. Angiosperm Phylogeny Group (2009), „An update of the Angiosperm Phylogeny Group classification for the orders and families of flowering plants: APG III“, Botanical Journal of the Linnean Society, 161 (2): 105–121, doi:10.1111/j.1095-8339.2009.00996.x, Архивирано од изворникот на 2017-05-25, Посетено на 10 декември 2010
  5. Donk, M.A. (1957) Typification and later starting-points. Taxon 6: 245-256.
  6. Natural History Museum London. What is taxonomy? http://www.nhm.ac.uk/nature-online/science-of-natural-history/taxonomy-systematics/what-is-taxonomy/index.html
  7. Knapp, S. (2010) What's in a name? A history of taxonomy. http://www.nhm.ac.uk/nature-online/science-of-natural-history/taxonomy-systematics/history-taxonomy/index.html
  8. „International Code of Zoological Nomenclature. How can I describe new species?. Архивирано од изворникот на 2012-03-06. Посетено на 2012-03-07.

Надворешни врски

уреди