Стојан Трајковски

Нема проверени преработки на оваа страница, што значи дека можеби не е проверено дали се придржува до стандардите.

Стојан Трајковски - македонски кларинетист. Како еден од најголемите изведувачи и творци на македонската народна музика, преку своите дела остава силен печат во македонското национално културно богатство.

Стојан Трајковски
Роден 19 јануари 1953
Орле, Мариово
Националност Македонец
Занимање музичар, кларинетист

Тој е човек кој преку својот музичко изведувачки пристап, целосно нè запознава со вистинската физиономија на македонската традиционална музика за кларинет.

Животопис

уреди

Роден е на 19 јануари 1953 година во Орле, Мариово, во семејство каде што музичката надареност и љубовта кон музиката се пренесуваат од колено на колено.

Име и презиме Стојан Трајковски
Дата на раѓање 19.01.1953 во Орле, Мариово, Република Македонија
Занимање Музичар
Жанр Македонска народна музика
Инструмент Кларинет
Период на активност 1971 - сè уште

Уште од најмлади години покажува неверојатен музички талент и надареност, па оттука неспорен беше фактот дека музиката ќе биде неговиот живот. Се запиша во средното музичко училиште во Битола, на инструменталниот отсек, на инструментот кларинет, а по завршувањето на средното образование, се запиша и дипломираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Иван Кочаров. Уште во почетокот од своето образование, Стојан Трајковски покажува огромен афинитет, надареност и љубов за кларинетот, а покрај тоа, не било тешко да се забележи и неговата посебна надареност за народната музика. Надградувајќи се како инструменталист, многу лесно можела да се забележи неговата посебна интерпретација, којашто се одликува со многу искрен музички пристап, со прекрасна мека боја на кларинет и со многу јасна дикција во свирењето.

На самиот почеток од неговата кариера, како многу млад инструменталист, многу лесно се искачи на врвот на македонската инструментална музика, донесувајќи една посебност и свежина како нејзин изведувач, но и како автор. Активно работи на реализирањето на многу аудиозаписи во издание на најдобрите продукциски куќи на нашиве простори. А уште од првите негови студентски денови почнува да твори и да создава своја авторска музика, автентична на нашата традиционална музика. Во 1973 година ги направи првите аудиозаписи на свои авторски ора, придружуван од народниот оркестар на тогашната Радио-телевизија Скопје. Уште во тој момент, се почувствува создавањето на новата, уметнички поусовршена музичка рамка, во која почна да се наоѓа македонската кларинетска музика. Веднаш потоа, Стојан Трајковски почна активно да работи со оркестарот на познатиот хармоникаш и композитор Наско Џорлев, човек со којшто Трајковски имаше одлична соработка. Во 1975 година, во издание на ДИСКОС се појави првата солистичка грамофонска плоча на Трајковски, заедно со Наско Џорлев.
Успесите и реализацијата на многубројните студиски записи не запираше. Соработката со вистинските познавачи на македонската традиционална музика и со големите вокални изведувачи даде огромен придонес во развојот на македонската музика во тој период. Во истата година, во продукција на РТБ, излезе грамофонска плоча каде што Стојан Трајковски изведува свои авторски ора со оркестарот на Рамадан Шукри. Тој оркестар на Рамадан Шукри беше првиот поголем народен оркестар, кој беше надвор од рамките на тогашната Радио-телевизија Скопје, и во тоа време успеа да ја претстави македонската инструментална музика на едно повисоко ниво презентирајќи огромна виртуозност и дисциплинираност во изведбата. Следуваат уште многу музички изданија заедно со оркестарот при КУД „Гоце Делчев“ од Скопје, со хармоникашот Слободан Ковачевски, Народниот оркестар на Радио-телевизија Скопје, како и со многу наши познати вокални изведувачи. Оттука, Стојан Трајковски израсна во врвен инструменталист, кој со својата уникатност и специфика на свирење, претставува вистинско богатство за македонската музика за кларинет. Желбата да твори, да создава и да придонесува за македонската инструментална музика, како дел од големиот народен оркестар при Македонската радио-телевизија, му остана неостварена, па затоа во 1980 година се врати во родниот град и ја продолжи својата работа.

Го формираше ансамблот „Пелагониски Бисери“, со кој 32 години, негувајќи ги македонскатa песна и оро, придонесува многу за развојот на македонската народна музика со реализирани многу настапи, фестивали и гостувања низ светот. Во 1984 година, со „Пелагониски Бисери“ ја издадоа првата грамофонска плоча и касета со авторски песни и ора, во издание на ДИСКОС, а за истата продукциска куќа во 1987 година, заедно со хармоникашот Тоде Мицевски снимија касета со македонски ора, која за таа година беше најпродаваниот албум од Македонија. Потоа, од „Пелагониски Бисери“ следуваат уште две касети и плочи со македонски новокомпонирани песни и обработки на стари народни песни. Ансамблот „Пелагониски Бисери“ е музички состав којшто се одликува со еден кристално чист македонски звук, со голема професионалност и дисциплина во работата и поради тоа, уште на самиот почеток од своето постоење, „ Пелагониски Бисери“ беше музички состав кој одлично го прифати македонската публика. Како во нашава држава, така и насекаде во светот каде што има Македонци, членовите на „Пелагониски Бисери“ ја претставуваа македонската музика на највисоко и најдостоинствено ниво. Нивната прва голема прекуокеанска турнеја се случи во 1988 година на просторите на САД и Канада. Тоа беа концерти коишто оставија трајни спомени, и кај многубројната публика, но и кај членовите на „Пелагониски Бисери“.
Како многу значаен дел од кариерата на Стојан Трајковски го бележиме издавањето на неговата прва солистичка аудиокасета во 1990 година, каде што изведува негови авторски ора придружуван од оркестарот „Македонски Мерак“ и од најдобриот хармоникаш од Македонија, Милан Завков. Тој албум беше проект од големо значење за севкупниот развој на македонската инструментална музика воопшто.

Во 1990 и 1991 година, „Пелагониски Бисери“ имаа две гостувања едноподруго во САД, каде што остварија многу успешни концерти насекаде каде што има Македонци.Следуваат уште два многу успешни проекта на „Пелагониски Бисери“, каде што во продукција на издавачката куќа ВЕЗИЛКА, во 1992 година излегуваат една аудио и една видеокасета. Веднаш потоа, во 1993 година се случи првата голема турнеја на просторите на австралискиот континент, на која „Пелагониски Бисери“ ја претставија македонската музика на највисоко ниво.

Во 1997 година, Стојан Трајковски за „Музичката и касетна продукција на МРТВ“ ја издаде својата втора солистичка касета, каде што е придружуван од еден од најдобрите хармоникаши и композитори на нашиве простори, Николче Мицевски. Потоа следуваат уште проекти заедно со „Пелагониски Бисери“ и второто гостување во Австралија, коешто се случи во 1999 година.

Покрај прекуокеанските гостувања, Стојан Трајковски заедно со „Пелагониски Бисери“ остварува многу настапи и во неколку европски земји каде што има Македонци (Германија, Шведска, Швајцарија итн). Од 2009 година навaму, Стојан Трајковски реализираше уште неколку проекти со „Пелагониски Бисери“: гостувања во САД и во Австралија и заедничкиот албум со хармоникашот Тоде Мицевски, насловен како „40 ГОДИНИ ЗАЕДНО“. Круна на целокупното творештво претставуваат преснимувањето и собирањето на сите негови дела во една целина и оваа книга во која се наоѓаат сите негови ора како нотен запис. Поголемиот дел од ората на Трајковски, во последниот проект, се во придружба на групата „Фонтана“, еден од ретките музички состави којшто вистински се залага за афирмација на македонската музика.

Стојан Трајковски во текот на целиот свој професионален живот работи како професор по музичка уметност, силно трудејќи се на своите ученици да им пренесе што повеќе од своето знаење и искуство. Тој е човек, кој со својата скромност, емотивна изведба, исконска музикалност и чувство за јасна инструментална интерпретација, игра исклучително важна улога во зачувувањето на трајните вредности во македонската музика. Останувајќи засекогаш верен на македонскиот фолклор и на македонската музика, Стојан Трајковски станува дел од историјата на македонската народна музика, оставајќи непроценливо музичко богатство за генерациите што доаѓаат.