Стара болница (Ростуше)
Стара болница (позната и како Ростушка болница) — зграда на поранешниот здравствен дом во селото Ростуше, Македонија. Објектот е прогласен за споменик на културата на Македонија.[1]
Стара болница Ростушка болница | |
---|---|
Поглед кон болницата (состојба во 2017 г.) | |
Општи податоци | |
Статус | споменик на културата |
Вид | болница |
Место | Ростуше |
Земја | Македонија |
Координати | 41°36′23″N 20°36′10″E / 41.60639° СГШ; 20.60278° ИГД |
Почната | 1929 |
Технички податоци | |
Катови | 1 |
Местоположба
уредиЗградата на болницата се наоѓа на влезот во селото Ростуше, во непосредна близина на Старата џамија. Објектот се наоѓа во задниот дел на парцелата, додека на исток и на југ се протега дворот. Самиот двор е ограден со потпорни ѕидови и скали, бидејќи има пад на теренот, иако во овој дел на селото и не е толку изразен. Дел од партерното уредување на парцелата била и самата фонтана, поставена средишно пред главната фасада на објектот.[1]
Историја
уредиОбјектот бил подигнат во 1929 година во време на Кралството Југославија, чија власт за потребите на здравствената заштита на населението подигнала четири вакви типски објекти во Македонија (Ростуше, Кратово, Македонски Брод и Вратница).[1]
Додека работел, здравствениот објект поседувал болница на катот, како и амбулантно одделение на приземјето.[1]
Болницата била во функција до 1980 година.[2]
Архитектура
уредиВо основа, објектот има правоаголен облик, со минимални проширувања на сите страни на градбата, особено изразени на главната влезна фасада на објектот. Поседува приземје и спрат, кој е изведен над средишниот дел на објектот, како и поткровни простории над северниот дел од покривот. Поради самиот терен, подрумски простории има само во северниот дел на објектот.[1]
Внатрешно, просторот е симетричен во однос на централната оска. Има два независни дела поделени по оската со преграден ѕид, кои имаат посебни влезови и покриен трем. Левиот (јужен) дел на објектот е организирано само на приземје и нема поврзаност со катот. Се состои од влезен средиштен дел, кој овозможува директна комуникација со четири одделенија и санитарии. Покрај главниот влез, постои и спореден, поставен странично. Се претпоставува дека тука се наоѓала амбулантата. Десниот (северен) дел на објектот се состои од подрум, приземје и кат. Има врска помеѓу нивоата со двокраки скали. Влезот е идентично како кај јужниот дел. И тука има средиштен простор, кој ги поврзува двете простории, поставени во предниот дел на основата. Останатите простории (позади) се достапни преку мал претпростор, во кој се наоѓаат и скалите. И во овој дел, на страничната фасада постои помошен влез. Катот има пет простории и санитарен јазол поврзани со средиштен ходник. Во подрумот има две простории и скалиштен простор.[1]
Главната фасада на објектот ја има симетричната организација на внатрешноста на објектот, средишно е издигнатиот двокатен дел на објектот, каде се наоѓа и годината на изградба и два пониски странични приземни делови на кои се поставени влезните тремови со скали. Фасадите на тремовите се столбци поврзани со полукружни отвори. Кровот на објектот е на повеќе води, покриен со ќерамиди.[1]
Состојба
уредиПогледнато од конструктивната стабилност, објектот се наоѓа во релативно добра состојба, но има сериозни оштетувања на кровот. Бидејќи дел од објектот е со оштетен кров и заради долготрајната изложеност на атмосферските влијанија постојат сериозни оштетувања на таванската конструкција. Оштетувања се видливи и на самите фасади, отпаднат поголем дел од малтерот на страничната и на задната фасада.[1]
Најголеми оштетувања има во внатрешноста, каде е отпаднат малтерот од ѕидовите, таванските и меѓукатните конструкции и оштетувања на дрвените елементи на скалите, извадени или искршени врати и прозорци и оштетувања на подовите.[1]
Напуштеноста на објектот, односно можноста за слободен влез во него е исто така фактор кој придонесува за висок степен на загрозеност на истиот.[1]
Во 2017 година може да се забележи дека кровот е веќе целосно паднат.
Во 2019 година, ликовниот уметник Адем Сулејманоски со ликовна интервенција се обидел да го привлече вниманието за заштита на објектот.[2]
Наводи
уреди- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 „Управа за заштита на културното наследство“. web.archive.org. 2017-09-11. Архивирано од изворникот на 2017-09-11. Посетено на 2020-05-13.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 2,0 2,1 Вечер. „Перформанс како апел за заштита на старата болница во Ростуше“. Посетено на 2020-05-13.