Станечки Водопад

водопад во Македонија
(Пренасочено од Станечки Водопади)

Станечки Водопад — најголем постојан водопад на Осоговските Планини, сместен долж течението на Козја Река, во близина на селото Станци, Кривопаланечко.[1]

Станечки Водопад
Станечкиот Водопад
МестоСтанци, Македонија Македонија
Надм. висина1.160 м
Вкуп. висина11 м
РекаКозја Река

Местоположба

уреди

Станечки Водопад на Козја Река се наоѓа во северниот дел на Осоговските Планини, кај село Станци, 8 километри јужно од Крива Паланка. До самото село Станци во долината на Дурачка Река, води асфалтен пат долг 5 километри. Потоа се тргнува по патека која води покрај Козја Река и по околу 3 километри или 30-тина минути пешачење се доаѓа до големиот Станечки Водопад. Водопадот е на надморска височина од 1160 метри и функционира во текот на целата година.

Природни особини

уреди

Височината на водопадот изнесува 11 метри, со што е најголем постојан водопад на Осоговските Планини (нешто помал е водопадот на Злетовска Река кај село Јамиште). Во подножјето на овој ерозивен водопад, со вртложното движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец. Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи уште 3 метри на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 метри.

Инаку водопадот е релативно пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина. Спротиводно по реката, кон повисоките делови има уште неколку мали водопади кои го надополнуваат амбиентот. Освен водопадите, на овој простор има интересна појава на огромни карпести блокови, настанати со механичко распаѓање.

Самата долина на Козја Река е тесна и на одредени места скоро вертикална со изглед на мал кањон, па искачувањето по неа е доста тешко. Кон исток, долината стрмно се издига кон билото на Калин Камен на околу 1800 метри и понатаму кон Царев Врв, што може да биде интересна рута за планинарење.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Група автори (2016). „Значајни водопади во Република Македонија“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 160. ISBN 978-9989-110-90-0.