Мнозинско гласање

Мнозинско гласање (англиски: Majority voting) - метод на гласање на изборите во кои одреден кандидат, закон или одлука е избран ако добие определено мнозинство од гласовите на тие што учестуваат во изборот (гласањето).

Теорија на мнозинското гласање уреди

Политичката теорија му посветува големо внимание на мнозинското гласање, со цел извршениот избор навистина да ја одразува волјата на мнозинството гласачи. Притоа, традиционалната политичка теорија го разгледува проблемот на мнозинското гласање во случај на еднократно гласање за определен проблем. Случаите на повеќекратни гласања за неколку поврзани проблеми вообичаено се сметаат за премногу комплексни за да бидат анализирани во теоретските модели. Притоа, теоретичарите ја користат истата математичка апаратура и претпоставуваат дека определен број гласачи се соочуваат со неколку алтернативи (закони, кандидати) при што секој гласач знае која алтернатива ја претпочита. Најчесто, проблемот на изборот се поставува во матрична форма при што редоследот на преференциите на секој гласач е претставен во колоните на матрицата. Врз таа основа, понатаму се испитуваат ефектите на одделните методи на гласање, а главната цел на истражувањето е да се изнајде таков метод на гласање што нема да доведе до парадоксален резултат, туку ќе овозможи победничката алтернатива да ја одразува волјата на мнозинството гласачи. Овој проблем не постои кога гласачите избираат меѓу две алтернативи, но кога се гласа за повеќе алтернативи често се добиваат парадоксални резултати.[1]

Постојат повеќе методи на гласање кои овозможуваат да се избегне парадоксалниот резултат, а тие може да се поделат во две групи: методи со кои изборот се врши со некаква манипулација на гласовите, но без вистинско мнозинство; и методи кои на некој начин го ограничуваат изборот така што на крајот гласачите се соочуваат само со две алтернативи од кои едната мора да обезбеди мнозинство. Пример за првиот метод е т.н. „plurality voting“ при изборот на пратениците во англискиот парламент при што се избира кандидатот кој освоил намногу гласови, без оглед на тоа дали тој број претставува мнозинство од вкупниот број гласови. Друг пример за првиот метод е секој гласач да ги нареди кандидатите според своите преференции и потоа секој кандидат добива одреден број бодови (на пример, пет за првиот, 4 за вториот итн.), така што се избира кандидатот кој освоил најмногу бодови. Главниот недостаток на овој систем на гласање е тоа што на крајот може да биде избран кандидатот кој повеќето гласачи не го сакаат. На пример, ако се избира меѓу петмина кандидати при што тројца освоиле по 20% од гласовите, еден освоил 19%, а еден 21%, тогаш ќе биде избран последниот кандидат, иако него не го сакаат дури 79% од гласачите.[2]

Вториот метод настојува да го сведе изборот на две алтернативи од кои едната сигурно мора да добие мнозинство. На пример, кога се гласа за неколку кандидати, најпрвин испаѓа оној кој освоил најмалку гласови, а потоа гласањето се повторува сè додека на крајот не останат само двајца кандидати. Меѓутоа, и при овој метод може да дојде до парадоксален резултат во кој гласачите повеќе го сакаат кандидатот кој испаднал во почетните кругови на гласање отколку победникот во гласањето. Меѓутоа, во рамките на втората група методи, постои еден метод на гласање кој обезбедува вистинско мнозинство - секој избор да се врши само меѓу две алтернативи. На пример, ако постојат повеќе алтернативи, тогаш може да се гласа за сите можни парови (секоја алтернатива против секоја друга) и на крајот, онаа алтернатива која ги победила сите други алтернативи се смета за победник во гласањето. Меѓутоа, недостатокот на овој систем е во тоа што води во најлошиот парадокс при гласањето, т.н. „циклично мнозинство“ (cyclical majority). На пример, ако 101 гласач треба да изберат меѓу три алтернативи: А, Б и В при што 50 гласачи го имаат следниов редослед на посакувани алтернативи: А, Б, В; посакуваните алтернативи на другите 50 гласачи се: Б, В, А; а еден гласач го има следниов редослед: В, А, Б. Во овој случај, ако се гласа за секој можен пар од наведените алтернативи, тогаш ќе настане следниов парадокс: ако се гласа меѓу А и Б, тогаш ќе победи А, зашто А е прв избор на 50 гласачи и втор избор на еден гласач, со што ќе добие 51 глас; ако се избира меѓу А и В, тогаш ќе победи В; но ако се гласа меѓу Б и В, тогаш ќе победи Б. Според тоа, ниту една алтернатива не може да освои вистинско мнозинство.[3]

Голем придонес во анализата на мнозинското гласање дал Данкан Блек (Duncan Black) кој е автор на т.н. „крива на преференциите со единствен врв“ (single-peaked preference curve). Имено, тој докажал дека е можно сите алтернативи да се наредат на една линија при што секој гласач секогаш ќе ја претпочита онаа алтернатива што е поблизу до неговиот избор отколку онаа што е подалеку. На тој начин, Блек докажал дека ова решение го избегнува парадоксот во гласањето, зашто секогаш ќе победи алтернативата која ја претпочита медијалниот гласач. Навистина, дури и во овој случај не е јасно дали победникот во изборите навистина го претставува мнозинството, но барем исходот од гласањето не е парадоксален. Подоцна, во 1958 година, Кенет Ароу (Kenneth Arrow) докажал дека обидот да се најде метод на гласање кој ќе ја обезбеди волјата на мнозинството е невозможен.[4]

Наводи уреди

  1. James M. Buchanan and Gordon Tullock, The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy. The University of Michigan Press, 1962, стр. 328-329.
  2. James M. Buchanan and Gordon Tullock, The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy. The University of Michigan Press, 1962, стр. 329.
  3. James M. Buchanan and Gordon Tullock, The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy. The University of Michigan Press, 1962, стр. 329-330.
  4. James M. Buchanan and Gordon Tullock, The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy. The University of Michigan Press, 1962, стр. 331.