Собирница (електроенергетска)

Оваа страница се однесува на електроенергетска собирница. За други значења види Собирница (појаснување)

Пример на собирница за 1.500 ампери во разводен орман во зграда
Собирница за нултиот спроводник

Собирница – спроводник кој овозможува поврзување на различни елементи на системот. Собирниците се среќаваат во високонапонски и среднонапонски разводни постројки, електрани и други постројки и уреди.

Во електраните, за врска меѓу генераторите, трансформаторите и сопствената потрошувачка се користат крути собирници (од цврсти собирници). За врски на високонапонската страна на трансформаторот со високонапонски водови се користат свитливи, јажести собирници. Може да се користат и собирници во вид на крути цевки кога се сака да се заштеди на простор. Се изработуваат од бакар, алуминиум или некој друг проводен материјал. Најчесто се користи бакарот затоа што има добри електрични, механички и температурни особини.

Димензиите на собирниците се одредуваат со максималната струја која се предвидува да тече низ нив. Струјата која тече низ собирниците предизвикува затоплување како и механичко напрегање како резултат на електромагнетните сили. При нормална работа механичкото напрегање не е големо. Меѓутоа во енергетските и разводните постројки, големите струи заради кратки споеви, атмосферски и внатрешни пренапони се релативно честа појава. Овие струи предизвикуваат краткотрајни, но големи механички напрегање на собирниците, како и нивно затоплување. Заради тоа тие мора да бидат проектирани да ги издржат овие екстремни работни услови. Во случај на јажести собирници, кои секогаш се изведуваат на отворено, дополнително механичко оптоварување претставува снегот и мразот кои се формираат на нив во зимски услови. Површината на попречниот пресек и димензиите мора да бидат такви така што собирниците да ги издржат топлотното и механичкото напрегање.

Нивото на изолација на собирниците зависи од нивното напонско ниво. Собирниците може да се постават на потпорни изолатори, висечки изолатори или спроводни изолатори. Може целосно да бидат изолирани со некој изолациски материјал. Собирниците се штитат од случаен допир со нивно сместување во оклопени куќишта или со нивно поставување вон досег.

Надворешни врски

уреди