Сквотерство
Сквотерството е чин на запоседнување на напуштен или неискористуван простор или зграда без дозвола од сопственикот. Многу автори под сквотирање подразбираат и сродни феномени како што се диво населување. Најчесто се сквотираат празни и запуштени простори кои се во јавна сопственост или чија сопственичка ситуација е нејасна.
Вовед
уредиЗапоседнувањето е старо колку што и поседувањето, затоа што имот, изворно е парче земја заземен од личност која на тоа парче има права (затоа што прва стигнала, работела или градела на неа). Со време запоседнувањето, односно сквотирањето се јавува некаде помалку, а некаде повеќе организирано, а од 1960-те години толку се раширува што не може да се говори за изолирани акции на поединци туку за едно ново општествено движење.
Сквотерското движење се јавува како реакција на станбената криза, а како дел од широкото автономно движење и на цели општества, затоа што мал број на луѓе одредуваат за основните животни услови на повеќето - каков воздух ќе се дише, каква храна ќе се јаде, какви згради ќе ги опкружуваат, каква работа ќе работат и дали воопшто ќе имаат работа, што ќе им се понуди на медиумите итн. Сквотерите создаваат автономни простори во кои ја земаат контролата во свои раце врз сопствените животи и си ги уредуваат меѓусебните односи независно од власта, капиталот и пазарот, создавајќи здрава органска храна, уредувајќи го просторот по мерка на човекот, работејќи она што сакаат и што ги исполнува и создавајќи свои медиуми.
Сквотерското движење е многу развиено посебно во Западна Европа и Јужна Америка. Во Европа, неофицијалните проценти кажуваат дека постојат неколку илјади сквотови, а најмногу ги има во Барселона, Амстердам, Берлин, Милано, Лондон итн.
Теоретски осврт
уредиСквотирањето може да биде средство за преживување, како и политички чин. Заземањето на празните станови, сквотерите го објаснуваат со правото за преживување. Одбиваат да платат станарина, одбиваат накалемување на профитот во сместувањето, кое е еден од основните услови за живот на човечкото суштество. Сквотерите сметаат дека длабоко погрешна идеја е дека пристојно сместување може да има само оној кој ќе плати и сметаат дека тоа е основното човеково право, кое не е на продажба.
Сквотирањето подразбира ревизија на концептот за приватна сопственост, што не значи и нејзино укинување, но подразбира укинување на нејзината семоќност и ги наведува обврските на сопственикот на имотот во односот со заедницата.
Сквотовите најчесто се користат за живеење или како јавни простори т.е. општествени центри, често и нивните содржини се поклопуваат - тие се и места за живот и простори за изразување друштвеност. Некогашните безимени згради, со сквотирањето стануваат култни места за младината во кои заживуваат разни иницијативи како што се бесплатно преноќување, бесплатна работа, бесплатна вегетеријанска или веганска храна, алтернативна библиотека, сметководен центар со слободен софтвер, слободно радио, политички колективи, простор за состаноци и собирања, простор за свирки, некомерцијални кафулиња, задруги, уметнички галерии, театар, кино, правно советувалиште за емигранти, женски центри, работилници за велосипеди, разни работилници, групи за поддршка и тераписки групи, зоолошки градини, алтернативни училишта итн. Сквотираните земјишта се претвораат во обработливи површини на кои се одгледува органско овошје и зеленчук.
Скоро секој сквот, порано или подоцна, престанува да постои (иселен или со помош на легализација), па битното обележје на сквотовите е привременоста. Многу сквотери се против легализацијата затоа што во тој случај сквотот мора да се прилагоди на дадените рамки, се создава додатен трошок, па некои станари мора да се иселат или да работат за станарината, а активностите на сквотерите мора да бидат конформирани.
Постои:
- урбано сквотирање (вселување во празни куќи, станови, заземање напуштени фабрики, складишта и сл.) и
- рурално сквотирање (населување на некоја земја, повторно населување на напуштените села).
Сквотер е широк поим кои ги опфаќа:
- селаните, без земја од Јужна Америка кои заземаат необработена земја за да би преживеале;
- западноевропските сквотери активисти кои се борат за автономните зони во урбаните средини;
- бездомниците од целиот свет кои бараат покрив над главата итн.
Зборот сквотер изворно е настанат во Северна Америка во 19 век, за пионерите кои се населувале во оддалечените земји, без дозвола и без плаќање на данок.
Сквотерите се делат на следниве основни групи:
- сквотери од потреба;
- егзистенцијално загрозени, кои немаат покрив над главата (бездомници, подстанари, бегалци…) и
- сквотери од убедување (активисти, уметници, културни дејци итн…) на кои им е потребен простор за остварување на идеите.
Сквотерите сметаат дека со отворање на зградите кои лежат напуштени прават јавно добро. Тие не заземаат простор во кој некој живее или кој некој го користи, туку го преуредуваат и оживуваат просторот кои сите други го напуштиле. Во последно време сквотирањето се помалку се смета како узурпација, а сè повеќе како претворање на запуштениот и неискористен во жив простор.