Сињораж (англиски: seigniorage) претставува инфлаторно финансирање на буџетскиот дефицит преку печатење пари. Од една страна, парите се законско средство за плаќање во рамките на една држава, така што сите мора да ги прифатат, а од друга страна, државата има монопол во печатењето пари, таа може да си дозволи злоупотреба на монополот и да печати пари за финансирање на јавните расходи. Сињоражот е тесно поврзан концепт со инфлацискиот данок.[1]

Пресметка на сињоражот

уреди

Постојат повеќе начини за пресметка на приходите од сињоражот, но, во основа, тој се изразува како:

St = (Mt - Mt-1)/Mt x Mt/Pt

Каде што: Ѕ го претставува сињоражот, М е паричната маса, Р е општото ниво на цените, а t го означува времето. Во формулата, првиот дел го покажува зголемувањето на паричната маса (печатењето пари), додека вториот дел ја означува реалната вредност на паричната маса.

Инфлацијата и приходите од сињораж

уреди

Со порастот на инфлацијата, државата остварува поголеми приходи врз основа на сињоражот. Притоа, постои одредена регуларност во движењето на приходите од сињораж: кога нема инфлација, нема ниту приходи од сињораж; со порастот на инфлацијата се зголемуваат и приходите на државата, но само до одредена точка, кога тие го достигнуваат максималниот износ; потоа, со зголемувањето на инфлацијата, приходот на државата од сињоражот опаѓа. Овој однос помеѓу инфлацијата и сињоражот означува дека постои одредена стапка на инфлација која е оптимална за државата, бидејќи тогаш обезбедува најголеми приходи од сињораж. Но, постојат бројни докази дека државите често ја преминуваат оптималната стапка на инфлација, т.е. создаваат поголема инфлација, со што остваруваат помали приходи од сињораж. Каган наведува две причини за таквото однесување: прво, печатењето пари е многу погоден начин за обезбедување приходи во буџетот, бидејќи не мора да се носи посебен закон, да се вработува даночна администрација итн.; второ, со тек на време, како последица на инфлацијата опаѓа делотворноста на овој метод, па владата мора да печати уште повеќе пари.[2]

Приходите од сињораж во практиката

уреди

Во развиените земји, приходите од сињораж имаат скромно учество во финансирањето на буџетот. Така, во периодот 1990-1994, овие приходи изнесувале најмногу до 3% од јавните расходи.[3]. Приходите на државата врз основа на сињораж се позначајни во земјите кои страдаат од повисока инфлација. Така, во периодот 1971-1982, учеството на сињоражот во вкупните јавни приходи изнесувало 21.6% во Боливија, 24% во Мексико и 28% во Гана.[4] Во периодот 1980-1995, просечното учество на сињоражот во бруто-домашниот производ се движело од 1.4% во Африка, преку 1.79% во Азија, 2.18% во Средниот Исток и Европа, сè до 3% во Јужна Америка.[5] Во поново време, дел од земјите во транзиција во голема мерка се потпирале врз сењоражот како извор на приходи. Така, Вагнер наведува дека во 1996, учеството на сењоражот во јавните приходи во земјите од поранешниот СССР се движело од 5% во Украина и Русија, преку 10% во Ерменија и Грузија, сè до 20% во Туркменистан.[6]

Наводи

уреди
  1. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 55-57.
  2. Phillip Cagan, "The Monetary Dynamics of Hyperinflation", во Milton Friedman, ed., Studies in the Quantity Theory of Money, The University of Chicago Press, Chicago, 1956, стр. 77-78.
  3. Maurice Obstfeld and Kenneth Rogoff, Foundations of International Macroeconomics, MIT Press, Cambridge, Massachusetts, 1996, стр. 527.
  4. Alex Cukierman, Central Bank Strategy, Credibility, and Independence: Theory and Evidence, MIT Press, Cambridge, Massachusetts, 1992, стр. 48-49.
  5. Paul R. Masson, Miguel A. Savastano and Sunil Sharma, "The Scope for Inflation Targeting in Developing Countries", WP/97/130, IMF, October 1997, стр. 23-25.
  6. Helmut Wagner, "Central Banking in Transition Countries", WP/98/126, IMF, August 1998, стр. 38.