Серменинска Река
Серменинска Река или Мрзенска Река — река во Југоисточна Македонија и десна притока на Вардар.
Серменинска Река | |
---|---|
Местоположба | |
Физички особености | |
Извор | |
• место | Кожуф (од Две Уши) |
• надм. вис. | 1700 м |
Устие | |
• место | Вардар (кај Мрзенци) |
• координати | 41°10′41.7″N 22°31′43.7″E / 41.178250° СГШ; 22.528806° ИГД |
• надм. вис. | 46 м |
Должина | 24 км |
Големина на сливот | 62 км2 |
Особености на сливот | |
Течение | Вардар → Егејско Море |
Течение
уредиСерменинска Река извира од месноста Две Уши на планината Кожуф, на надморска височина од 1700 м. Нејзиното течение продолжува по падините на Кожуф во правец запад-исток, по што навлегува во Гевгелиското Поле. Таа поминува низ селата Серменин и Мрзенци, по што се влева во Вардар од нејзината десна страна, североисточно од градот Гевгелија, на надморска височина од 46 м.[1][2]
Хидрографија
уредиВкупната должина на реката изнесува 24 км. Нејзиното сливно подрачје зафаќа површина од 62 км2 и истото припаѓа на Егејскиот речен слив. Реката извира на надморска височина од 1700 м, а се влева на височина од 46 м, при што вкупната висинска разлика изнесува 1654 м, а просечниот релативен пад 69‰.[2]
Стопанство
уредиВо Стратегијата за одржлив развој на Општина Гевгелија за периодот 2006-2011 година бил предвиден проект за зафаќање на водите на Серменинска Река за водоснабдување на градот Гевгелија во вкупна вредност од 150 милиони денари. Во рамки на проектот биле предвидени краткорочно и долгорочно решение. Според краткорочното решение, во близина на реката, на надморска височина од 175 м, била планирана изградба на бунари кои би се поврзале со резервоарот кај селото Моин и на тој начин би се овозможило снабдување со потребните количини на вода; според долгорочното решение, на надморска височина од 350 м била предвидена изгредба на брана или изведба на тиролски зафат, којашто понатаму би се поврзала со системот за водоснабдување и со тоа би се обезбедило потребното количество на вода за пиење, наводнување и индустриски цели.[3]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија. Скопје: Геомап. стр. 65. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ 2,0 2,1 „Риболовна основа за „Слив на Вардар - долно течение" за период 2011-2011“ (PDF). Скопје: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-05. Посетено на 27 мај 2017.
- ↑ „Стратегија за одржлив развој на Општина Гевгелија за периодот 2006-2011“ (PDF). Гевгелија: Општина Гевгелија. септември 2006. стр. 45. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-08-30. Посетено на 29 мај 2017.