Св. Василиј Велики и Св. Никола Мирски (икона)
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Иконата Св. Василиј Велики и Св. Никола Мирски потекнува од средината на 11 век. Сликана е со темпeра на штица, со димензии од 110 x 75 cm. Може да се претпостави дека иконата и биле подарена на катедралната црква Св. Софија во Охрид. Не е познато кога била пренесена во црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент) во Охрид. Денеска се наоѓа во Галеријата на икони, Охрид.
Состојба
уредиВо 1959 година иконата е откриена на тремскиот таван од црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент), во Охрид, во многу лоша состојба. Штицата е најдена од црвоточина и искршена на неколку места. Грунтот, заедно со боениот слој, отпаднал целосно во долниот дел од иконата. Боениот слој на одеждите, рацете и лицата отпаднал на повеќе места. Натписите, изведени со цинобер боја врз златниот фон, тешко се оштетени, но сепак можно е нивно читање. На рамката, широка 8,5 cm бил поставен оков, но од него не останале никакви траги.
Иконографија
уредиЕпископот Кесариски Св. Василиј Велики се смета за еден од најголемите поборници на православието. Тој е наречен столб на божјата црква и еден од најголемите умови на богословието. Неговите бројни богословски, апологетски, подвижнички и канонски дела извршиле големо влијание.
Култот на Св. Василиј Велики особено се засилил кон средината на 11 век, кога кога се водат расправии околу тоа кој меѓу тројцата свети отци (Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст) е најголем. Како резултат на овие расправи, настануваат три посебни движења: Василијани, Григоријани и Јованити, кои секој посебно, за најголем го прогласуваат еден од споменатите светци.
Дали би можело да се претпостави дека кон движењето на Василијаните припаѓал и охридскиот архиепископ Лав, учен цариградски хертофилакс, ктитор на живописот на катедралната црква Св. Софија во Охрид? Во оваа црква била живописана една од најстарите копозиции во ромејското фреско-сликарство, посветени на св. Василиј Велики - "Службата на Василиј Велики".
Со цел да се смират и меѓусебно обединат трите движења, за време на царот Алексиј I Комнин е изнајдено компромисно решение и воспоставен заеднички празник на тројцата архијереи, кој се празнува на 30 јануари, иако секој од овие отци има свој ден за празнување во календарот.
И култот на Св. Никола Мирски, кон средината и во втората половина на XI век, значително нараснува. Така во 1087 година, со залагање на патријархот Хикола Граматик, моштите на светителот ќе бидат пренесени од Мир Ликиски во италијанскиот град Бари.
Појавата на светителите Василиј Велики и Никола Мирски на една икона од првата половина на XI век, за која може со поголема сигурност да се смета дека настанала во некоја цариградска работилница, покажува дека нејзината иконографија била резултат од актуелните движења на времето што го возбудувало православниот свет.
Потекло
уредиПодарена на непозната охридска црква. Може да се претпостави на црквата Св. Софија. Откриена во црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент) во Охрид.
Конзервација
уредиКонзервација и делумна реставрација извршени во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата - Скопје.
Надворешни врски
уреди- СВ. ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ И СВ. НИКОЛА МИРСКИ Архивирано на 23 јуни 2007 г.