Родот Рензовци (Рензо, Рензовски), се познато македонско семејство на ѕидари, градители, копаничари, зографи иконописци, сликари и резбари. Потекнуваат од мијачкото малореканско село Тресонче. Припаѓаат на тн. Дебарска уметничка школа (XVIII – XIX век).[1]

Браќата Коста, Георги, Андреја и Никола Дамјанови - Рензовски

Потеклото на родот

уреди

Силјан, потомок на Богдан, Мирче итн., кон крајот на XVIII век, а под притисок на честите напади на албанските разбојници, од Тресонче се преселил во велешкото село Папрадиште. Тој имал два сина – Јанкула и Стефан, родени околу 1750 година, во Тресонче. Тројцата градители оставиле свој белег во Сер, Драма, Кавала, Солун, Велес, но и вон Македонија.

Дамјан, син на Јанкула, исто така градител, е роден во Тресонче околу 1770-те, пред преселбата во Папрадиште. Се занимавал и со сликарство. Во 1809 година Дамјан ја започнува градбата на црквата „Света Богородица“ во Скопје, но тој во раните 1830-ти починал, па храмот е довршен од страна на неговите четворица синови. Заедно со Китан Петров ја почнал и „Св. Благовештение Богородично“ во Прилеп, но и таа е завршена во 1838, по неговата смрт.

Јанкула имал и друг син - Цветко, а неговиот син пак, се викал Стојан. На иконата на Свети Ѓорги од црквата „Успение Богородично“ во Крушево, тој е потпишан како „Стојан Станко Рензо Зограф“. Го насликал и Свети Атанасие во црквата „Свети Атанас“ во Секирце, Прилепско. Негови икони има во Слепченскиот манастир, Папрадиште, Ореше, Рилево и на други места во Прилепско и Крушевско.

Стојче, син на Стојан, е исто така зограф, чијашто работа ги краси иконостасите по западна и јужна Македонија.

Синовите на Дамјан го продолижиле неговото дело и семејниот занает. Toa ce – Георги, Коста, Никола и Андреја Дамјанови-Рензовски. Најстариот меѓу нив е Георги (Ѓорги, Ѓорѓи, Ѓорче, Ѓоре, 1784–1880).

Андреја Дамјанов

уреди
 
Андреја Дамјанов

3а Андреја Дамјанов се говори дека тој зад себе оставил 40 цркви во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Се претпоставува дека градел и во Бугарија и Грција, но тоа треба допрва да се истражи. Негови дела се црквите во Велес, Куманово, Штип, Крива Паланка, Ниш, Сараево, Мостар… За негова највпечатлива и неповторлива градба се смета соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ во Велес, изграден во 1840. Позначајните градби ги изградил заедно, сложно со своите браќа.[2][3]

Во Србија ги изградил црквите „Св. Ѓорги“ во Смедерево, соборната црква Св. Троица во Ниш како и соборната црква Св. Богородица во Сараево. Тој ја завршува и градбата на црквата во Мостар. Оваа во Мостар е разурната во војната од 1991-та и во тек е нејзината обнова која тешко оди а изгоре и дел од црквата во Ниш во пожар во 2001 година.

Негови познати остварувања во Македонија се:

  • 1836 – црквата Св.Јован во Кратово,
  • 1840 – црквата Св. Пантелејмон во Велес,
  • 1843 – црквата Св. Никола во Куманово,
  • 1845 – големата црква во манастирот Св.Јоаким Осоговски,
  • 1850 – црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Штип

Секако, занаетот се пренел и на наредните поколенија. Андреја имал 4 сина: Дамјан, Ангел, Иван и Димитар.

Дамјан ја изградил црквата „Св. Кирил и Методи“ во Тетово почната во 1885, а осветена 1925. Во 1905 година тајфата ја довршува и црквата „Успение Богородично“ во Велес и „Свети Димитар“ во Скопје. 1885 година е завршена црквата „Свети Ѓорги“ во Призрен. Изградил и црква во Митровица. Негово дело е и црквата „Свети Димитар“ во Гостивар. Ја започнува, но не ја довршува црквата „Св. Константин и Елена“ во Скопје. Даме Андреев е автор и на икона на Свети Пантелејмон, која се наоѓа во северниот проскинитар на велешката црква „Свети Пантелејмон“. Иконата датира од 29 август 1879 година. Неговиот син Симеон Дамјанов исто така, бил архитект и истакнат општественик (1876–1931).

Ангел Андреев и неговиот братучед Петар Николов се автори на иконостасот во црквата „Свети Ѓорги“ во скопското село Блаце од 1875.

Иван е нивни верен помошник и следбеник. Димитар (Андреев Зографов), пак, се насочил себеси кон воена и армиска кариера. Бил полковник, а и истакнат деец на Врховниот македонски комитет (ВМК).

Уметници, сликари, резбари, иконописци...

уреди

Синот на Никола Дамјанов – Петар Николов (Николиќ) е иконописец. Автор е на дел од иконостасот во Осоговскиот манастир. Негови икони има насекаде низ Македонија. Неговиот брат Наце е исто така иконописец и резбар, но и учител, во Прилеп, Гевгелија итн. Учествувал во резбањето на иконостасот на црквата „Свети Димитрија“ во Скопје.

Нивните братучеди Јаков и Јанко - синови на Ѓорче, ги изградиле црквичките во село Гранчица и Крајници, потоа -„Св. Константин и Елена“ во Оморани (1894), манастирот „Свети Архангел“ во Горно Чичово итн. Јаков градел во Нерези, Говрлево, Горно Соње, Скачинци (1883), Рудник (1885), Ораов Дол, Маргари… Во 1884 година, Јаков се преселил во Велес. 1889 во Софија отвора атеље за израбтка на икони за софиските цркви.

Синот на Јаков – Ѓорѓи Зографски, е еден од првите македонски современи, профани уметници.

Наводи

уреди