Протопланетарна маглина

вид маглина
(Пренасочено од Претпланетарна маглина)

Протопланетарна маглина или претпланетарна маглина[1] (ППМ) — астрономски објект кој претставува краткотрајна фаза во развојот на една ѕвезда, помеѓу фазата на доцна асимптотска гранка на џинови (ДАЏГ)[а] и фазата на планетарна маглина (ПМ). ППМ има силно инфрацрвено зрачење и е еден вид на отсјајна маглина. Ова е претпоследна сјајна развојна фаза во животниот век на ѕвездите со средна маса (1-8 M).[2]

Протопланетарната маглина Вестбрук.

Развој

уреди
 
Протопланетарната маглина IRAS 13208-6020 настаната од материјал исфрлен од средишна ѕвезда.

Почеток

уреди

Во текот на фазата на доцна асимптотска гранка на џинови (ДАЏГ)[а], кога губитокот на маса ќе ја сведе водородната облога на околу 10−2 M (за јадрена маса од 0,60 Сончеви маси M), ѕвездата почнува да се развива кон сината страна на Херцшпрунг–Раселовиот дијаграм. Кога водородната облога ќе се снижи до 10−3 M, ѕвездата повеќе не може да губи на маса; тогаш нејзината делотворна температура T* изнесува околу 5.000 K и преминува од ДАЏГ во ППМ.[3]

Протопланетарна маглина

уреди
 
Протопланетарната маглина IRAS 20068+4051 снимена со вселенскиот телескоп „Хабл“.

Претпорајќи се во ППМ, делотворната температура на средишната ѕвезда продолжува да се накачува како последица од горењето на водородот на облогата. Во оваа фаза, средишната ѕвезда не е доволно топла за да го јонизира бавната околуѕвездена обвивка исфрлена во минатата фаза. Меѓутоа, ѕвездата сепак дава големобрзински сосредоточени ветришта кои ја обликуваат и удираат оваа обвивка и предизвикуваат бавните исфрлоци од АЏГ да направат брз молекуларен ветер. Проучувајќи ги високоразделните слики напревени од 1998 до 2001 г. покажано дека брзоразвојната фаза на ППМ на крајот ја обликува морфологијата на понатамошната планетарна маглина. Во даден миг, обвивката го менува обликот од сферно симетричен во осно симетричен. Произлезените морфологии се двополни јазлести млазови и Хербиг-Ароови „сводни удари“. Ваквите облици се јавуваат дури и кај релативно младите ППМ.[3]

Крај

уреди

Фазата на ППМ трае сè додека средишната ѕвезда не достигне 30.000 K и стане доволно врела (има достатно ултравиолетово зрачење) да ја јонизира околуѕвездената маглина (т.е. исфрлените гасови) за да стане своевидна оддавна маглина, наречена планетарна маглина. Оваа промена мора да се случи најдоцна во рок од 10.000 години; во спротивно, густината на околуѕвездена обвивка паѓа под 100 на кубен сантиметар потребен за создавање на планетарна маглина; ваквиот случај понекогаш се нарекува „мрзлива планетарна маглина“.[4]

Скорешни претпоставки

уреди
 
Меѓуѕвездена пеперутка — протопланетарната маглина Робертс 22 [5]

Во 2001 г. е утврдено дека моделот „заемоделувачки ѕвездени маглини“ на зрачно-придвижени ветришта е недоволен за да ги објасни нивните набљудувања на брзите ветришта од ППМ, што подразбира голем залет и енергија нескладен со тој модел. Ова ги поттикнало теоретичарите да истражат дали не се работи за сценарио како она кај насобирачкиот диск (кое важи за млазовите од активните галактички јадра и младите ѕвезди), што би ги објаснило и точкестата симетрија и високиот степен на сосредоточување кај млазови од ППМ. СО ваквиот модел, насобирачкиот диск се образува преку двоични заемодејства. Магнетоцентрифугалното испуштање од површината на дискот тогаш би претстаувало начин на претворање на гравитациската енергија во кинетичка, т.е. брз ветер. Доколку овој модел е исправен, и магнетохромодинамиката (МХД) ја определува енергетиката и сосредоточувањето на истеците од ППМ, тогаш истата ја определува и физиката кај ударите на овие текови; ова може да се потврди со високоразделни слики од оддавните подрачја што ги придружуваат ударите.[3]

Поврзано

уреди

Белешки

уреди
  1. ^ Доцната асимптотска гранка на џинови почнува од точката на асимптотската гранка на џинови (АЏГ) кога една ѕвезда повеќе не е забележлива во видлива светлина и станува инфрацрвен објекти. Volk & Kwok 1989

Белешки

уреди
  1. Sahai, Sánchez Contreras & Morris 2005
  2. Kastner 2005
  3. 3,0 3,1 3,2 Davis и др. 2005
  4. Volk & Kwok 1989
  5. „An interstellar butterfly“. ESA / HUBBLE. Посетено на 11 March 2014.

Наводи

уреди