Позицијата на дијаграмот настанува во Сицилијанска партија, а била анализирана од страна на Борис Шипков од Новосибирск, поради што композицијата во шаховската литература е позната како „Сибирска стапица“.
Позицијата настанува по потезите: 1.е4 c5 2.d4 cxd4 3.c3 dxc3 4.Sxc3 Sc6 5.Sf3 e6 6.Lc4 Dc7 7.0-0 Sf6 8.De2 Sg4! 9.h3?? Првата непрецизност во партијата за белиот претставува потегот 8.De2. Така, по овој потег, белата дама и белиот коњ на f3, кој има одбранбена улога заштитувајќи го пунктот h3, може да бидат нападнати со само еден потег, доколку црниот одигра ...Sd4. Поради тоа, потегот 8...Sg4 е одличен, бидејќи црниот уште еднаш го напаѓа пунктот h3, подготвувајќи се за ударот со коњот на d4. Потегот 9.h3?? е клучната грешка во партијата. По 8...Sg4!, белиот има можност да го заштити полето d4 од страшниот маневр на противничкиот коњ, бидејќи заштитата од коњот на f3 е недоволна, поради матната закана на h3. Но, наместо тоа, со потег на погрешниот дел од таблата, му овозможува на црниот да победи по потегот 9...Sd4!! Ова е жртва, која белиот не смее да ја прими поради матот на h3, а доколку пак игра со нападнатата дама, црниот исто така матира по 10...Sxf3+ 11.gxf3 (или 11.Dxf3, ако белиот претходно одиграл 10.De1 или De3 па може да земе и со дама) Dh3#. Со потегот 10.g3, белиот го оневозможува црниот да матира, но затоа пак ја губи дамата.