Ова е многу позната позиција во теоријата на шаховските отворања. Постои легенда дека оваа позиција ја анализирал Ное, престојувајќи во својот кораб со животните, па поради тоа оваа композиција го добила името „Ноев кораб“.
Позицијата на дијаграмот е од Шпанска партија и е настаната со потезит 1.е4 е5 2. Sf3 Sc6 3.Lb5 a6 4.La4 d6 5.d4? Последниот потег на белиот е доста агресивен и на црниот му дава можност тактички да го надмудри својот противник и да дојде до решавачка предност. Белиот пешак на b4 е нападнат од црниот пешак на е5, но за црниот подобро би било доколку тоа го искористи, откако ќе ја унапреди својата позиција. Така, најдобар потег за црниот е потегот 5...b5. Со овој потег, црниот го напаѓа белиот ловец, која мора да отстапи и подобрувајќи ја својата позиција на дамското крило, црниот ја одложува размената на d4. Сега белиот е принуден со ловецот да отстапи на полето b3, па следува 6.Lb3. Сега, црниот е подготвен да земе на d4. Тој, тоа може да го направи на два начина, по кои белиот е принуден да ја прифати размената, бидејќи во спротивно црниот ќе се стекне со материјална, но и со положбена предност. По 6...exd4, следува 7.Sxd4 Sxd4 (или 6...Sxd4 7.Sxd4 exd4) и 8.Dxd4. Се чини дека белиот само ги размени својот коњ и својот пешак за оние на противникот, но сега и неговата дама е изложена на напад и тоа повторно со напредок на црниот на дамското крило. Следува 8...c5. По овој потег белиот е принуден да отстапи со дамата, по што следува 9...c4 и белиот ловец е заробен.