Дадената позиција претставува шаховски проблем, кој бара голема претпазливост и логичко размислување при неговото решавање. Целта е да се матира противничкиот крал во 2 потега, но се чини дека ниту една фигура на белиот не може дниту да му објави шах на црниот крал во 2 потега. Дали?
Сигурно многумина гледајќи ја оваа позиција ќе си помислат дека овој шаховски проблем нема решение, бидејќи на прв поглед, очигледно е дека белиот не може да објави ниту шах, а никако мат во 2 потега. Но, доколку темелно се анализира позицијата и како таа настанала, може лесно да се заклучи дека е чудна положбата на двојните бели пешаци на а5 и а6, односно според положбата на црните пешаци, невозможно е да се создаде таква пешачка структура. Но, јасно е дека последниот потег го одиграл црниот. Па, според шаховските анализи, тоа најверојатно бил потегот ...b5. Од ова произлегува дека решение на оваа позиција е потегот 1.аxb6 (ан-пасан) (претпоставката за потегот ...b5, можеше да се претпостави и без оваа анализа, бидејќи единствен начин да се матира во 2 потега е да се земе на поминување; сепак, добро е да се покаже зошто претходниот потег бил потегот ...b5). Всушност, земањето на поминување, односно потегот 1.axb6, претставува и решение на овој проблем, бидејќи единствен потег на црниот е потегот 1...а3, по што белиот матира со 2.b7#.