Помнење и заборавање (дидактика)

Траењето на промените создадени по пат на учење го претставува процесот на помнење. Губитокот на промените создадени при учење познат е како заборавање.

Помнењето и заборавањето се во обратно-пропорционален однос. Колку ќе биде запомнето, а колку заборавено, зависи од голем број фактори, како што се: смисленоста на материјалот, ангажираноста и мотивираноста при учењето, организација на самото учење, особините на личноста (способности, карактер, темперамент, интереси, ставови, претходни знаења), здравствената состојба, одмореноста, возраста итн. Секако дека најбитен фактор е степенот на наученост на материјалот.

Како се манифестира помнењето и заборавањето

уреди

Постојат повеќе начини како да провериме дали она што порано сме го учеле, сè уште го помниме.
1. Репродукција. Доколку она што порано сме го учеле можеме, по извесен временски период, самите да го повториме, значи дека сме го запомниле. Тоа што сме го запомниле може да биде: вербален материјал (лекција), моторна вештина (пливање), или пак претстава (сеќавање за изгледот на предмет или лице).
2. Препознавање. Препознавање е процес при кој оној податок што порано сме го учеле, не можеме самостојно да го репродуцираме, но можеме да го забележиме (идентификуваме) доколку биде понуден меѓу повеќето други.
3. Заштеда при повторно учење. Ефектите од претходното учење можат да се јават и во вид на заштеда при повторното учење. Ако по извесен временски период од претходното учење, повторно го учиме истиот материјал, доколку првиот пат подобро сме го научиле, сега ќе ни треба и помалку време и малку повторувања.

Зошто забораваме?

уреди

1. Едно време се тврдело дека до заборавање доаѓа поради тоа што спонтано, во текот на времето се врши губење на физиолошките промени што биле воспоставени при учењето. Доколку она што порано се учело не се повторува, со текот на времето и ќе се заборави. Ова е наречено „теорија на неупотреба“.
2. Според други, самото време не може да биде причина нешто да се заборави. Причината лежи во она што се случува во тоа време, а тоа секогаш е некаква активност. Токму поради тоа, ваквите сфаќања се познати под името „теорија на активно заборавање“.
3. Други тврдат дека заборавањето воопшто не постои, дека сите податоци се трајно забележани во меморијата. Ова е наречено „теорија за вечно помнење“. Основач е Зигмунд Фројд.
4. Четврта група теоретичари тврдат дека до заборавањето доаѓа поради изменетите услови при репродукцијата. Тие услови можат да бидат физикчки и психички.
а) Физички се оние што се однесуваат на просторот во кој се врши репродукцијата. Дете од прво одделение дома успешно ја кажува стихотворбата, но на училиште не може да се сети на неа.
б) Психички услови. За да биде репродукцијата ефикасна, потребна е претходна „загреаност“ и ориентираност. Ако ученик влезе сред час, нема да знае за што се зборува, но полека ќе се прилагоди.

Краткотрајно и долготрајно помнење

уреди

Информацијата се прима преку сетилна меморија. Во неа се задржуваат огромен број информации, скоро сите што влијаеле врз сетилниот орган. Но, времетраењето на тие информации е многу кратко. Во меморијата, податоците не се обработуваат, туку се сурови информации, без смисла. Трае многу кратко.

Краткотрајна меморија презема мал дел од информациите во сетилната меморија. Таа има помал капацитет, но подолго ги задржува податоците, околу 15 секунди. Ако еден телефонски број не го повторуваме повеќепати, ќе го заборавиме.

Долготрајната меморија се разликува од сетилната и краткотрајната по тоа што во неа информациите не се губат комплетно, туку остануваат релативно трајни.

Информациите можат да влезат во долготрајната меморија на два начина: по пат на механичко повторување или по пат на елаборативно повторување. Механичкото повторување претставува едноставно обновување на информацијата, како во случајот со телефонскиот број. Елаборативното повторување подразбира творечки процес на изнаоѓање најсоодветен начин за вградување на новиот податок во веќе постојниот мемориски систем. Се користат техники познати како мнемонички техники.

Мнемонички техники

уреди

Под поимот мнемонички техники се подразбираат постапки што се применуваат за новиот материјал да се научи полесно, а да се запамти подолго. Некои од мнемоничките техники се:
1. Групирање на материјалот по блокови. Со оглед на ограниченоста на човековиот капацитет за прием, се јавува потреба податоците да се организираат во случај кога се многубројни, како на пример, еден голем 12-цифрен број може полесно да се запамети ако се подели во блокови од по три бројки.
2. Изнаоѓање субјективно погодни асоцијации. Кога треба да се научат голем број странски или непознати зборови, најдобро е тие да се групираат по некои други, веќе познати имиња, и тие да нè асоцираат на новиот збор. Пример за ова е името на психологот Ебингхаус, кој најлесно би го запомниле ако го асоцираме со англискиот збор house.
3. Зголемување на смисленоста на материјалот. Ако материјалот кој го учиме е недоволно сфатлив, треба да се обидеме да ја зголемиме неговата смисленост.
4. Користење визуелно и аудитивно мислење. Познато е дека постојат повеќе типови луѓе; визуелни кои лесно го помнат визуелно прикажаниот материјал, аудитивни кои лесно го помнат она што го слушнале, мирисни кои помнат мириси итн.

Поединечни фактори во помнењето

уреди

1. Брзина на запомнувањето – способност брзо да се научи дадената информација, т.е. со помал број повторувања.
2. Трајност на помнењето – способност што подолго да се зачуваат податоците во меморијата.
3. Точност на помнењето – способност наученото да се запомни мошне точно и прецизно.
4. Услужливост на помнењето – способност да се научи во моментот кога е неопходно. Со оглед на овие својства на помнењето, меѓу луѓето постојат големи поединечни разлики. До нив доаѓа поради специфичноста на материјалот и поради специфичноста на секоја личност – нејзините интереси, ставови, цели итн.