Подножје на страница

Подножје на страница — елемент во типографијата дел сместен под главниот текст. Традиционално бил и сè уште е место каде се означува бројот на страницата. Во најраните печатени книги, подножјето ги содржело и првите зборови од следната страница, па во тој случај бројот на страницата се сместувал во заглавието на страницата. Во отсуство на дефинирани стандарди, заглавието и подножјето понекогаш меѓусебно си ги менуваат местата. Во некои случаи, елементи на заглавието се сместуваат во подножјето, како името на книгата или на поглавјето, името на авторот или други информации.

A = заглавие; B = подножје

Исто така, подножјето понекогаш е простор резервиран за белешки познати како подножни белешки (фусноти). Додека во некои случаи просторот за подножјето на страницата е точно дефиниран, кога се додаваат подножни белешки, просторот се зголемува или намалува врз основа на количината и должината на белешките.

Кај апликациите за обработка на текстови, подножјето го определува просторот во долниот дел на страницата кој се прикажува на сметачот или некој друг уред. Некои видови програмска опрема автоматски вметнуваат одредена информација во подножјето како што се бројот на страницата, датумот и времето на создавање или ревидирање на документот, податоци кои може да бидат исфрлени или променети. Корисникот, ако сака, може да го додаде логото или името на компанијата, авторот, насловот или други корисни информации (поврзници, известување за авторските права, адреси, телефонски броеви, итн.). Доста често подножјето се прикажува на сите страници на документот, со бројот на страницата кој соодветно расте. Слично, и заглавието може да се прикажува на секоја страница.