„Од влакно ортома“ или „Многу врева за ништо“ ― комедија од Вилијам Шекспир која се смета дека ја напишал во 1598 и 1599 година. Претставата била вклучена во Првото фолио, објавено во 1623 година.

Од влакно ортома
Наслов од првото издание, печатено во 1600
АвторВилијам Шекспир
ЈазикРаносовремен англиски јазик
ЖанрКомедија

Дејството се одвива во Месина, а заплетот се врти околу љубовта на два пара откако група војници ќе пристигнат во градот. Љубовта на првата двојка, меѓу Клаудио и Хера, речиси се губи по обвинувањата на негативецот, Дон Хуан. Втората двојка, меѓу пријателот на Клаудио, Бенедик и братучетката на Хера, Беатриче, зазема централно место во драмата, а духовитоста и мајтапењето на двата лика во најголем дел придонесува за хуморот.

Бенедик и Беатриче се наведени да ја признаат својата љубов еден кон друг, а Клаудио е измамен да верува дека Хера не е девица.

Лица

уреди
  • Бенедик, млад велможа од Падова, и миленик на Дон Педро
  • Дон Педро, принц од Арагон
  • Дон Хуан, негов полубрат
  • Клаудио, млад гроф од Фиренца, миленик на Дон Педро
  • Леонато, управник на Месина
  • Антонио, негов брат
  • Балтазар, слуга на Дон Педро
  • Борачио, човек на Дон Хуан
  • Конрад, човек на Дон Хуан
  • Хера, ќерка на Леонато
  • Беатриче, внука на Леонато
  • Маргарет, придружничка на Хера
  • Урсула, придружничка на Хера
  • Дрен, приглуп чиновник
  • Талпа, исто
  • Писар
  • Свештеник
  • Момче
  • Гласници, стражари, придружници

Дејство

уреди
 
Слика на Беатриче од Френк Дикси, од Графичката галерија на Шекспировите хероини

Во Месина еден гласник најавува дека вечерта ќе пристигне Дон Педро придружуван од Клаудио и Бенедик. Беатриче подбивно прашува дали ќе се врати и Бенедик истовремено се потсмева со неговите воени вештини. Леонато му објаснува на гласникот дека „помеѓу неа и господинот Бенедик постојано се води некаква шегаџиска војна“.[1][2]

По пристигнувањето на војниците, Дон Педро му кажува на Леонато дека ќе останат најмалку еден месец, а Бенедик и Беатриче ја продолжуваат својата „весела војна“. Влегува и полубратот на Педро, Дон Хуан. Чувствата на Клаудио кон Хера повторно се разгоруваат и му кажува на Бенедик дека сака да ѝ се додворува. Бенедик, кој отворено го презира бракот, се обидува да го спречи. Дон Педро го поддржува бракот. Бенедик се колне дека засекогаш ќе остане ерген. Дон Педро му се смее и му вели дека ќе се ожени кога ќе ја најде вистинската личност.

Се одржува маскенбал. Таму, маскираниот Дон Педро во име на Клаудио ја заведува Хера. Дон Хуан го користи ова и настанува хаос откако ќе му рече на Клаудио дека Дон Педро ја договара Хера за себе. Но, недоразбирањето подоцна е надминато, и на Клаудио му е ветена раката на Хера.

Во меѓувреме, Бенедик и Беатриче танцуваат заедно, не се препознаваат и под покривката на маските си се оговараат. Бенедик е навреден кога го опишува како „задрогаз на принцот, многу здодевен шут“,[3] [4] и копнее да биде поштеден од друштвото на „госпоѓицата Алапача“.[3] На Дон Педро и неговите луѓе, на кои им е досадно да чекаат една недела до свадбата, смислуваат план да ги спојат Бенедик и Беатриче. Тие се договараат Бенедик да чуе разговор во кој Беатриче ќе рече дека е лудо вљубена во него, но се плаши да му каже. Хера и Урсула исто така се договараат Беатриче да слушне разговор во кој тие ќе разговараат за неуморната љубов на Бенедик кон неа. И Бенедик и Беатриче се воодушевени што мислат дека се предмет на невозвратена љубов и обајцата се решени да си ги исправат своите грешки и да искажат љубов.

Во меѓувреме, Дон Хуан планира да ја уништи венчавката и да го посрамоти брата си и да им наштети на Леонато и Клаудио. Тој на Дон Педро и на Клаудио им вели дека Хера е „неверна“,[4] и договара да го видат Борачио како влегува во нејзината спална соба и се љуби со неа (тоа всушност е слугинката на Хера). Клаудио и Дон Педро се измамени, а Клаудио се колне дека јавно ќе ја понижи Хера.

 
Замавнување на Хера во црковната сцена од Алфред Елмор

Следниот ден, на свадбата, Клаудио ја обвинува Хера пред гостите, и налутено излегува со Дон Педро. Хера се онесвестува. Свештеникот интервенира, сметајќи дека Хера е невина. Тој предлага семејството да ја лажира смртта на Хера за да го натера Клаудио на каење. Бенедик и Беатриче ја признаваат својата љубов еден кон друг. Беатриче потоа бара од Бенедик да го убие Клаудио како доказ за неговата љубов. Бенедик се двоуми, но се согласува. Леонато и Антонио го обвинуваат Клаудио за смртта на Хера и му се закануваат. Пристигнува Бенедик и го предизвикува на дуел.

 
„Многу врева за ништо“, чин IV, сцена 2, Испитувањето на Конрад и Борачио (од серијата Бојдел), Роберт Смирке (н. )

Локалната стража, претходната вечер ги слушнала Борачио и Конрад како разговараат за нивното „предавство“ [4] и „најстрашната навреда некогаш нанесена во комонвелтот“, [4] и ги апсат. Тие го признаваат заговорот и стражарите го информираат Леонато за невиноста на Хера. Дон Хуан побегнал, но по него се пратени стражари да го фатат. Клаудио се кае и мислејќи дека Хера е мртва, се согласува со барањето на нејзиниот татко да се ожени со ќерката на Антонио, „речиси копија од моето дете кое е мртво“. [2]

Откако Клаудио ќе се заколна дека ќе се ожени со другата невеста, се открива дека тоа е Хера. Клаудио е пресреќен. Беатриче и Бенедик јавно си ја признаваат љубовта еден кон друг. Дон Педро го исмева „оженетиот Бенедик“, [4] а Бенедик возвраќа дека смета дека принцот е тажен, и го советува: „Најди си жена“. [4] При крајот на претставата, гласник носи вести дека го фатиле Дон Хуан, но Бенедик предлага судењето на Дон Хуан да се одложи за утредента, за двојките да можат да уживаат во својата среќа. Двојките танцуваат и слават, а претставата завршува.

 
Хера, Џон Вилијам Рајт (околу 1849)

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Шекспир, Вилијам. Од влакно ортома. Фондација Македоника Скопје. ISBN 978-608-240-010-5.
  2. 2,0 2,1 „Much Ado About Nothing: Act 1, Scene 1“. shakespeare-navigators.com. Посетено на 6 August 2015.
  3. 3,0 3,1 Шекспир, Вилијам. Од влакно ортома. Фондација Македоника Скопје. ISBN 978-608-240-010-5.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 „Much Ado About Nothing: Entire Play“. shakespeare.mit.edu. Посетено на 31 July 2021.

Надворешни врски

уреди