Носии од Голо Брдо
Носијата од Голо Брдо, се носела во големиот и простран предел на самата граница кон Албанија, од кој во Македонија се наоѓаат само три села, а сите други се од другата страна на границата во Албанија.[1]

Женската носија
уредиНосијата на жените се одликува со носија во која е доминантна портокаловата боја, како посебен колористичен белег кој не се среќава во носиите од другите региони во Македонија. Одлика на женската носија е бројноста на облеките и богатиот поткит од долги волнени и срмени рески, густо извезени мотиви и украси од срма, гајтани и оптоки. По својата декоративност и богати украси посебно се издвојува невестинската носија. Кошулата на женската носија е од бело платно, богато извезена на ракавите, а на градниот дел врз кошулата се носат извезени градници парти.[1] За нејзе карактеристично покрај извезените бели чикмиња на ракавите, било и богатото украсување со полихромен геометриски вез. Според возраста и семејниот статус, постеле неколку варијанти:
- тнока кошула – невестинска или голема кошула, наречена и страмачка,
- ѓувезинска кошула или помала кошула за свечени пригоди,
- носечка кошула – наменета за неделни излегувања.[2]
Клашнената бела облека клашненик, долга до колковите, богато украсена на градите, долгиот широк појас со густи волнени рески на двата краја и скутина бокченица ја сочинуваат женската носија од овој предел.[1]
Празничен и невестински детаљ од носијата е зобан - бела безракавна, клашнена облека, украсена со вез од волнени конци и ткаен појас - препашка. Наместо бокченица (наменета за деверот) во вакви прилики се опашува бовча - мала скутина поткитена со долги волнени рески.[1] Бовчата била позната и како бокча и имала мали димензии (20 х 20 см). Дебелите портокалови волнени рески достигнувале должина од околу 60 см и биле усукани на посебен начин.[2] Носијата се дополнува со изобилство од метален накит: побраник, узда, ушници, гердан, корст. Зимска облека била кусале, изработена од бела клашна, но куса до појас, со обилни украси од оптоки и рески.[1] Кусалето, се среќавало во два вида: едното е за девојки, украсено со бели гајтани, а другото – невестинско – исклучиво со портокалови. Невестите околу половината се опашувале со долг и широк појас, со долги волнени реси на краевите, кои се уредувале на посебен начин да формираат гирланда на задниот дел. На нозете се носеле чорапи – калчини со вплетени геометриски орнаменти на портокалова подлога. Врз нив се облекувале чораби – тип на получорапи без стапала, долги до под колена, украсени слично како претходните. Девојките носеле слични, но изработени од бела преѓа, со хоризонтални црни ленти.
Во минатото жените носеле капа изработена од портокалова волнена преѓа, прицврстена со подбрадник украсен со сребрени монети. Невестите дополнително се украсувале со наплитци на челото, проци – усукани црни волнени конци со монистра и алтани.[2] Главата се покривала со корпа, мала квадратна платнена покривка (35 х 35 см), со извезени украси и богати поткити од волнени и срмени рески.[1]
Женската носија кај исламизираните Македонци од селата Џепиште и Отишани на македонска територија имала изразени турско-ориентални елементи. Се состоела од долги гаќи од индустриско платно, домашно ткаена скутина бовча, нештемал - скутина од индустриско платно, блуза - порхет со цветни дезени, шамлија од свилена индустриска ткаенина во различни бои со рабови украсени со тантела, често со монистра и стаклени украси. За разлика од нив, женската носија во селата на албанска територија – Клење, Гинец и Стеблево – задржала повеќе традиционални елементи типични за Македонците христијани: бела платнена кошула со вез на градниот дел, тесен портокалов појас, горна облека клашеник (понекогаш наречена антерија), калчини со геометриски орнаменти на портокалова подлога и портокалово капуле со подбрадник украсен со сребрени пари. Носијата на исламизираните Македонци се разликувала од таа на неисламизираните по преземените ориентални елементи: скутината бокча ткаена во жолто-црни пруги, ткаениот волнен појас со украси на краевите (киски), црната горна облека зобан со долги ракави декорирани со срма клободан терзиска изработка и белата тенка марама ирам за покривање на главата.[2]
Носија од селото Требиште
уредиКај исламизираните Македонци со јасно изразени локални обележја се издвојувала женската носија од селото Требиште. Иако таа отстапувала од другите пределски целини, сепак со некои особености се надоврзува на носијата од село Острени, кое е многу близу.[3] Главен белег претставува носењето две скутини – предна и задна. Предната бошча била изработена од црвена волнена преѓа, со реси на долниот дел и украсена со монистри и седефи. Задната фута, ткаена во пруги, се носела посебно преклопена надолу во форма на шилец.[2] Невестите од Требиште (крај на 19-ти и почеток на 20-ти век) облекувале кошула украсена со особено впечатлив вез, а под неа носеле куси ракави познати како ракавици. Над кошулата се облекувал сормен елек, а половината се препашувала со појас. На задниот дел се ставал посебен дел од облеката наречен фута, додека напред се носела карактеристична скутина – бовча на киски. Особен интерес буди обичајот невестите, додека мажите им служеле војска, да носат скутина позната како бовча на кесме низамска. За нив била препознатлива и носијата во вид на долги гаќи – пике, над кои се носел колан со прикачени украсни ризлиња. Главата се покривала со индустриска шамија наречена „скапа шамија“, а на нозете се носеле чораби и кондури.[3] Во составот на оваа едноставна, но елегантна носија се вклучува и кошулата кмиш од бело домашно платно со бели везови, долга до средината на листовите. Таа припаѓа на Брсјачкиот стил на носии, а на тоа укажува и специфичната везачка техника наречена нофтено или ноктено, карактеристична за регионот на Струшки Дримкол и делови од Охридско Поле.[2]
Носија од селото Дренок
уредиСелото Дренок имало доминантна улога во Голо Брдо, бидејќи историски претставувало центар на важни случувања и главно жариште на населението од овој предел. Жените од овој крај биле познати и под името „планинки“. Традиционалната невестинска кошула, наречена тнока, се облекувала на денот на венчавката и за време на големи празници додека траело невестинството. Над кошулата, во пределот на градите, се ставало везено текстилно парче наречено парта патлачна, а под ракавите се носеле индустриски изработени полуракави – рокавчиња. Како горна облека се облекувал клашеник, кој се препашувал со појас, над кој, заедно со скутината бокча, се препашувала и тенка волнена лента – препашка, која минувала преку зобанот. Скутината се украсувала со орнаментирани индустриски шамии, наречени риза наниз. Како накит, невестите носеле два пара украсни пафти чапрази, како и дополнителни украсни елементи на градите – чапраџиња. Главата се покривала со плитка овална капа украсена со метални монети, а над челото се ставале усукани памучни конци – проци, кои паѓале врз челото и слепоочниците. Капата се држела со побраник, на кој биле прикачени корст и мангурче. Над сето тоа се поставувала покривката за глава - корпа. На нозете се носеле волнени чорапи наречени колчини со поплити и традиционални опинци.[3]
Машката носија
уредиМашката носија од Голо Брдо се надоврзува со таа од Реканскиот предел, само што појасот бил еднобоен во боја на вишновидна црвена. Мажите од овој предел носеле платнена кошула, бечви или шалвари (двете со многу гајтани), памучен минтан, џамадан од бело сукно, над кој облекувале бела клашнена долама долга до колена и црно волнено кусале. Старците носеле бели волнени чорапи, а младите црвени.[4]
Исто така се носеле бели/обоени тозлуци од шајак, а на главата се носело шубари и разни други капи, каде порано биле носени плитки фесови со рески, а на нозете носеле кожни опинци. Во зимата носеле бела/темно-обоена гуња која имала ракави и јака. Уникатен дел од носијата бил шкодранскиот џамадан од црвена чоја кој бил купуван од Скопје.[4]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 149 до 150. ISBN 9989-649-25-1.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 95–102. ISBN 9989-48-584-4.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 94–102. ISBN 978-608-65803-2-2.
- ↑ 4,0 4,1 Филиповиќ, Миленко (1940). Голо Брдо. Скопје: Штампарија „Јужна Србија“. стр. 56 до 58.