Народноста на македонските Словени

Народноста на македонските Словени (германски: Das Volksthum der Slaven Makedoniens) е научна студија за македонскиот народ, објавена во 1890 година во Виена, автор на студијата е македонологот Карл Хрон [1]. Хрон студијата ја завршил во декември 1889 година [2]. Како повод за пишување на оваа книга, послужиле две публикации за Македонија од 1889 година: Топографско-етнографски преглед на Македонија од Стефан Верковиќ и Македонија и Стара Србија од Спиридон Гопчевиќ. Двете книги се посветени на Македонија, но со различни гледишта [3].

Народноста на македонските Словени
кликнете за да ја читате во целост, преведна на македонски јазик
АвторКарл Хрон
Изворен наслов''Das Volksthum der Slaven Makedoniens''
ЗемјаАвстроунгарија
Јазикгермански
Жанретнографија, историја, лингвистика
Издадена
прво издание: 1890 година во Виена; второ издание: 1990 година на македонски јазик во Скопје
Страници38

Особености

уреди

Истражувања

уреди

Хрон во скратен вид ги набележал резултатите од испитувањата на Верковиќ, а во најголемиот дел од својата студија дава критичка и полемичка проценка за гледиштата на Гопчевиќ [3]. Во предговорот, како и во поголемиот дел на деветте поглавја, Хрон критички се осврнал и ги побил наводите на Гапчевиќ по низа прашања поврзани со историјата и јазикот на македонскиот народ. Во предговорот Хрон истакнал:

По моите сопствени студии на српско-бугарскиот спор дојдов до убедување дека Македонците, како по својата историја така и по својот јазик, се посебна народност. Значи, ниту се Срби, уште помалку Бугари, туку се потомци на оние словенски прадоселеници кои го населувале Балканскиот Полуостров веќе долго пред српската и бугарската инвазија и кои подоцна со ниту една од овие две нации не се измешале [4]


Во своите истражувања за македонскиот народ, авторот се потпрел врз своите емпириски проучувања собрани во Македонија, како и врз истражувањата на други научници. Од областа на филологијата се придружил кон гледиштата на Ф. Миколошич и на студиите за македонскиот јазик на Петар Драганов [5]. Од областа на историографијата ги придружува трудовите на Константин Јиречек, од патопиците ги зел предвид Хан, Барт и др. Во разработката на студијата, Хрон тргнал од две позиции: јазична и историска гледна точка.

За македонскиот јазик

уреди

Хрон направил длабока анализа на специфичностите, особеностите и финесите на македонскиот јазик и македонските говори. Тој се осврнал на одликите на македонскиот јазик со цел да докаже неговата специфична особеност како посебен јазик. Во определувањето на неговата особеност Хрон бил доста категоричен и истакнал:

... македонскиот јазик според своите сопствени закони за развитокот на гласовите, како и според неговите граматички правила формира еден сопствен јазик... [6]


За македонскиот народ

уреди

Хрон ја проследил историјата на Македонија од населувањето на Словените, па сè до крајот на 17 век. Тој ги подвлекол карактеристичните особености од развитокот на македонскиот народ, особено Самуил и неговата држава, богомилското движење и создавањето на Охридската патријаршија, односно архиепископија. Хрон истакнал дека:

Колку повеќе ја гледам целината на досегашните заклучоци станувам се поцврсто уверен дека посебната националност на Македонците ќе биде со напредувањето во испитувањата се појасна и подокажлива [6]


Одглас

уреди

Студијата на Хрон, најпрво нашла одглас во дневниот печат. Весникот Македонија под уредништво на Коста Шахов, го регистрирал објавувањето на оваа студија со соопштение од 27 јануари 1890 година, пренесувајќи го истото од весникот Filipolis [7]. Во сопштението биле изнесени делови од најважните гледишта за самобитниот развиток на македонскиот народ, со набележување дека Хрон бил новоначнувачки македонолог [8].

По излегувањето на студијата, Гопчевиќ објавил брошура под наслов Вистината за Македонија. Во неа Гопчевиќ остро го нападнал Хрон, поради неговите погледи за одделноста на македонскиот народ и посебноста на неговиот јазик [9]. Јаков Слишковиќ во својата студија Албанија и Македонија, во излагањето на теориите за потеклото на Македoнците истакнал дека:

... има уште такви, кои денешните жители на Македонија не ги сметаат ни за Срби, ни за Бугари, туку за посебна народност, веројатно наследници на старите Македонци. Така на пример вели Карл Хрон [10]


Извори

уреди
  1. Karl Hron: Das Volksthum der Slaven Makedoniens, Wien, 1890
  2. Христо Андонов - Полјански, Македонското прашање, Култура, Скопје, 1990, 39.
  3. 3,0 3,1 Христо Андонов - Полјански, Македонското прашање, Култура, Скопје, 1990, 44.
  4. Karl Hron: Das Volksthum der Slaven Makedoniens, Wien, 1890, S. 4-5.
  5. Христо Андонов - Полјански, Македонското прашање, Култура, Скопје, 1990, 45.
  6. 6,0 6,1 Karl Hron: Das Volksthum der Slaven Makedoniens, Wien, 1890, S. 26.
  7. Христо Андонов - Полјански, Македонското прашање, Култура, Скопје, 1990, 49.
  8. Гане Тодоровски, Весникот Македонија на Коста Шахов (1888-1891). Разгледи, јуни 1965, 1012-1013
  9. Христо Андонов - Полјански, Македонското прашање, Култура, Скопје, 1990, 50.
  10. J. Sliskovic, Albanija i Makedonija. Sarajevo, 1904, str. 129.