Народен фронт (Шпанија)
Оваа статија бара повеќе извори за проверливост. Ве молиме помогнете со тоа што ќе додадете наводи до веродостојни извори. Непроверливата содржина може да биде изменета или отстранета. |
Народен фронт (на шпански: Frente Popular) — изборна коалиција во Втората шпанска република и пакт основан во јануари 1936 година од разни лево ориентирани политички организации кои биле поттикнати од Мануел Азања со цел да се оспорат законодавните избори кои се одржале таа година. Во Каталонија и во денешната автономна заедница Валенсија коалицијата била позната како Front d'Esquerres (на каталонски, слободен превод: Фронт на левицата или Левичарски фронт).
Во Народен фронт се вклучиле Шпанската социјалистичка работничка партија, Комунистичката партија на Шпанија, Работничката партија на марксистичкото обединување и републиканците од Републиканска левица на Азања и Републикански сојуз на Диего Мартинес Барио. Овој пакт добил поддршка од националистите од Галисија (Галисиска партија) и Каталонија (Републиканска левица на Каталонија) и синдикалните Општ сојуз на работниците и Национална конфедерација на трудот. Многу анархисти кои не дале поддршка на изборите во 1936 година туку се повикале на воздржаност, подоцна се бореле на страната на Народен фронт во Шпанската граѓанска војна.
Коминтерната под контрола на Сталин во 1935 година одлучила дека како одговор на растот на фашизмот препорачливо е сојузување на комунистичките партии со другите антифашистички партии вклучувајќи ги и социјалистичките, па дури и буржоаските партии. Народниот фронт го победил Националниот фронт (коалиција од десничарски партии) на изборите во 1936 година и ја формирал новата шпанска влада. Мануел Азања бил избран за претседател на републиката во мај 1936 година, иако Шпанската социјалистичка работничка партија не се вкчучила во владата поради противењето на Франциско Ларго Кабалеро.
Во јули 1936 година, воени генерали (конзервативци и монархисти) поттикнале пуч насочен против владата на Народен фронт, започнувајќи ја Шпанската граѓанска војна.