Македонско здружение на млади правници
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) е невладина, непрофитна и неполитичка организација основана во 2003 година како професионална невладина организација основана со слободно здружување на граѓани со цел да спроведат активности за целосна имплементација на принципот на владеење на правото и спроведување на придонесот на млади правници во развојот на правната професија во Македонија преку проекти и активности.[1]
Историја
уредиВеднаш по формирањето во 2003 година, МЗМП учествувал во подготовката на „ИНДЕКС за реформа на правната професија“ во соработка со Американската адвокатска комора – Правна иницијатива на Централна и Источна Европа. Соработката со АБА-РОЛИ продолжила и во следните години со проекти поврзани со правната професија и борба против корупцијата во локалните заедници.
Во 2005 година МЗМП започнал плодна соработка со Советот на Европа преку организирање на напредна обука за адвокати и правни професионалци за прашања поврзани со правната заштита на човековите права во рамките на системот воспоставен со Европската конвенција за човекови права. Од 2005 до 2013 година МЗМП организирал повеќе од 13 обуки на кои присуствувале повеќе од 300 адвокати и правни професионалци.
Истата година била воспоставена соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) која во следните години ќе се реализира преку организирање обука за Законот за кривична постапка, континуирана едукација за млади правници и објавување на Прирачник за правни вештини за адвокатите на одбраната во кривичната постапка.
Во 2006 година МЗМП започнал со спроведување на активности за заштита на правото на пристап до информации во соработка со Фондацијата Отворено општество Македонија и Шведскиот Хелсиншки комитет. Следење на имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, обука за адвокати и невладини организации, како и правна помош во случаите кога ќе биде забранет пристапот до информации.
Во 2007 година МЗМП го проширил делокругот на работа со правото на пристап до правдата преку активности насочени кон донесување на ефикасен Закон за правна помош за сиромашното население. Истовремено со донесувањето на Законот во 2009 година, МЗМП започнал процес на следење на имплементацијата на Законот во соработка со ФООМ и СХЦ кој подоцна со поддршка од ФООМ прераснал во широк проект кој континуирано се спроведува и кој опфаќа: следење на имплементација на Законот, подготовка на анализи, лобирање и застапување, обезбедување на претходна правна помош и унапредување на правото на бесплатна правна помош. МЗМП и од 2011 година е овластена организација за давање правна помош.
Во 2008 година МЗМП започнал со спроведување на активности во областа на правната заштита од дискриминација и нееднаков третман. Во оваа област МЗМП спроведува обуки за адвокати, изготвува извештаи и анализи, стратешки судски спорови и промовира и актуализира правните механизми за борба против дискриминацијата.
Во 2009 година МЗМП во соработка со Вестминстер фондацијата за демократија, Меѓународната адвокатска комора и Собранието на Република Северна Македонија го реализирале проектот „Улогата на парламентот во одржувањето на принципот на владеење на правото и спроведувањето на уставните обврски и гаранциите за човековите права “.
Во 2010 година МЗМП започнал соработка со Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) за обезбедување правна помош, застапување и интеграција на бегалци, баратели на азил и лица без државјанство, која продолжува и во наредните години.
Поради својата работа, МЗМП во 2012 година бил идентификувани од страна на проектот за зајакнување на правосудството финансиран од УСАИД како професионална организација на адвокати и беше обезбедена поддршка за зајакнување на институцијата.
Активности
уреди- Застапување на интересите на младите правници и нивната континуирана едукација и вмрежување;
- Правна заштита на лицата без државјанство, бегалци и баратели на азил;
- Пристап до правда и поддршка за подобрување на ефективноста на Законот за правна помош;
- Спречување и заштита на дискриминација и нееднаков третман;
- Следење на имплементацијата на законите поврзани со заштитата на човековите права и судството.
МЗМП е членка на Европскиот совет за бегалци и прогонети.
Наводи
уреди- ↑ „Member: Macedonian Young Lawyers' Association“. European Council on Refugees and Exiles. Архивирано од изворникот на 24 December 2013. Посетено на 24 December 2013.