Македонско-германски односи

Македонско-германските врски и односи започнуваат да се развиваат преку работата на светите Кирил и Методиј во Моравија и Панонија (IX в.) и претставниците на цар Самуил (X в.) кај германскиот цар Отон I во градот Kведлинбург (X в.) во мисија за обезбедување признавање на македонската држава. Во втората деценија од XI в., во времето на крстоносните војни, дел од германските крстоносци кои поминуваат преку македонската територија остварува контакти со македонското население. Од XII до XVII в. германски рудари – Саси работат во кратовските рудници. Во 1777 г. во Солун постои Вицеконзулат на Прусија. Германската политика кон Балканот е протурска.

Македонско-германски односи
Map indicating locations of Germany and Macedonia

Германија

Македонија

Германската дипломатија со внимание го следи избувнувањето и текот на Илинденското востание и преку амбасадорот во Цариград му сугерира на султанот со енергични мерки да ја задуши македонската револуција. Врз основа на Мирцштешкиот договор, Германија учествува во организирањето на жандармериското училиште во Солун што го раководи мајорот Фон Алтен. Претставник на Германија учествува во работата на Финансиската комисија за Македонија. Во времето на Балканските војни зазела неутрален став и ја прифатила поделбата на Македонија со Букурешкиот договор. Потпишала таен Договор за Сојуз со Бугарија (1915) и гарантирала да ја окупира и да ја анектира целата територија на Македонија под власта на Србија, а во случај на војна со Грција и целиот Егејски дел од Македонија под власта на Грција. Кон крајот на 1916 г. и во почетокот на 1917 г. иницирала, со ВМОРО на Александров и на Протогеров, да се прогласи создавање автономна македонска држава. Водачите не го прифатиле тоа, за нив Македонија била слободна и национално обединета во единствена бугарска држава. Пред почетокот на Втората светска војна на Балканот Германија се обврзала кон Југославија, при пристапување кон Tројниот пакт, да го добие Солун.

По превратот во Југославија и по откажувањето од Tројниот пакт донела одлука за уништување на Југославија и со Италија договорила поделба на Македонија меѓу Бугарија и Италија, односно Албанија. Пред капитулацијата на Бугарија (летото 1944) Германија го активирала планот да прогласи создавање независна држава Македонија со ВМРО на Иван Михајлов.

По прогласувањето на државната самостојност и на независноста Германија ја поддржала Грција за спречување на признавањето и за прием во ОН под уставното име. Tаа ја призна РМ како ПJРМ. СР Германија ја признава РМ на 8 април 1993 г. Дипломатските односи се воспоставуваат на 16 јули 1993 г. и со тоа (1992) се отвора конзулат на СР Германија во Скопје. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на СР Германија во РМ е Ханс Лотар Штефан. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ во СР Германија е Срѓан Керим.

Литература

уреди
  • Ѓорѓи Стојчевски, Германски документи за политиката на Германија и европските големи сили во Македонија 1904–1910 година, Скопје, 2005.
  • Ахил Tунте, Република Македонија – прва декада (1990–1999), Скопје, 2005;
  • Македонија во билатералните и мултилатерални договори, Скопје, 2000;
  • Македонија во меѓународните договори 1913– 1940, Скопје, 2006;
  • Ханс Лотар-Штепан, Македонскиот јазол, Скопје, 2004;
  • Германски документи за Македонија, 1, редакција на д-р Марјан Димитриевски, Скопје, 2001.