Македонски претставки
Можно е списокот да е нецелосен.
Претставка | Значење |
---|---|
баш- | Како прв дел од полусложенки со значење ‒ прв, главен, најдобар, најважен; првокласен: башмајстор, башместо, башпријател итн. |
без-, бес-, бе- | Претставка за образување на именки и придавки, а поретко на прилози и глаголи, со значење на отсуство, немање, недостиг на нешто што е именувано во основата или лишеност од нешто. Примери: безработица, безумство, безгласен, безводен, безделничи, безбоен, безгласен, безверник, беззаб, беззаконие, беспат, беспаќе, бесвест, бескаматен, бескарактерен, бескласен, бескомпромисен, бесконечен, бескорисен, бескраен, бескрај, бескраен, бескрвен, бескуќен, бескуќник, бесмислен, бесмислица, беспарица, беспилотен, бесплатен, бесплоден, беспоговорен, беспогрешен, беспокои, беспокој, бесполов, беспомошен, беспорочен, беспотребно, беспоштедно, бесрамие, бесрамник, бессемен, бессемеен, бессилие, бессознание, бессоница, бесчестие, бесшумен. |
благо- | Како прв дел од сложенки со значење добар, пријатен, мил, на пр. благодушен, благозвучен, благороден. |
в-, во- | Претставка 1. За образување глаголи со значење: а) Упатеност, насоченост кон некаква внатрешност: вглави, вдене, вдлаби, вовре, вотне, воведе, вовлече, впие (се). б) Поголем интензитет на дејството: вгледа (се), вслуша се, вгорешти се. в) Преминување во нова состојба, добивање нов квалитет: вгорчи (се), втврдне (се), вдетини (се), вѓаволи (се). 2. За образување прилози со значење упатеност, насоченост, правец: вкуќи, вземи, вдесно, влево. |
високо- | Како прв дел од сложенки со значење: а) Што се издига високо (високоградба, висококатница); б) Што го има во голема мера, во голем степен тоа што е означено со вториот дел од сложениот збор (висококвалитетен, висококвалификуван, високообразован). |
вон- | Како прв дел од сложенки со значење дека е нешто надвор од тоа што е означено со вториот дел (вонбрачен, вонреден, вонсериски, вонучилиштен). |
дво- | Како прв дел од сложенки со значење дека е двојно, два на број тоа што го означува основата на вториот дел на сложениот збор: двоглав, двогодишен, дводневен, двокатен, двокатница. |
девет- | Прв дел од сложени придавки и именки кој покажува дека од тоа што го означува основата во другиот дел од сложенката има девет: деветгодишен, деветмесечен, деветпроцентен. |
до- | Претставка за образување на глаголи (и на други зборови изведени од нив – придавки, именки, прилози) со значење: а) Доведување на дејството до крај (догори, догради, дојаде, дослужи). б) Достигнување до некое место, граница или цел (доведе, досегне, дотече, доплива). в) Дополнително вршење на дејството (дочита, долее, досипе, докупи). г) Почеток на дејството (доболи, дожали, дотажи, дотежне). |
едно- | Како прв дел во сложенки со значење: 1. Вториот дел од сложениот збор се јавува во количество еден. (едновековен, едногодишен, еднојазичен, еднојајчен, еднокатен, едноклеточен и др). 2. Еднаков, ист со некој друг или со нешто друго според значењето на вториот дел од сложениот збор. (едноверен, едновремен, едноимен, еднокрвен, едномисленик и др.). |
жолто- | Како прв дел од сложенки со значење: 1. дека означеното со вториот дел од сложенката е жолто: жолтобрад, жолтокос, жолтолик, жолтоок; 2. дека бојата означена со вториот дел од сложениот збор има жолта нијанса: жолтозелен, жолтоцрвен, жолтозеленикав. |
за- | Претставка за образување глаголи со следниве значења: 1. Почеток на дејство: заплива, заниша, заоди, задроби, задлаби. 2. Крај на дејството: задави, загуби, задоволи, зарази, заљуби. 3. Површно дејство, во мала мера: затрие, замие, замачка, замазни, забели. 4. Дејство во или околу просторот: забива, завитка, затрупа, замаскира, замота. 5. Дејство со посилен интензитет: се зазборува, се заседи, се запие, се закашла. |
зад-, зат- | Претставка со значење од другата страна на она што е означено со основата на зборот: задграничен, задгробен, заткулисен, задутре, затскрие. |
зелено- | Како прв дел од сложенки со значење: 1. дека означеното со вториот дел од сложенката е зелено: зеленоок. 2. дека бојата означена со вториот дел од сложенката има зелена нијанса: зеленожолт, зеленомаслинест, зеленосин, зеленокафен. |
из-, ис- | Претставка за образување на глаголи со значењата: 1. Управеност на дејството надвор или нагоре, според значењето на основниот глагол, од некое место, издвојување од некоја средина: избега, извади, извлече, изгони, излее, излета, ископа (од некаде), истера. 2. Полно извршување на глаголското дејство, доведување до резултат: избрише, извежба, изгасне, издроби, измие, изора, изрони, искине, испреде, истреби, истриже, исчита. 3. Извршување на дејството во голема мера, темелно: извари, извиди, изгледа, излепи, измеси, испраша, испроба, истокми. 4. Дејство што опфаќа повеќе објекти или субјекти: избакне, изгине, изгости, издави, излови, изроди, изумре, исколе, истепа. |
казнено- | Како прв дел од сложенки означува дека тоа што е означено со вториот дел се однесува на казна, казнување или на кривично право: казненопоправен, казненоправен, казненосудски. |
кусо- | Како прв дел од сложенки со значење дека тоа што е искажано во вториот дел е кусо по должина или по траење. |
меѓу- | Како прв дел од зборот може да означува: 1. Дека нешто се наоѓа помеѓу деловите на тоа што е именувано со вториот дел (меѓукат, меѓупростор, меѓувреме, меѓурек, меѓунаслов); 2. Дека означеното со вториот дел се однесува на повеќе такви елементи (меѓународен, меѓуградски, меѓудржавен, меѓуетнички, меѓупартиски, меѓурегионален). |
многу- | Како прв дел од сложени зборови значи дека тоа што го означува вториот дел од сложениот збор е изразено во големо количество, во голема мера, во голем број; значењето во голем број често се изразува и со повеќе (многугодишен / повеќегодишен). |
на- | Претставка во образувањето на глаголи, а поретко на други видови зборови. 1. Почести значења на глаголите со претставката на- се: а) изобилно, прекумерно извршување на дејството (накупи, наноси, наготви, се наигра, се нашета), б) дејство во мала мера (напукне, нагори, начуе, нагорчува), в) целосно извршување на дејството (напои, навезе, набере, нагости), г) дејство што се врши врз нешто (наметне, нарами, нагази, налепи). 2. Во именските образувања означува предмет што се наоѓа врз тоа што е именувано со основната именка (нараквица, нарамник, напрсток). 3. Прилошките образувања со оваа претставка одат со значење на место (надвор, наваму, напред, насекаде), време (набргу, наскоро, напладне) и начин (насила, навреме, најаве, насоне). |
над-, нат- | Глаголите со оваа претставка најчесто значат: а) дејство што надминува, надвишува исто такво друго дејство во однос на брзина, времетраење, квалитет, степен и сл. (надвика, надгласа, надживее, наттрча, натпее, натпие, натфрли), б) извршување на дејство над нешто, одозгора (надвисне, надлета, наднесе, наткрили). Кај именските зборови означува: а) објект што е продолжение или се наоѓа врз тоа што е именувано со основниот збор (надградба, надвозник), б) лице или институција од повисок ранг во однос на означеното во основата (надвојвода, надбискуп, надбискупија), в) определба дека нешто се наоѓа повисоко, погоре од нешто (надбубрежен, надморски, надземен, надгробен), г) признак во определена мера (натпросечен, натчовечки), д) дека нешто не зависи, не е обусловено од означеното во основата (наднационален, натпартиски). |
нај- | Претставка за образување суперлатив кај придавките и прилозите, а ретко и од некои именки и одделни изрази: најдобар, најубав; најбрзо, најрано; најмајстор, најјунак; најнаисток, најназапад, најнасевер, најнајуг; најнеучи, најнезнае. |
не- | Претставка со значење: 1. Во именки и придавки го негира тоа што го означува зборот или определено негово значење: непријател, недругар, недомаќин, нечовек, неважен, недраг, незадоволен, неженет. 2. Изразува намален степен на качеството на придавката: недобар, нездрав, незрел, неправ, неубав. 3. Внесува значење на неопределеност кај заменски зборови и прилози: некој, нешто, некаков, некаде, некако. 4. Внесува спротивно значење кај глаголски именки: недоаѓање, неврзување, непостоење, неразбирање. |
ни- | Претставка за образување зборови за изразување негација, за засилено целосно одрекување. Ниеден, никаде, никако, никаков, никогаш, никако, никој, николку, ништо. |
о- | Претставка за образување глаголи со значење: 1. Извршување на дејство околу нешто (окове, оплете, олупи); 2. Свршеност на дејството (одере, ожние, отруе); 3. Придавање особина означена со основата (облагородува, оживува, оздравува). |
об-, оп- | Претставка за образување глаголи, најчесто со значење – дејство што го опфаќа објектот од сите страни: облепи, опшие, опсипе. |
обез-, обес- | Сложена претставка за образување глаголски и одглаголски форми, со значење лишување од нешто, немање на нешто: обезвредни, обезглави, обезличи, обесправеност, обесхрабри, обесштетување. |
оловно- | Како прв дел од придавски сложенки означува – со нијанса, со боја на олово. Оловносиви, оловносини, оловнозелено, оловнотемен. |
пет- | Како прв дел од сложенки со значење: пет од тоа што е означено во вториот дел од сложениот збор: петаголен, петаголник, петвековен, петгодишен, петдневен, петилјаден, петкатница, петмилионски, петминутен и др. |
по- | I. Претставка во состав на придавки со значење ‒ што се случува, што доаѓа по тоа што е означено со основната придавка: повоен, подипломски, попладневен, посмртен. II. Претставка со споредбено значење - служи за образување компаративна форма од придавки и прилози, ретко од некои именки и одделни изрази: подобар, поблизок, помалку, почесто, помајстор, појунак, понаисток, поназапад. |
повеќе- | Како прв дел од сложен збор значи дека означеното со вториот дел се содржи, го има во поголем број: повеќедневен, повеќеслоен. |
под-, пот- | Претставка во состав на глаголи, именки и придавки со следните значења. 1. Во образувањето на глаголи означува: а) глаголско дејство извршено под нешто, одоздола, на долната страна: подѕида, подлока, подметне, поткладе, поткове, поткопа, потпали, потпише, потцрта, потшие; б) дејство извршено во мала мера, донекаде: подбегне, подбркне, подвене, подлавне, подроси, поткара, потпушти, потстане, поттргне, поттурне; в) прикриено, слабо изразено дејство: подлаже, потскара, подјаде, подмигне, подрече, поткаже, поткупи, потплати, потпраша, потслушне, потчуе; г) целосно извршено дејство: подготви, подмачка, поткине, подреди, потсети (некого), потсири; д) добие или направи да добие некој или нешто особина, својство на именката или на придавката од основата на глаголот: подмлади, поджолтне, поткисели, потсоли, поткваси. 2. Во образувањето на придавки и именки означува: а) лице од понизок ранг, пониско звање од означеното со основниот збор: подофицер, потполковник, потпретседател, потсекретар; б) дел, раздел во некоја целост, тоа што е на пониско ниво во претставата на некоја поделба, класификација: поднаслов, потпрашање, подвид, подгрупа, подраздел, поттип, потточка; в) дел, слој, простор, предмет што се наоѓа под означеното со основната именка: подбрадок, потколеница, подочници, поднебје, подножје, потпокрив, подопашник, подморница; г) што се наоѓа под означеното со основната именка: подводен, подземен, поткожен. |
подиз- | Сложена претставка (под- и из-/ис-) со значење вршење на дејството во мала мера, донекаде (подизбистри, подизведри, подизвлече, подиздлаби, подизлади и др.). |
поиз- | Сложена претставка за образување префиксирани глаголи: поизбега, поизвади, поизгони, поизмие, поизлепи, поизмеси итн. |
поизна- | Усложнета претставка со по- кон двојно префиксиран глагол (поизнавалка) со значење нагласено дејство или состојба до највисок степен според значењето на веќе префиксираниот глагол: поизнабоде, поизнавади, поизнагледа, се поизнаигра, поизнајаде, поизнакити, се поизналежи, поизналути, поизнапие, се поизнаслуша, се поизнашета. |
полу- | Како прв дел од сложени зборови значи: половина од тоа што е означено со вториот дел (полукруг, получасовен) или делумно, донекаде како тоа (полубрат, полугладен). |
поне- | Како прв составен дел од несвршени глаголи со значење – не толку, не во толкава мера како порано или како некој друг, помалку, во помала мера: понеболи, понегледа, понегреши, понејаде, понелаже, понеможе, понеоди, понепие, понеработи, понеразбира, понесака, понеспие, понетежи и др. |
пораз-, порас- | Усложнета претставка (сп. по- и раз- / рас- ) што означува: а) дека е дејството на првично префиксираниот глагол извршено малку, во мала / некоја мера, во некој степен или уште малку: поразбушави, поразгради, пораздвижи, се пораздени, поразмисли, поразувери, порасече, порашири и др. б) дека извршувањето на дејството на првично префиксираниот глагол има дистрибутивно обележје, т.е. опфаќа множество, многумина, сите (до еден): се поразболи, поразбрка, поразбуди, поразмести, се поразотиде и др. |
прa- | Претставка за образување именки и придавки со значење: а) Степен на родство по нагорна или надолна линија (прабаба, прадедо, правнук). б) Првобитност, примарност, најголема старост на тоа што е именувано со основата (прајазик, праоснова, прататковина, прачовек). |
прaво- | I. Како прв дел од сложенки со значење што се однесува на прав 1, 2 и 3 (правоаголен, правоговор, правописен, правоверен). II. Како прв дел од сложенки со значење што се однесува на право (правобранител, правосудство). |
прво- | Како прв дел од сложенки со значење прв во нешто, прв според нешто: првоборец, првокласен. |
пре- | I. Претставка за образување глаголи со следните значења. 1. Насока на глаголското дејство преку или низ нешто, движење од едно место до друго, од една страна до друга: прегази, прелета, прерипне, префрли, пречекори, пребега, претрча, премести, премине, пренесе, преплива. 2. Повторно извршување на дејството, често и на подруг начин, поинаку: предипли, преигра, прекопа, прекрои, премеле, премете, прениже, преправи, препраша, преработи, пререши, пресними. 3. Извршување на дејството над вообичаената, нужната мера, претерано, често и со непожелни последици: превари, презрее, се прејаде, се препие, препече, пресуши, пресоли, преумори. 4. Поделба на предмет, разделување на два или на повеќе делови: превитка, прегради, прегризе, прекине, прекрши, пререже, пресече, престегне. 5. а) Опфаќање на предмет (по обемот): преврзе, преграби, прегрне, преклопи, препаше; б) Интензивно, сеопфатно извршување на дејството: пребара, премрзне, препати, препукне, преслуша, претрпи. 6. Престанување на дејството што било во тек; свршеност на дејството: преболи, преврне, прегрми, прежали, прекапе, прекриви, прелути, преврти, прегори, прегреши, преноќева, претопи, прецути. II. Претставка за образување: а) Придавки со значење највисок степен на тоа што го означуваат тие: пребогат, предобар, премил. б) Именки со значење сродство (во напоредна употреба со претставката пра-): пребаба, предедо, превнук. |
при- | Претставка за образување глаголи, именки и придавки. 1. Во образувањето глаголи најчесто означува: а) приближување, доближување или составување, спојување (приведе, привлече, принесе, притрча, прикове, прилепи, пришие); б) извршување на дејството во мала мера, во кратко време (приварди, придржи, прилегне, приседне, притрпи се, причека, причува); в) продолжување, одново вршење на дејството, додавање, дополнување (привезе, приплете, приткае, принабере, присади, притури); г) неочекувано, ненадејно и обично краткотрајно дејство (привика, пригрми, приклука, приплука, притропа); д) ненадејно појавување на силна неизбежна потреба на логичкиот субјект со заменските форми ми (ти, му ...) се (ми се пријаде, ми се припие, ми се придрема, ми се приспие). 2. Во образувањето на именките означува лице или предмет што го нема наполно својството на основна именка (прибрат, примајка, приколка, примирје, призвук). 3. Кај придавките означува близина до нешто или блиско, во помала мера изразено својството на основата (приградски, приморски, прирачен; приглуп, припрост, пристар). |
про- | Претставка за образување глаголи, именки и придавки. 1. Кај глаголите се јавува со значење: а) движење низ нешто, помеѓу нешто (пробие, провлече, проглода, прокопа); б) дејство што се распространува со сета своја полност по целиот обем на предметот (провери, проврие, проучи, протатне); в) дејство или движење што се одвива покрај нешто (пројде, пролета, профучи); г) дејство што се извршува во помала мера или недоследно, неточно, непотполно (пробара, прокасне, пророси, прочисти, протрие); д) дејство што се појавува првпат (прооди, прозбори, процвета, пропее); ѓ) завршено дејство, краен резултат (продаде, пронајде, проколне, прочита). 2. Кај именките и придавките означува позитивен однос, приврзаност, наклонетост, симпатија кон тоа што го означува основната именка, придавка: пролиберал, просоцијалист, проамерикански, пробугарски, проевропски. |
раз-, рас- | Претставка за образување глаголи со следните значења. 1. Почеток или извршување на некакво дејство со голема сила, со силен интензитет: разбаботи, разгори, разблее, разбрбори, разбрмчи, развика, развреска. 2. Дејство спротивно на дејството изразено со основниот глагол: развитка, разврзе, размрзне, размрси. 3. Извршување на дејството од глаголот во различни насоки со голема сила: разбутка, разгони. 4. Извршено дејство, при што како резултат целината се дели на делови: раскрои, расече. 5. Доведување на дејството на глаголот до резултат којшто целосно го опфаќа дејството: развари, разбрка, разработи, разубави. 6. Извршување на дејството во целост, до крај: распродаде, разграба. 7. Добивање на особина изразена во придавката или именката од која е изведен глаголот, изразување на состојба: разболи се, разбесни, разлути. 8. Ублажување на интензитетот; прекин или крај на некаква состојба: разблажи, разбуди, раздени. |
разно- | Како прв дел во сложени зборови со значење дека е различно, нееднакво, со различни својства тоа што е означено во вториот дел (разнобоен, разновиден, разнолик). |
рамно- | Како прв дел од сложенки со значење ист, еднаков со некој друг или со нешто друго според означеното со вториот дел од сложенката (рамноправен, рамноделен, рамнозначен, рамнокрак, рамносилен). |
с-, со- | Претставка 1. За образувања глаголи со значење: а) Едновременост на дејствата или исполнување на едно дејство со друго, при што се подразбираат повеќе учесници во дејството: согласи се, сортачи се, соживее се. б) Движење одозгора надолу или оддалечување од некоја точка: свисне, сведне, свлече се, стркала се. в) Движење од различни места до една заедничка точка: собере, стече. г) Движење по површината на некој предмет: содере, спружи, слупи се. д) Добивање нова особина на предметот, најчесто кај глаголи со именска основа: скисели се, скамени се, смрзне, спитоми, стопли, сцрви. ѓ) Почетна свршеност: свика, срика, снеможе, списка, стрча се. е) Завршна свршеност: скара (се), скорне, скрие се, смисли, соџвака. 2. Само претставката со-. За образување именки со значење: лице што се наоѓа во меѓусебен однос со лицето именувано со мотивирачката именка (соавтор, соговорник, сограѓанин, соработник, соборец, соученик). |
само- | Претставка за образување глаголи, именки и придавки. 1. Кај глаголите се јавува со значење автоматски, без помош од страна, вршење, извршување на дејството искажано со коренот на глаголот што е втор дел на сложенката (се самовоспита, се самозалажува, се самокритикува, се самообразува, се самоограничи). 2. Кај именките и придавките означува дека се однесува на самиот себеси тоа што го означува вториот дел од сложената именка, придавка (самодисциплина, саможртва, самозаштита, самоизмама; самосвесен, самоуправен, самопрегорен, самозапалив, самокритичен). |
светло- | Како прв дел од сложенка со кој се означува послабо изразена, бледа нијанса на некоја боја: светложолт, светлозелен, светлокафен, светломодар. |
себе- | Во сложенки означува дека тоа што значи вториот член се однесува на самиот себе, на пр.: себеафирмирање, себеизразување, себеистакнување и др. |
сино- | Како прв дел од сложенки со значење: 1. Дека означеното со вториот дел е сино: синоок и др. 2. Дека бојата означена со вториот дел има сина нијанса: синовиолетов, синозеленикав, синозлатен и др. |
ситно- | Како прв дел од сложени зборови (именки и придавки) со значење: 1. Што нема големи размери: ситноглавка, ситногорица, ситноклас, ситнозрнест, ситнолик, ситноод и др. 2. Што има ограничена економска сила: ситнобуржоаски, ситносопственички, ситносопственик и др. |
сребро- | Како прв дел од сложен збор значи дека тоа што е именувано со вториот дел од сложениот збор е од сребро или како од сребро, сребресто (обично во поетскиот јазик): сребробел, среброглав, среброкос. |
слабо- | Како прв дел од сложенки со значење слаб: слабоволен, слабодушен, слабокултурен и др. |
танко-, тенко- | Како прв дел од сложенки со значење дека тоа што е искажано во вториот дел од сложенката е танко: танковрат, танконог, танколик, тенколик, тенконог, тенколист итн. |
темно- | Како прв дел од сложенки со значење: 1. Што има потемна, позатворена боја, што е со потемна нијанса: темножолт, темнозелен, темносин, темносив, темноцрвеникав итн. 2. Што е со боја блиска до црната, темен: темнокос, темноок, темнолик, темнокрил итн. |
три- | Претставка со значење три од тоа што е означено во коренот на зборот: триаголен, триаголник, трибоен, тривековен, тригодишен, тригодишнина, тридневен, триилјаден, трикатница, тримилионски, триминутен и др. |
триста- | Како прв дел од сложени придавки и именки кој покажува дека од тоа што го означува основата во вториот дел на сложенката има триста: тристагодишен, тристагодишнина. |
у- | Претставка кај глаголите и изведувањата од нив за искажување на свршеност на дејството (уапси, умножи, уништи, услужи, устрои, утеши) или на насоченост на дејството во внатрешноста на нешто (упадне, уткае, увие). |
широко- | Прв дел од сложен збор со значење: а) Што е нагласено во напречен размер (широколистен, широколик, широкоград). б) Што е распространет, опширен, сеопфатен (широкообразен, широкостран). |