Липова Ливада
Липова Ливада — планински превој кој се наоѓа на планината Галичица, на надморска височина од 1.568 м, во југозападниот дел на Македонија. Ги спојува котлините на двете природни езера Охридското и Преспанското. Преминот е повремено затворен за сообраќај во текот на зимските месеци после обилни врнежи од снег.
Липова Ливада | |
---|---|
Галичица Свети Ѓорѓи | |
Надм. вис. | 1.568 м |
Пат | |
Место | помеѓу Охридско и Преспанско Езеро |
Венец | Галичица |
Координати | 40°57′14″N 20°48′45″E / 40.95389° СГШ; 20.81250° ИГД |
Превојот исто така е познат и под имињата Галичица, Свети Ѓорѓи и други.
Општи податоци
уредиПланинскиот премин Липова Ливада се наоѓа на планината Галичица на регионалниот пат Р2332. До него се стигнува по широк двонасочен асфалтен пат доаѓа од селата Трпејца и Љубаниште, од охридска страна, и асфалтиран пат што почнува од Отешево, на преспанска страна. Важи за еден од најубавите превои во Македонија заради движењето низ националниот парк, глетката што ја нуди и сенките што даваат заштита во летниот период. Превојот е многу користен од професионалните велосипедисти и рекреативците. Патот до превојот од преспанска страна се користи за време на фестивалот на отворено „Тур де Галичица“.
Патот до превојот, всушност, се движи во раседот што ги дели Стара и Млада Галичица.
Детали за искачувањето
уредиДо превојот се стигнува од две страни.
Од охридската страна има две можности. Едната тргнува од село Трпејца и до превојот има вкупно 16,3 километри, со вкупно искачување од 830 метри. Просечниот агол на искачување изнесува 5,4%. Со оглед на тоа дека Галичица се смета за релативно сува планина, за освежување останува местото Корита на 11,6 километри од Трпејца. Оваа чешма е активна во текот на целата година. Втората можност за искачување почнува во селото Љубаништа и до превојот има вкупно 17,6 километри при што се искачува висинска разлика од 850 метри со просечен агол од 4.8%. Патиштата од Трпејца и од Љубаништа се спојуваат и заедно продолжуваат кон превојот. Од Трпејца спојувањето е на 2,8 километри, а од страната на Љубаниште на 4,1 километар. На патот нема многу сообраќај но сепак мора да се внимава на острите кривини каде што може да има големи туристички автобуси. Стартот на искачувањето од оваа страна е на 733 мнв. Од преспанска страна патот почнува од Отешево и се движи низ прекрасен кривулест пат покриен со густа шума, а наместа се отвора и нуди прекрасен поглед на Преспанското Езеро со селото Стење, целата западна страна на езерото и островот Голем град. Патот е долг 14,3 километри и искачува вкупно 710 метри, со просечен агол од 4.9%. Стартот на искачувањето од оваа страна е на 872 мнв.
Места за одмор и рекреација
уредиИскачувајќи ја планината Галичица, од охридска страна, ќе наидете на две впечатливи излетнички места: Корита и Коритски Рид. На корита има поставено многу летниковци и клупи и чешма со слатка студена вода. После Корита, од десната страна на патот се наоѓа видиковецот Коритски Рид што нуди прекрасен поглед на целото Охридско Езеро и околните планини и населени места.
Во близина на превојот се наоѓа и планинарска куќарка.